Плакат за Фестивалот за класичен балет и модерен танц

Простор каде се среќаваат традицијата, современиот израз и младите таленти

Ново издание на Фестивалот за класичен балет и модерен танц ќе се одржи од 6 до 9 јуни во Македонски народен театар, во организација на Детски културен центар „Карпош“.

Ова уникатно културно случување, единствено од ваков тип во нашата земја, веќе шест години претставува значајна референтна точка за сите љубители на балетската уметност и современиот танц. Како што истакна директорката д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, „фестивалот претставува простор каде се среќаваат традицијата, современиот израз и младите таленти кои се иднината на македонската танцова сцена“.

Организацискиот одбор на фестивалот едногласно одлучи престижната награда за животно дело „Ѓорѓи Македонски“ оваа година да ѝ биде доделена на Зоица Пуровска Велевска, „како признание за нејзиниот исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на балетската уметност“, истакна м-р Маја Каревски, која се јавува и како уметнички директор на фестивалот.

Исто така, награда „Ѓорѓи Македонски“ се доделува на талентираниот млад танчер Лука Ѓорѓиевски за неговата креативност, труд, уметнички потенцијал, посветеност и достигнувања во областа на танцовата уметност.

Во рамки на шестото издание ќе бидат реализирани две фестивалски вечери и две работилници посветени на класичниот балет и модерниот танц. Публиката ќе има можност да проследи настапи на извонредни и талентирани танчери, балерини и уметници, кои преку својата уметност ја продолжуваат и збогатуваат македонската танцова сцена.

Гости на фестивалот ќе бидат солистите Наташа Трендафилова Гицев и Baláz Lőcsei од Националната опера и балет, Националниот балет на Косово, учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, гости од „Istanbul Junior Ballet“, како и „Денс студио Мак“ од Куманово, балетското студио „Балерина“, како и членовите на балетската секција при Детскиот културен центар „Карпош“.

Статуетките и оваа година се изработени специјално за фестивалот од „M Art Gallery“, додека поддржувачи на фестивалот се и „Mayo store“. Фестивалот за класичен балет и модерен танц се реализира со поддршка на Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот