„Љубовта како музика“: Театарска критика на Весна Петрушевска за мјузиклот „Као какао“
Мјузиклот „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, по текст на Венко Андоновски и во режија на Дејан Пројковски, претставува еден од најамбициозните обиди за создавање оригинален македонски мјузикл во поновата македонска театарска продукција. Станува збор за проект кој не се обидува само да ги постави на сцена препознатливите песни на Влатко Стефановски, туку преку нив да изгради кохерентна театарска приказна во која музиката, драмата и движењето функционираат како единствен сценски организам.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во својата основа, претставата раскажува љубовна приказна помеѓу Дона и Џими, паралелно следејќи ја борбата на еден млад музичар да успее со својот бенд „Као какао“ и да го освои светот. Но вистинската вредност на текстот на Венко Андоновски не лежи само во приказната што ја раскажува, туку во начинот на кој таа е изградена врз музичкиот универзум на Влатко Стефановски. Андоновски успева да создаде драмска структура во која песните не се додаток на дејството, туку негов органски дел. Тие ја движат приказната, ги обликуваат ликовите и создаваат емотивни премини што тешко би можеле да се постигнат само со збор.

Во исто време, низ текстот суптилно провејува и духот на Горан Стефановски. Не како директна референца, туку како чувствителност кон љубовта, градот, пријателството, слободата и човековата потреба да го пронајде сопственото место во светот.
Најголемата сила на „Као какао“ сепак останува музиката на Влатко Стефановски. Не затоа што е позната, туку затоа што е длабоко вградена во емотивната меморија на неколку генерации. Малкумина автори успеваат нивната музика да стане дел од личните биографии на луѓето, а токму тоа е случајот со Стефановски.
Додека низ претставата се нижат „Ја нисам твој“, „Као какао“, „Чувам ноч од будних“, „Калабалак“, „Скопје“, „Чукни во дрво“ и „Учи ме мајко, карај ме“, гледачот престанува да биде само набљудувач на сценското дејство. Тој станува учесник во сопствените сеќавања. Стиховите отвораат простори исполнети со изгубени љубови, погрешни избори, младешки заблуди и радости. Во еден миг се враќаме во детството, во друг во младоста, а потоа повторно во сегашноста.
Особено е фасцинантна способноста на музиката на Стефановски истовремено да предизвикува носталгија и животна енергија. Кога од сцената ќе одекне „Скопје“, рацете речиси инстинктивно се креваат нагоре. Кога ќе зазвучи „Чувам ноч од будних“, секој во салата пронаоѓа некоја своја приказна. Во тие моменти претставата престанува да биде само театар и станува колективно емотивно искуство.
Режијата на Дејан Пројковски внимателно го гради балансот помеѓу интимното и спектакуларното. Без непотребна патетика и без визуелна агресивност, тој создава сценски свет во кој музиката останува во центарот на вниманието. Еден од највпечатливите моменти е сцената во која гледачот, со затворени очи, е убеден дека гитарата ја свири самиот Влатко Стефановски. Дури кога Пројковски го подига просцениумот се открива младиот гитарист Стефан Петановски, чија виртуозност ја продолжува музичката традиција на еден нов и свеж начин.

Значајна улога во успехот на претставата има оркестарот под водство на Бобан Мирковски. Неговата работа се одликува со исклучителна посветеност и јасно изграден музички идентитет. Особена емотивна тежина носи појавувањето на Јан Стефановски на тапани. Во тие моменти не се чувствува само присуството на врвен музичар, туку и континуитетот на едно семејно и уметничко наследство што продолжува да живее.
Особено значајна е сценографијата на Валентин Светозарев, која функционира како самостоен драматуршки слој во претставата. Судирот помеѓу макетата на старо Скопје и монументалната естетика на „Скопје 2014“ отвора простор за размислување за меморијата, идентитетот и промените низ кои минува градот. Наместо директен коментар, сценографијата буди чувства на носталгија и припадност, оставајќи му на гледачот самиот да ја изгради сопствената интерпретација.
Визуелната поетика дополнително е збогатена со внимателно осмислениот светлосен дизајн. Низ контрите, симболичните улични перспективи и постојаното моделирање на сценскиот простор, светлината станува активен учесник во раскажувањето. Таа не служи само за осветлување на актерите и сцената, туку создава атмосфери, емоционални премини и асоцијативни слики што ја збогатуваат целокупната режисерска визија. Во одредени моменти светлото го претвора сценскиот простор во градска улица, во интимен спомен или во простор на сонот, придонесувајќи за впечатокот дека реалноста и меморијата постојано се преплетуваат.
Костимографијата на Марија Пупучевска е целосно во функција на режисерската визија на Дејан Пројковски. Ослободена од непотребна претенциозност и визуелен егзибиционизам, таа ја следи логиката на ликовите и атмосферата на претставата. Токму во таа одмереност лежи нејзината сила – костимите не бараат внимание за себе, туку му служат на дејството, музиката и актерската игра, создавајќи кохерентна сценска целина.

Најголемиот товар на претставата го носи Владимир Петровиќ во улогата на Џими, лик кој очигледно е замислен како младешка рефлексија на рокенролската енергија и упорност што со децении ја олицетворува Влатко Стефановски. Присутен речиси во секој сегмент од дејството, Петровиќ се соочува со исклучително комплексна задача која бара актерска игра, вокална сигурност и способност да ја одржи енергијата на претставата во текот на целиот нејзин тек.
Она што особено се издвојува е неговата сериозност во пристапот кон ликот. Наместо да се потпре врз површински шарм или рокенролски манири, тој внимателно го гради Џими низ неговите надежи, разочарувања, љубовни дилеми и уметнички амбиции. Во таа актерска траекторија се чувствуваат и емотивните падови и постепеното созревање на ликот, што му дава човечка уверливост и драмска тежина.
Петровиќ успешно ги носи и музичките делови на претставата, покажувајќи вокални способности што не функционираат како техничка демонстрација, туку како продолжение на актерската игра. Токму затоа неговиот Џими не е само главен лик, туку и двигател на целата сценска енергија.
Преку овој лик претставата допира и до едно пошироко значење на рок културата. За многу генерации рокенролот не е само музички жанр, туку простор на слобода, бунт, самоизразување и верба дека уметноста може да биде начин на живот. Во таа смисла Џими станува симбол на млад човек кој одбива да се откаже од својот сон, без оглед на пречките и сомнежите што го опкружуваат. Токму тука се воспоставува и најинтересната врска со музичкиот свет на Влатко Стефановски. Не како биографска паралела, туку како идеја за истрајноста. Низ децении творештво, Стефановски останува пример за уметник кој никогаш не престанал да истражува, создава и верува во музиката. Истата таа упорност и потреба за творечка слобода Петровиќ убедливо ја пренесува преку својот Џими.
Катерина Јовановиќ ја добива ретката можност како млада актерка да носи една од главните улоги на големата сцена на Македонскиот народен театар, а одговорноста што ја носи таквата задача ја оправдува со видлива посветеност и сценска зрелост. Нејзината Дона не е само романтична хероина во љубовната приказна, туку млад човек кој се обидува да го пронајде сопствениот пат помеѓу личните желби и очекувањата на средината од која доаѓа.
Потекнувајќи од богато семејство и соочена со строгиот авторитет на таткото, Дона станува симбол на младешката потреба за слобода и право на сопствен избор. Токму во таа бунтовност Катерина Јовановиќ ја пронаоѓа суштината на ликот, избегнувајќи да ја претвори во еднодимензионална романтична фигура. Нејзината игра се одликува со природност, емоционална отвореност и сценски шарм што лесно воспоставува врска со публиката.
Особено е впечатлива нејзината способност да биде присутна на сцената дури и во миговите кога не е во центарот на дејството. Таа поседува специфична сценска енергија и непосредност што ја прават препознатлива, а начинот на кој го гради ликот на Дона внесува свежина и искреност во целокупниот ансамбл. Во партнерството со Владимир Петровиќ гради уверлива сценска хемија, правејќи ја љубовната линија еден од носечките емотивни столбови на претставата.
Од епизодните улоги особено внимание привлекува Јована Миладинова, која со својата природност, сценска слобода и чувство за комедија создава лик што гледачот сака да го следи многу подолго отколку што му дозволува драматургијата. Нејзината игра поседува леснотија што ретко се постигнува, а токму во таа ненаметливост лежи нејзината привлечност. Миладинова успева да биде истовремено духовита, препознатлива и актерски прецизна, оставајќи впечаток на веќе оформена сценска личност.
Во истата линија на ликови значаен придонес даваат и Ања Митиќ и Нина Елзесер, кои преку улогите на пријателките на Дона внесуваат дополнителна динамика и ведрина во претставата. Нивните сцени се одликуваат со добро чувство за комедиографија, природна сценска комуникација и прецизен ритам, што овозможува секое нивно појавување да биде функционално и запаметливо.
Она што особено радува е фактот што станува збор за актерки кои полека, но сигурно го градат своето место на македонската театарска сцена. Нивната дисциплина, автентичност и сигурност во играта упатуваат на сериозен потенцијал за иднината. Посебно внимание привлекува Ања Митиќ, која покрај актерската убедливост покажува и исклучителни вокални способности, потврдувајќи ја ретката способност подеднакво успешно да одговори и на актерските и на музичките предизвици што ги поставува мјузиклот.
Втората епизода која остава силен впечаток е Стефан Спасов. Тој игра со леснотија, ненаметливост и уверливост, а токму во таа одмереност лежи неговата актерска сила. Со суптилна доза хумор и природна сценска сигурност Спасов создава впечаток на актер кој не се обидува да доминира со сцената, туку знае точно кога и како да биде присутен. Неговата игра дава надеж дека станува збор за еден од идните носители на младата актерска генерација.
Посебно место во актерскиот ансамбл има и Биљана Драгиќевиќ Пројковска во улогата на мајката на Џими. Иако нејзината улога не е меѓу најобемните во претставата, таа успева да создаде лик што остава силна емотивна трага. Нејзината хероина е заштитничка мајка која безрезервно верува во сонот на својот син, дури и тогаш кога околностите не му одат во прилог.
Во режисерски контекст, овој лик може да се чита и како омаж на сите родители кои им даваат поддршка на своите деца да ги следат сопствените соништа, без оглед на неизвесноста што ја носи таквиот избор. Токму затоа присуството на мајката во приказната има значење што ја надминува нејзината драмска функција.
Биљана Драгиќевиќ Пројковска со препознатливата актерска сигурност, топлина и сценска харизма му дава дополнителна човечка димензија на ликот. Нејзината игра е одмерена и искрена, без непотребно нагласување на емоцијата, а токму во таа едноставност лежи нејзината сила.
Тања Кочовска на сцената поминува релативно кратко време, но уште еднаш потврдува дека големината на актерот не се мери со должината на улогата. Доволни ѝ се неколку сцени за да воспостави целосна контрола врз вниманието на публиката и да допре до последниот ред во гледалиштето. Нејзината извонредна комедиографска умешност, чувството за ритам и прецизноста на актерскиот израз создаваат лик кој останува запаметен долго по завршувањето на претставата.
Кочовска игра лик кој за генерациите што растеле во едно поинакво општествено време е длабоко препознатлив и близок. Но нејзината вистинска актерска победа лежи во тоа што успева да го направи тој лик подеднакво разбирлив и за младата публика. Без карикатура, без евтина носталгија и без потреба од нагласување, таа создава жива и уверлива сценска појава.
Постојат актери кои играат улоги и актери чие појавување на сцената веднаш создава чувство на доверба кај публиката. Тања Кочовска несомнено припаѓа на втората категорија. Нејзиното присуство претставува вистински орнамент на овој мјузикл и уште еден потсетник на актерската зрелост што се гради низ децении работа, талент и љубов кон театарот.

Рубенс Муратовски во улогата на професорот создава топол и човечки лик кој во себе носи тивка болка по загубата на својот син. Тој лик работи со алатки кои се препознатлив механизам на поддршка, добрина и визија. Муратовски создава професор каков што секој млад човек би посакал да сретне во животот – човек кој верува во талентот, ги охрабрува младите и им помага да останат верни на своите соништа.
Наспроти него стои Јордан Симонов како строгиот татко. Симонов носи во себе зацртана сценска сигурност, дисциплина и актерска прецизност. Тој игра јасно, точно и уверливо, создавајќи силен драмски контрапункт на светот на младите ликови и дополнително зајакнувајќи ги конфликтите врз кои се гради приказната.
Посебен придонес во успехот на претставата има и кореографијата на Олга Панго, долгогодишен соработник на Дејан Пројковски. Младите актери кои се појавуваат како своевиден кореографски хор функционираат со прецизност на часовнички механизам, а токму тука се препознава ракописот на Панго. Нејзината најголема умешност не лежи само во создавањето сценско движење, туку во способноста кај ансамблот да создаде чувство на заедништво и синергија. Во „Као какао“ секој актер, и секое движење имаат свое значење и своја функција во градењето на сценската целина.
Од продукциски аспект, „Као какао“ претставува вистински подвиг. Во време кога независната културна продукција сѐ потешко успева да ги реализира своите идеи, Маја Бабиќ покажува извонредна истрајност, храброст и верба во уметноста. Низ сите предизвици што ги носи современото време, особено за независните продукции, таа успева да го отсонува својот сон и тој сон да стане дел од нашите животи, макар и во траење од три часа. Токму затоа „Као какао“ не е само успешен театарски проект, туку и потврда дека ентузијазмот, посветеноста и љубовта кон театарот сѐ уште можат да создадат големи работи.
Можеби најголемиот успех на овој мјузикл не може да се измери ниту со бројот на изведувачи, ниту со комплексноста на продукцијата, ниту со големината на сцената. Тој успех се наоѓа во реакцијата на публиката. Од првиот до последниот момент во салата се чувствуваше искрена радост, возбуда и блискост помеѓу сцената и гледалиштето. Публиката ги прифаќаше, ги бодреше и со голема љубов ги прегрнуваше овие млади актери. Во време во кое колективната безнадежност сѐ почесто станува дел од секојдневието, среќата на публиката претставува извонредно значаен миг.
„Као какао“ е повеќе од мјузикл. Тоа е претстава за љубовта, музиката, младоста, истрајноста и моќта на соништата. Венко Андоновски успева да раскаже нова приказна преку музиката на Влатко Стефановски, а притоа низ текстот тивко да провејува и духот на Горан Стефановски. Дејан Пројковски создава сценски свет во кој музиката не е илустрација на приказната, туку нејзино срце.
Неверојатно е чувството кога музиката на Влатко Стефановски ве следела низ детството, младоста и созревањето, а потоа повторно ќе ја слушнете од театарската сцена. Кога ќе ги слушнете стиховите на „Чувам ноч од будних“ и ќе се сетите на сите загубени љубови, погрешно дадени одговори и заблуди. Кога ќе ви прелетаат пеперутките на „Кандилце“, кога инстинктивно ќе ги кренете рацете на „Скопје“, кога повторно ќе се сретнете со сопствените спомени во „Ја нисам твој“. Сите тие сензации произлегуваат од автентичноста на Влатко Стефановски и неговата ретка способност преку музиката да ја пренесе љубовта, да ве разнежни, да ве развесели и повторно да ве потсети на човекот што некогаш сте биле.
Токму затоа најголемата вредност на „Као какао“ не лежи само во неговата продукциска амбиција, во актерскиот ансамбл или во музичката раскош. Неговата вистинска вредност лежи во способноста да ја претвори музиката во театар, а театарот во лично и колективно емоционално искуство. Ретки се претставите што успеваат да допрат и до срцето и до меморијата на гледачот. „Као какао“ е една од нив.
Во мјузиклот настапуваат Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.
Продуцент е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар.


