Ива Дамјановски и Виктор Танасковски / „Алембик“ / Фото: Сара Богоева

Пред проба со бендот „Алембик“: Како звучи една песна што треба да биде под вода?

Во пресрет на концертната промоција на нивниот нов албум „Без никого да удриш“, разговаравме со Ива Дамјановски и Виктор Танасковски од „Алембик“, пред нивната проба, за музиката како јазик, за односот со публиката и за постојаната потреба да се истражуваат нови идеи.

Пред штимувањето на инструментите и првиот отсвирен тон – пред да започнат со пробата – се најдовме со скопското музичко дуо „Алембик“, еден од младите бендови што денес ја обликуваат македонската сцена.

Создавањето музика која секогаш изненадува и се прелева преку границите кои се обидуваат жанровски да ја дефинираат, е карактеристично за ова дуо. Со најразлични експерименти и иновативното користење на нивните веќе невообичаени инструменти, тие создаваат нешто што не може да се објасни и мора само да се почувствува.

„Алембик“ се состои од Ива Дамјановски на клавијатури, теремин и вокал и Виктор Танасковски на електрична и акустична гитара, бас гитара, мандола и вокал. Во нивниот втор студиски албум „Без никого да удриш“ се придружени од Андреа Мирческа на бас, Драган Теодосиев на тапани и Филип Ефински како гостин на неколку траки. Албумот за првпат во целост ќе биде изведен на 11 јуни во МКЦ.

Во нивниот живописен стан, додека однадвор се слушаше звукот на дождот и грмежите од ненадејното пролетно невреме, Ива и Виктор низ кафе раскажаа за музиката како јазик, процесот на креирање и љубовта кон она што го прават.

„Алембик“ / Фото: Игор Аврамоски

Разговараме непосредно пред да започне вашата проба со останатите членови. Како изгледаат првите минути на една типична проба кога ќе се сретне целиот бенд?

Ива: Секоја проба започнува со носење тешки работи во просторијата или студиото. Потоа, таа опрема се распакува и мести. Има многу приклучување на адаптери, заплеткани кабли, појачала што зујат. Драган доаѓа на проба секогаш со некоја надреална приказна што му се случила, со израз како да е само обичен ден, што за него и е. Виктор го мести звукот и се изморува, а Андреа пее турбофолк верзии на „Сепак се врти“. Јас му сметам на Виктор околу каблите.

Како експериментално дуо, вашите песни често минуваат низ различни жанрови. Која е почетната точка на една песна за вас?

Виктор: Секогаш е различно. Кога песната ќе тргне од звук или од боја што сакаме да ја искористиме во музиката, градиме врз тоа за да добиеме целосна композиција. Кога почнуваме со текст, пак, се креира атмосферата која сакаме да ја доловиме. Некогаш процесот е целосно импровизаторски. На пример, „Лет во место“ од новиот албум е целосно произлезена од импровизација, а за „Прашина“, пак, паралелно се работени и текстот и музиката. Тоа не значи дека се седнува и од нула се прави идеја. На некој начин, сепак сè излегува од импровизација.

Ива: Некогаш има јасна визија како сакаме да се движи песната, а некогаш не. Двата пристапи ми се допаѓаат. Убаво е кога ја имаме целата визија за како сакаме да изгледа една песна и што сакаме да изразиме со неа, а од друга страна многу е убаво и кога има песни кои целосно не знаеме како да ги направиме. Сепак, најубави ми се моментите кога не се сеќавам чија идеја била, што и од каде нешто произлегло, поради тоа што сè било толку колаборативно.

Забележливо е дека текстовите, кога се присутни во песните, секогаш се напишани со јасна намера и приказна. Како за вас, како поети, се одвива креативниот процес на пишување на стиховите?

Ива: Текстот на „Dynamo“, на пример, е првично напишан од Виктор, а јас потоа го пренапишав и го изменив за песната. Значењето е исто, суштината на песната е задржана, ама пробав да го направам текстот поритмичен за да може да се испее. Некогаш кога размилуваш во поезија, си размислуваш во некој свој слободен ритам. Но, музиката си има свои барања, свој ритам. Мене ми е многу важно текстот да нема ништо вишок.

Виктор: Мислам дека за двајцата, првичната идеја доаѓа стихијно, потоа се средува. Ама првичната идеја е во некој занос, па потоа има многу делкање.

Ива: Не е само интелектуален процес во кој седам и мислам, туку е нешто што ме засега. Дури и кога станува збор за музички елемент, каде што е потешко да се определи значење, за нас има, бидејќи го зборуваме тој јазик. За нас двајцата, музиката е јазик, така ја доживуваме.

Кога настапувате во живо, дали ви е повеќе важно публиката да ја препознае пораката што сте ја вложиле во песната или да создаде своја интерпретација на музиката?

Виктор: Мене не ми пречи публиката да има своја интерпретација, сè додека чувствуваат нешто додека ги слушаат музиката и текстовите. Не е нешто што треба да се разбере. Тоа е нешто што треба да го правиш сам со себе, а не музичарот да го бара од тебе. Малку ми е тоа арогантна и надредена позиција, како ти да си над публиката и таа сега треба да те разбере. Ти комуницираш со публиката, во дијалог си со публиката.

Ива: За нас е тоа многу рамноправен процес. Уметникот со читателот или слушателот се на исто рамниште и заедно создаваат нешто трето. Музиката и поезијата, или која било уметност, е само алатка. Музиката ја перципираме како јазик и сакаме да оствариме комуникација. Што ќе произлезе понатаму е во нивни раце, ние само им го даваме.

Досега имате настапено во многу градови низ цела Европа, но имате и голем број настапи на македонската сцена. Што повеќе ве исполнува – настап пред нова публика во непознат град или концерт пред домашната публика?

Ива: Двете си имаат своја убавина. Нормално дека е прекрасно да ја споделиш музиката со нови луѓе на ново место. Интересно е да видиш како ќе реагираат, дали ќе им се допадне, да оствариш комуникација со нив. Од друга страна, многу ми е драго кога настапуваме тука. На крај е прилично истата екипа, која ја почитуваме многу.

Виктор: Ситуација каде што имаш многу настапи надвор и си многу ценет, а немаш своја публика кај тебе дома, звучи малку тажно. Секогаш ни е задоволство да свириме тука.

„Алембик“ / Фото: Сара Богоева

Во однос на инструментите што ги свирите, Ива, на македонската сцена релативно ретко се користи тереминот. Како се одлучи токму за овој инструмент?

Ива: Сите ме прашуваат како го одбрав тереминот. Јас не се сеќавам како, тој ме одбра мене. Само ми беше многу интересно кога дознав за постоењето на теремин и сакав да пробам да го свирам. Тргнав во потрага по теремин, што не беше толку лесно да се најде тогаш. Кога најдов, научив да свирам целосно сама, со пробување и испитување, делумно со читање, но, искрено, не гледав лекции, само се обидував самата да го откријам. Треба да се осмелиш, да кажеш „не знам да го свирам ова, ама може“. Тоа те турка нанапред.

Виктор, мандолата, пак, е доста контрастна на тереминот и дава многу специфична боја на вашата музика. Која е приказната зад изборот на овој инструмент и како го инкорпорирате во музиката?

Виктор: Мандолата ја најдов случајно во Будимпешта, во работилница за инструменти и си ја купив за да пробам. Еден период ја свирев исклучиво во „Лоркиперс гилд“ (Lorekeeper’s Guild), бендот на брат ми во кој се свири ирска музика. Во „Алембик“ за првпат ја искористив со тоа што ја вклучив само за да ја озвучам, ама ја вклучив низ сите педали и електроники кои ги имам за гитара. На „Concrète Marine“, песна која треба да биде под вода, да се слуша како да си под вода, сите правиме некакви подводни звуци со инструментите. Ива почнува со еден многу низок тон на синтисајзерот кој е 55 Hz затоа што читавме за некој вид кит кој прави звук на 52 Hz. Направивме математика да видиме кој тон на синтисајзерот е најблиску. Филип Ефински, со кој имаме соработувано и претходно, понатаму прави звуци, „кликови“ како што прават делфините. Јас со мандолата имитирам китови што пеат, ама не со свирење, само ја оставив така да прави фонија и со тоа што ги регулирав педалите, ги правев сите различни мелодиски звуци во таа песна. Има секакви подводни звуци и дишење, па од оваа песна се преминува на „Dynamo“.

Во вашата музика често се препознаваат фолклорни елементи, но тие никогаш не делуваат наметнато. Колку е тоа свесна одлука, а колку природен дел од вашиот музички израз?

Ива: Мене многу ми се допаѓаше што на првиот албум имаше мешање на нашиот фолклор во некој сосема друг концепт. На интересен, чуден начин, од повеќе страни, дојдовме до тоа. Не од некаква свесна намера. Секогаш ми било интересно да прикажам колку е сето универзално и поврзано. Затоа не го акцентираме фолклорот, само го носиме како дел од она што го имаме природно. Не се брише тоа што си го носиш одвнатре, но сега е во понов, глобален и модерен контекст. Ме интересира како може убавите нешта од човештвото да продолжат и во новиот контекст на модерното живеење.

Виктор: Секоја музика произлегува од народната музика, без исклучок. Фолк-музиката е најчистата музика која нема некаква намера да биде некаква уметност или некаков бизнис-модел, само луѓето свиреле и пееле само затоа што така им доаѓало природно.

„Алембик“ / Фото: Сара Богоева

Експериментирањето и слоевитото обликување на музика продолжува и во вашиот најнов албум „Без никого да удриш“. Што е главната идеја на овој албум и од каде потекнува името?

Ива: Името е стих од „Милосрдие“. Албумот е посветен на борбата против насилството, што е главната тема на целиот албум. Затоа сметавме дека ова е најрепрезентативниот стих на целиот албум. Самиот албум се готвеше во нас многу долго, ни се правеше поразличен албум од претходниот, чисто затоа што ни е интересно да правиме нешто различно постојано. Првиот албум го гледам како музика, а овој албум како песни. Посветен е на некаква емпатија, но не премногу сентиментално прикажана.

Токму за албумот „Без никого да удриш“ ќе имате премиерна концертна изведба. Што треба да очекува публиката на овој настан?

Ива: Концертот ќе биде на 11 јуни во МКЦ во Денсинг салата. Ќе биде пропратен со визуелизации, а ќе се прикаже и кратко документарно филмче, кое го направи Теона Христовска. На настапот ќе бидеме поголема екипа, со проширен состав. Ќе биде поконкретна изведба на целиот албум и приказната што го следи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот