Еден од основачите на фестивалот е Роберт Де Ниро

Македонски филм со светска премиера на „Трибека фестивал“ во Њујорк

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, својот пат го започнува од срцето на Менхетен – на „Трибека фестивал“ во Њујорк, кој се одржува од 3 до 14 јуни.

Фестивалот во Њујорк важи за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е актерот Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11 септември. Препознатлив е по современиот независен филм, новите авторски гласови и силната врска со њујоршката филмска индустрија.

Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума е селектиран во категоријата „Интернационална наративна компетиција“, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори.

Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила. Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет.

Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе.

Ова е втор игран филм на Дина Дума, која со својот прв филм „Сестри“ имаше извонреден успех, бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, фондот „Еуримаж“, Креативна Европа – МЕДИА и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот