ВИДЕО | Марија Димитровска, Институт за демократија: Омразата е константа на социјалните мрежи во Македонија
Високи 98 отсто од коментарите на социјалните мрежи се полни со омраза кон политичарите, а 82 отсто биле исполнети со гнев, а македонските граѓани ни за пари не би го смениле своето политичко убедување, покажува истражувањето на Институтот за демократија.
Истражувањето на Институтот за демократија за „влијанието на емоциите во политиката“, спроведено врз основа на 120.000 објави и коментари на платформата „Икс“ (поранешен „Твитер“), покажува дека непријателски настроената комуникација е постојано присутна во онлајн просторот во Македонија. Дури 98 отсто од коментарите насочени кон политичарите содржеле елементи на омраза, додека 82 отсто содржеле индикатори на гнев.
Препорачано
Марија Димитровска, раководителка на проектот, во интервју за „Слободен печат“ вели дека сепак, содржините што предизвикуваат страв или анксиозност генерираат поголем ангажман кај политичарите отколку содржините засновани на омраза што имаат послаб ефект.
Наодите покажаа, вели Димитровска, дека онлајн политичката комуникација во Македонија станува значително поемотивна за време на изборни периоди, особено преку зголемување на емоциите како ентузијазам, среќа или гнев.
За одбележување е што македонските граѓани ни за пари не би го смениле своето политичко убедување, покажува истражувањето на Институтот за демократија. Високи 80 проценти од граѓаните во нашата држава одбиле дури и да разгледаат можност за паричен надоместок во замена за потпишување петиција спротивна на нивните политички убедувања. Седумдесет и осум проценти, пак, одбиле да разгледаат финансиска компензација во замена за воздржување од гласање на изборите.
Сепак, еден од заклучоците на истражувањето спроведено во рамките на проектот „ENCODE“ е дека рамнодушноста е поголем ризик од емоционалноста. Проблемот кај емоциите во политиката не е што ги има премногу, туку има премалку разновидност. Имено омразата е константа, а не исклучок.
Најголем дел – 27 проценти рекле дека се гневни, 20 проценти изјавиле дека се анксиозни, а 20 проценти сепак имале надеж дека работите ќе се променат на подобро.
Од друга страна, само 7-8 проценти од граѓаните изјавиле дека се индиферентни за сите политички прашања за кои биле прашани. Истражувањето покажало дека оние што се индиферентни статистички значајно повеќе биле подготвени да го продадат својот глас и својата волја и да се потпишат на петиции или да учествуваат на протести.
Но, истражувањето покажува дека она што го чувствуваме и она што го кажуваме, не секогаш е исто. Имено, видливите емоционални реакции снимени на одредени прашања за време на тестот, не се совпаѓаат целосно со вербалните искази дадени подоцна. Тоа покажува дека луѓето веројатно често ги рационализираат или преобликуваат своите непосредни реакции кога почнуваат да ги објаснуваат.
Димитровска се согласува дека емоциите можат и да се манипулираат преку наративи на политичка поларизација како предавници и патриоти, наши и нивни, оние што се лојални и оние што не се лојални. Но, според неа, таквиот начин на водење комуникација на подолг временски период може да има негативен повратен ефект врз политичките елити.
Индивидуалната демократска отпорност е важна, смета Димитровска, меѓутоа битна е и институционалната отпорност:
„Ако граѓаните не веруваат, немаат доверба во институциите, сметаат дека тие се заробени или дека се корумпирани или дека не се способни да ги извршуваат своите задачи, тоа на долг рок ќе влијае и врз еродирање на индивидуалната демократска отпорност!“
За македонскиот контекст е карактеристично што истражувачите посочиле на важен структурен предизвик: македонскиот јазик не е соодветно препознаен во системите на јазично означување на платформата Икс, поради што значителен дел од политичкиот дискурс кај нас останува помалку видлив и за истражувачите и за алатките за модерација на платформата.


