„Марш на исклучените“ на 6 јуни: Повик за слободни тротоари, патеки и јавни површини за луѓето со попреченост
Во Скопје на 6 јуни ќе се одржи „Марш на исклучените“, преку кој ќе се упатат барања и пораки за поголема пристапност, еднакви можности и активно учество на лицата со попреченост во општеството.
Препорачано
Маршот е инициран од „Икуалити“ и е дел од програмата на петтото издание на фестивалот на инклузија „inFusion“. Започнува пред Влада од 10 часот и ќе трае до пладне, кога ќе продолжи со програма кај летната сцена „Лепеза“ во скопскиот Градски парк.
„Маршот започнува од пред Влада, каде заедно ќе се потсетиме на сите мигови, дружби и приказни што со години го обликуваат фестивалот. Ќе чекориме и пред зградите на Град Скопје за поддршка на лицата со попреченост, за слободни тротоари и патеки, за пристапни јавни површини и средина на живеење која е пријатна за сите!“, велат од „Икуалити“.
„НаТочак“: Скопје е хендикепиран град, не гарантира проодност на луѓето со попреченост
Според здружението, во маршот се спојуваат различни генерации, пријатели, велосипедисти, семејства и мајки со колички, за кои посочуваат дека се обединети преку истата енергија и чувство на припадност.
„Ова е марш за заедништво, слобода и простор во кој никој не е изоставен. Заедно ја оживуваме приказната што нè поврзува и покажуваме дека вистинската сила е во прифаќањето, блискоста и чекорењето едни покрај други“, велат од „Икуалити“.
Целта е да се посочат секојдневните бариери со кои се соочуваат лицата со попреченост, но маршот ќе биде и потсетување дека пристапноста не е привилегија, туку предуслов за достоинствен и независен живот.
Инклузивна програма на „Лепеза“
По завршувањето на маршот, програмата ќе продолжи на Летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, каде посетителите ќе имаат можност да учествуваат во различни активности наменети за сите генерации.
„Низ различни интерактивни активности и работилници, посетителите ќе имаат можност да се поврзат, да создадат нови приказни и да бидат дел од енергијата што го прави фестивалот посебен. Љубителите на друштвени игри ќе можат да уживаат во омилените класици, додека виртуелната реалност ќе понуди сосема ново искуство каде технологијата и креативноста се спојуваат во едно“, стои во соопштението за настанот.


