Пролетното издание на „Перформанс Платформа фестивал“ се одржува од 1 до 13 јуни во Скопје
Изданието на „Перформанс Платформа фестивал“ (ППф) се случува помеѓу задоволството, отпорот, хуморот и заедничката имагинација на јавното, како констелација од практики што го истражуваат и прикажуваат перформансот како уметнички израз и проширено културно поле.
Препорачано
Односно, како простор за колективна имагинација, втелеснето знаење и преосмислување на начините и вредностите преку кои се спојуваме, дејствуваме и живееме заедно. Перформансот содржи и политичка дејствителност што создава социјалности, движејќи се на пресекот на танцот, театарот и визуелните уметности.
Преку претстави, работилници, предавања, перформативен патопис, технобурлеска и визуелен есеј, програмата отвора привремени простори и сврзува темпоралности каде што телата, сеќавањата, желбите и политичките имагинации заедничкуваат и се испреплетуваат.
Ова издание на фестивалот обединува уметнички практики што инсистираат на трансформативниот потенцијал на телесното искуство формирано преку соработка, дискурзивни преплетувања, продукција на социјалности и јавно добро каде што се создава и политичката дејствителност на перформансот.
Програмата почнува со „The Pleasure Practice (A Spell for Utopia)“, лабораторија на Лусијана Ачугар, во која танцовото тело се разгледува како простор на ослободување, исцелување и утописка можност за повторно создавање. Во рамки на оваа програма, Ачугар, заедно со кореограф(к)и и истражувачки од Македонија, регионот и Европа, отвора прашања за задоволството, ранливоста, колективното поврзување и преносот на кореографско знаење.
Фестивалот продолжува со предавањето „Utopia as Practice; Practice as Ritual; and Dance as a Practice of Being in Pleasure“, како и со Култренинг – танцова работилница наменета за професионалци и непрофесионалци, преку која современиот танц се доближува до пошироката јавност.
Прашањата за јавниот простор, меморијата, архитектурата и колективниот живот се во фокусот на „Амам интернационала – под куполите“, перформативен патопис / колективна изведба на замислување на Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев. Настанот се одвива пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер/Шенѓул амам, отворајќи можност за повторно читање на амамите како простори на средба, грижа и заедничка имагинација.
Во „Opium Clippers“, Неја Томшич ја води публиката низ приказни за чајот, трговијата, опиумот и империјата, следејќи како историите на капитализмот, колонијализмот и глобалната потрошувачка продолжуваат да ги обликуваат современите реалности.
Пролетното издание завршува со „Крадци на слики“ (Image Snatchers) на колективот „The Feminalz“, технобурлеска која преку хумор, ексцес и поп-културна саботажа ги преиспитува родовите норми, национализмот, популизмот и медиумски произведените идентитети. Настанот е ко-програмиран од „Викенд на гордоста“ – Скопје и „Перформанс Платформа фестивал“.
„Перформанс Платформа фестивал“ (ППф) 2026 е во организација на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.
Соработници, пријатели, другари и партнери на фестивалот во јунската програма се: „Викенд на гордоста“ – Скопје, Факултет за драмски уметности – Скопје, КСП „Центар – Јадро“, „Факултет за работи што не се учат (ФРУ)“, Младински културен центар (МКЦ) и феминистичката платформа „Медуза“. Кураторка на ППф 2026 / јунска програма е Биљана Тануровска-Ќулавковски.


