Сомнителни исплати во Академијата на судии и јавни обвинители, но и блокирани генерации за кои се вложиле многу пари
Низа неправилности во финансиското и организациското работење на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се констатирани во најновите наоди, кои отвораат сериозни прашања за законитоста и транспарентноста на институцијата, утврдил Државниот завод за ревизија кој го објави конечниот ревизорски извештај за Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година.
Препорачано
Според утврденото, исплатите на надоместоци за членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет се вршеле месечно и во целост, наместо пропорционално според присуството на седници, што е спротивно на принципите на отчетност. Дополнително, законскиот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци, со што биле предизвикани дополнителни финансиски трошоци за ментори и координатори.
Ревизијата покажува дека дел од договорите со менторите за практична настава биле склучени дури по истекот на периодот на менторство, додека средства биле исплатувани и на координатори чиј статус, права и обврски воопшто не се утврдени со Законот за Академијата. Исто така, надоместоци добивале и членови на комисии за оценување на практичната настава, иако вакво право не е предвидено во законската рамка.
Дополнителни неправилности се констатирани и во делот на работните односи, каде е надминат законскиот максимум за прекувремена работа без претходно писмено известување до надлежниот трудов инспектор. Во еден случај, на вработено лице му биле исплатени средства за прекувремена работа во денови кога истовремено му биле исплатени дневници за службено патување во странство, како и за присуство на седница одржана во текот на редовното работно време.
Недостатоци се утврдени и во материјалното работење – не постои евиденција за тоа на кои лица и за која намена им се издаваат картички за гориво. Во делот на јавните набавки, во тендерската документација бил вклучен критериум што не е директно поврзан со предметот на набавката, а во одредени случаи биле набавувани стоки и услуги без воопшто да се спроведе постапка за јавна набавка.
Всушност од 2011 до 2023 година постојано се користел ист економски оператор без конкуренција и се применувала постапка преговарање без оглас. Освен ова утврдени се и проблеми со полагањето на испити, системот за електронско тестирање не функционирал, владата предложила полагање на хартија, па бил изменет Законот за да се дозволи тоа.
Но ревизорот вели дека нема доволна сигурност во резултатите, тестовите не се сериски нумерирани, резултатите не се читаат веднаш. Постапката за прием на 130 слушатели била прво стопирана од ДКСК, а потоа дополнително блокирана од Владата, за во декември 2025 година конкурсот да биде целосно поништен.
Прашањата кои ги покрива овој извештај биле дискутирани на завршниот состанок со раководството и одговорните лица на Академија за судии и јавни обвинители одржан на 04.02.2026 година, за кои дале свои коментари и објаснувања.
Писмени забелешки на извештајот дала поранешната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер – Дамјановска. Таа одговара посебно на сите забелешки и заклучува:
-Би сакала да истакнам дека констатираните пропусти не се резултат на намера за заобиколување на законските одредби, туку произлегуваат од објективни околности и исклучително интензивен обем на работа во периодот од декември 2018 до јуни 2024 година, при што по преземањето на функцијата беше затекната Шестата генерација, беше спроведен завршен испит за 37 слушатели, прием и целосна реализација на Седмата генерација (60 слушатели), прием и спроведување на теоретска и практична обука за Осмата генерација (97 слушатели), како и започнат приемен процес за Деветтата генерација (130 слушатели), кој беше прекинат поради изборниот процес, паралелно со континуирана едукација и интензивна меѓународна соработка. Имено во рамки на јавните огласи за прием на седмата, осмата и деветтата генерација беа пријавени над 1600 кандидати за кои беше вложен огромен труд и напор со мал број на човечки ресурси да се спроведе целокупниот процес на селекција и прием на слушатели, почнувајќи од административна селекција на документите на кандидатите, па се до организација на сите делови од испитниот процес, а при тоа да се запазат сите законски рокови и процедури. Впрочем, приемот и обуката на нови генерации идни судии и јавни обвинители е суштината на постоењето на оваа институција – се вели во нејзиниот одговор.
Оваа закочена генерација имаше огромно влијание врз судскиот и обвинителскиот кадар, па граѓанските организации цело време апелираат за кусокот на судии и обвинители, но и немањето кадри.


