Нападнати даночни контролори во Куклица, УЈП бара одговорност: „Насилството нема да нè запре“
Управата за јавни приходи најостро го осуди нападот и попречувањето на даночни контролори за време на службена контрола на локалитетот Куклица.
Препорачано
Од УЈП порачаа дека ниту еден службеник не смее да биде изложен на насилство, закани или притисоци додека ги извршува своите законски обврски.
-Нападот врз даночен контролор не е само напад врз вработените во Управата за јавни приходи, туку и напад врз владеењето на правото и институциите на државата- соопштија од УЈП.
Од институцијата изразија поддршка за своите вработени и побараа надлежните органи целосно да го расчистат случајот и да обезбедат соодветна законска одговорност за сторителот.
УЈП нагласи дека ќе продолжи со спроведувањето на законите еднакво кон сите и дека притисоците и насилството нема да влијаат врз работата на институцијата.
-Насилството никогаш нема да биде причина институциите да се повлечат од својата законска обврска. Ги повикуваме граѓаните и даночните обврзници да соработуваат со службените лица и да придонесат за почитување на законите- велат од Управата за јавни приходи.
Од УЈП додаваат дека секој напад врз службени лица мора да добие јасен институционален одговор.


