Ексклузивно интервју со „Дјуран Дјуран“: Македонската публика е неверојатно страсна, ќе донесеме свежа енергија во Скопје
„Сакаме да најдеме рамнотежа помеѓу песните со кои пораснаа нашите долгогодишни обожаватели и поновите песни што публиката ги засака. Особено нè радува што нашиот најнов сингл ‘Free to Love’ доби толку топол прием, а токму на оваа турнеја го изведуваме во живо за првпат“, вели Сајмон Ле Бон.
Скопје на 2 јули ќе се најде на мапата на градови во кои ќе настапи легендарната музичка група „Дјуран Дјуран“, во рамките на нивната актуелна светска турнеја. По 14 години, музичарите што ја одбележаа една од најзначајните епохи во светската поп и рок музика повторно доаѓаат во македонската престолнина за концерт што веќе се вбројува меѓу најочекуваните музички настани ова лето.
Препорачано
Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, членовите на групата – Ник Роудс, Џон Тејлор, Роџер Тејлор и Сајмон Ле Бон –се присетија на својот претходен настап во Скопје, ни споделија што може да очекува македонската публика и ни открија како успеваат да останат креативни и актуелни по речиси пет децении на светската музичка сцена.
Нивните одговори се најдобрата најава за концерт што љубителите на музиката сигурно нема да сакаат да го пропуштат.
Свиревте во Скопје во 2012 година. Какво е чувството повторно да се вратите по 14 години? Дали има нешто што особено ви останало во сеќавање од тој концерт?
Џон: Имаме многу убави спомени од настапот во Скопје во 2012 година. Публиката беше неверојатно страсна, навистина внимателна и целосно присутна во моментот. Кога патувате толку многу како нас, одредени концерти остануваат во сеќавање, а тој дефинитивно е еден од нив.
Што може да очекува публиката во Скопје од концертот на 2 јули? Подготвувате ли нешто посебно за вашето враќање во Македонија?
Сајмон: Имаме среќа што нашите песни биле на топ-листите во текот на сите четири децении од нашата кариера, па затоа се трудиме концертните сет-листи да го опфатат целиот тој период. Сакаме да најдеме рамнотежа помеѓу песните со кои пораснаа нашите долгогодишни обожаватели и поновите песни што публиката ги засака. Особено нè радува што нашиот најнов сингл „Free to Love“ доби толку топол прием, а токму на оваа турнеја го изведуваме во живо за првпат. Значи, ќе ги слушнете и класиците, секако, но сакаме на сцената да внесеме и свежа енергија.
Колку време планирате да поминете во Македонија за време на оваа посета? Се надевате ли дека ќе имате можност да посетите и места надвор од Скопје и дали има нешто што особено би сакале да го доживеете додека сте тука?
Ник: Овојпат посетата ќе биде кратка поради нашиот распоред, но секогаш се трудиме да доживееме што е можно повеќе од местата што ги посетуваме на турнеја. Јас секогаш сакам да прошетам низ градовите бидејќи така најдобро можам да ја почувствувам атмосферата, луѓето и локалниот живот. Успеав да го направам тоа и кога последен пат настапувавме во Македонија пред многу години и имам прекрасни спомени од таа прошетка низ градот. Вашата земја има богата историја и култура. Овојпат би сакал да го посетам Музејот на современа уметност во Скопје, доколку ми дозволи времето.

Во 2028 година, групата ќе одбележи 50 години постоење, навистина импресивен јубилеј во музичката историја. Што мислите дека е клучот за долговечноста и успехот на „Дјуран Дјуран“ во изминатите речиси пет децении? И дали по толку години на сцената воопшто размислувате за пензионирање?
Роџер: Педесет години? Навистина ли поминало толку време? Звучи речиси неверојатно. Ако постои тајна за долговечност во која било професија, би рекол дека тоа е љубопитноста, свесноста за светот околу вас и постојаното креативно движење напред. Ние сè уште искрено уживаме во создавањето нова музика, во соработките со извонредни луѓе и во настапите пред публика. Токму тоа нè мотивира и денес.
Обожавателите ширум светот честопати се воодушевени од енергијата што сè уште ја носите на сцената, како и од вашиот младешки изглед по толку години под светлата на рефлекторите. Која е тајната за да останете млади по дух, креативни и полни со енергија?
Сајмон: Нема никаква магична формула. Се сведува на сите оние здодевни, но важни работи: здрава исхрана, физичка активност и грижа за себе, и физички и ментално. Нашите настапи во живо ни значат многу, па правиме сè што можеме за да останеме во форма и да им го дадеме на обожавателите концертот што го заслужуваат. А енергијата што ја добиваме од публиката секогаш е дополнителен поттик. Кога ќе излезете на сцена и ќе ја почувствувате таа поврзаност, тоа е неверојатно инспиративно и исполнувачко чувство.
Вашата музика продолжува да допира и до новите генерации. Какво е чувството да знаете дека песни како „Ordinary World“, „Rio“ и „Come Undone“ и денес допираат до нова публика, децении по нивното објавување?
Роџер: Неверојатно е што тие песни и понатаму одекнуваат кај луѓето и тоа никогаш не го земаме здраво за готово. Но, исто така гледаме голема поддршка од младите и за нашите понови изданија. На пример, песната „Invisible“ стана вирален хит меѓу љубителите на видеоигри на ТикТок и ни донесе сосема нова публика, која потоа почна да го открива и нашиот целокупен музички каталог. Таквите изненадувања секогаш нè радуваат.

Вашата нова песна „Free to Love“ е создадена во соработка со Најл Роџерс. И претходно сте работеле заедно на песни како „Notorious“, „Paper Gods“ и други проекти. Како се развиваше вашата креативна соработка низ годините?
Џон: Нашиот однос со Најл трае многу долго. На некој начин тој е наш музички кум. Тој е една од пионерските легенди на фанк и ритам музиката и денес е подеднакво креативен и експериментален како што беше кога првпат работевме заедно, на ремиксот на „The Reflex“ во 1983 година. Со текот на времето процесот стана поинтуитивен бидејќи сега постои взаемно разбирање и почит што сме ги граделе со години. Најл внесува посебен сјај во сè до што ќе се допре, а и денес престојот во студио со него е подеднакво возбудлив како кога бевме речиси деца.
„Дјуран Дјуран“ помогнаа да се обликува ерата на Ем-ти-ви, претворајќи ја музиката во визуелно искуство подеднакво важно како и самата музика. Дали сметате дека денешната музичка индустрија сè уште ја поседува таа магија? И што, според вас, најмногу се промени во начинот на кој музиката се создава и доживува денес во споредба со 1980-тите години?
Ник: Магијата постои само ако ја создадете, а јас верувам дека има многу млади уметници кои ќе продолжат да го прават тоа. Индустријата денес е радикално поинаква од времето на Ем-ти-ви, кога музичките спотови беа сосема нова територија. Ние бевме дел од тие почетоци, објавувајќи го првото продолжено музичко видео за песна, „Girls on Film“, во 1981 година, а потоа станавме и првиот бенд што снимал музички спот на локација надвор од студио, за песните „Save a Prayer“ и „Hungry Like the Wolf“, снимени во Шри Ланка во 1982 година.
Никогаш не сме се плашеле од новите технологии. Отсекогаш сум бил љубопитен како тие можат да се искористат за создавање нешто инспиративно и посебно. Во 1997 година станавме првиот бенд во историјата што понуди песна за дигитално купување преку интернет со „Electric Barbarella“, иако тогаш моравме сериозно да се бориме со издавачката куќа за да ни го дозволи тоа. Денес времињата се сосема поинакви.
Вештачката интелигенција е новото технолошко поле на можности. Пред неколку години користевме најсовремени технологии за одредени видеопроекти, но никогаш не сме користеле вештачка интелигенција во процесот на пишување музика. Тоа е моќна алатка, но мислам дека е исклучително важно да се зачува сопствениот идентитет и да не им се дозволи на машините да го преземат тоа од нас.
Сигурен сум дека ќе гледаме сè повеќе музика целосно создадена од компјутери и, сакале или не, дел од неа ќе биде добра. Но, цврсто верувам дека човечката креативност во својата најдобра форма секогаш ќе остане супериорна. На крајот на краиштата, да не заборавиме кој ги создаде и обучи машините. Фактот што денес можеме да пристапиме до музика од целиот свет во секое време и од кое било место е навистина прекрасно достигнување.


