фото: слободен печат

ФОТО | „Марш на исклучените“: луѓе со попреченост бараат тротоарите и патеките да им станат достапни

Луѓе со попреченост, но и родители со колички, велосипедисти, деца, млади и повозрасни граѓани денеска беа дел од групата што маршираше од Влада, преку бараките на Град Скопје, па се’ до вториот дел од Градски парк, со цел да побараат подостапен и поинклузивен град, без пречки.

фото: слободен печат

На ,,Маршот на исклучените” можеа да се видат пораки и транспаренти од типот „Живот без бариери“, „Вклучи инклузија“, „Колите на паркинг, луѓето на тротоар“, „Град што не исклучува е град што живее” и ,„Пристапноста не е луксуз”.

Иницијатор на маршот беше Здружението „Икуалити”, чиј претседател Гере Трипков рече дека денес се тука да ја изразат својата волја, очекувајќи да бидат еднакви со останатите.

„Очекуваме да имаме пристапни улици, патеки, тротоари, јавни површини и паркови. Очекуваме конечно од другата страна да не’ дочекаат со асмевка, а не со неприфаќање и дискриминација”, посочи Трипков пред владиниот објект.

Според него, бариерите за луѓето со атипичен развој не се само физички. Односно, освен препреките по улиците, треба да се размислува и за дигиталната пристапност за глувите и слепите, потоа за правото да се користи толкувач, со цел луѓето со оштетен слух да можат да одат до институција, на лекар, во банка, за да остварат основни права и потреби…

„Ова е еден крик кој ќе продолжи, нема да биде еднократен и нема да биде само денеска, туку ова ќе го правиме регуларно. Очекуваме и поголема поддршка. Денеска со мене се соборците, моите другари, кои искрено веруваат дека Скопје, секоја општина од Македонија, од оваа наша прекрасна земја може да дозволи да имаме достоинствен живот”, нагласи Трипков.

Маршот продолжи до летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, каде се одвиваше програмата на фестивалот „Инфјужн”.

фото: слободен печат

„Низ различни интерактивни активности и работилници, посетителите имаат можност да се поврзат, да создадат нови приказни и да бидат дел од енергијата што го прави фестивалот посебен. Љубителите на друштвени игри ќе можат да уживаат во омилените класици, додека виртуелната реалност ќе понуди сосема ново искуство каде технологијата и креативноста се спојуваат во едно“, соопштија од „Икуалити”.

Фестивалот, во чии рамки беше и маршот, се одвива од 4 до 20 јуни на повеќе локации во Скопје. Преку уметност, музика, игра, технологија и јавен простор, „Инфјужн“ ја отвора темата за инклузијата на поинаков начин, не како концепт за кој се зборува, туку како искуство што се живее.

„Марш на исклучените“ на 6 јуни: Повик за слободни тротоари, патеки и јавни површини за луѓето со попреченост

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот