Три чекори напред, еден назад за инклузивното образование
Додека се чека општините да обезбедат нови инклузивни простори, редовните школи почнаа да ги враќаат децата со попреченост во ресурсните центри, што за некои родители значи патување од 30-40 километри и одделување на детето од местото на живеење, што во пошироката слика значи рикверц во процесот на образовната инклузија.
На крајот од март изминува точно една година откако беа направени последните измени од Законот за основно образование. Со нив општините добија обврска, доколку на нивната територија има ученици со попреченост – за нив во основно училиште да формираат центар за поддршка, порано познат како „посебна паралелка“.
Препорачано
Сепак, засега ова не оди баш мазно, иако рокот од една година е практично истечен.
– Досега добивме одговори од 50-тина општини, а од тие 50 половина имаат отворено. Другата половина информираа дека ќе донесат одлука на Совет, меѓутоа, апелот е да определат финансии и кадар. Дел кажуваат дека немаат ученици со попреченост, или немаат ресурси, или пак дека имаат договори со ресурсните центри за овие ученици – вели претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Душан Томшиќ во разговор со „Слободен печат“.
Нивно отворање, како што објаснува, е важно за да се растоварат ресурсните центри. Особено што тие центри, пет во државата, кои во 2021 година излегоа од статусот на „посебни училишта“, од лани пак добија можност за запишување деца со попреченост. Наместо да бидат фокусирани на ресурсната улога – да им даваат поддршка, материјали и знаења на основните школи за да прераснат во инклузивни заедници – тие повторно имаат дупла работа со новите деца, а треба да се снаоѓаат со кадар, простории и пари.
Ова беше нотирано како „чекор назад“ и во последниот извештај на Европската комисија за Македонија.
Во пракса, пример, тоа е проблематично бидејќи ресурсни центри како „Иднина“ или „Златан Сремац“, локациски гледано, одговараат за оној што живее во Скопје, но не и во другите градови. Родители со деца пак ќе треба да патуваат по 30-40-50 километри, далеку од домот, далеку од живеалиштето, далеку од врсниците на детето со попреченост. Ова, според КСЗД, може да ја зајакне сегрегацијата.
– Со измените се даде можност на основните школи, кога ќе имаат „потешкотии и предизвици со адаптација на децата со попреченост“, да пробаат преку родителите да ги префрлаат во ресурсните центри. Тоа сега го гледаме како негативен тренд и нè загрижува, што е контра првичната замисла на инклузијата – забележува Томшиќ.
Тој кажува пример и од Велес, каде на родител му е „сугерирано“ неговото дете со попреченост да се врати во ресурсниот центар „Маца Овчарова“.

– За жал, детето се праќа 40 километри од дома, што експлицитно кажува дека ќе биде одвоено од средината. Најлесно е да кажеме „врати го детето во ресурсен центар“. Исто така, на голем број родители на деца со комплексни потреби им се сугерира тие „пократко да седат на настава“. Потсетувам, Македонија има потпишано низа конвенции кои побаруваат еднакво образование, за сите, без разлика на „попреченоста“ или социјалниот статус. Затоа, доколку во општината има центри за поддршка, каде дете би следело настава, би било подобро – констатира Томшиќ.
Родители чувствуваат дискриминација
„Го двојат дека нема говор“, „Спремаа петиција да го отпишат“, „Не оди на физичко со останатите деца“, „Нема отидено на екскурзија“… Анализа од ланската година покажа дека дискриминацијата на попреченоста сѐ уште не е „проветрена“ од училиштата, додека инклузивното образование се обидува да „застане на стабилни нозе“, откако новиот систем за инклузија стартуваше во учебната 2021/2022.
Оттогаш работите мрднаа малку од малку, во јавноста не се зборува „дали“, туку „какво“ е инклузивното образование, но анализата покажа дека патот е долг и не се станува збор за трка, туку за маратон со пречки. Требаат обуки за кадарот, опреми за школите, вложувања… Додека овие работи не почнат посериозно да се средуваат, свесно или несвесно, од незнаење, ама и од неспремност – школските тимови сѐ уште ќе ги отфрлаат атипичните деца.
Децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите и пропуштаат од квалитетно образование
За едукаторката и активистка Рената Бошковска, нема сомнеж дека на училиштата мора да им се помогне, да знаат како да се однесуваат со разни типови деца. Ако осетат некое со „чудно однесување“ – да го насочат или стимулираат, без да го праќаат во ресурсен центар, или да вртат телефон на родителот да си го земе, или да зависат од образовен асистент.
– Преголема зависност на децата од образовни асистенти е контрапродуктивна. Затоа треба да постојат и посебни катчиња и адаптирани простории. Ама, не само да ги двојат, туку да бидат сите на час, голем одмор, приредба, роденден… Тоа е сега реалноста за школите. Исто така, не само да ги учат бројки и букви, географија и историја, туку да ги социјализираат и да ги учат основни животни вештини – облекување, врзување патики, јадење – со цел во подоцнежните години да станат самостојни. Нечија „попреченост“ ќе стане потенцијал, ако вистински се насочат. Затоа школите мора да вложуваат и во себе, и во децата – нагласи Бошковска.
Додека се „крчка“ регистар, луѓето со попреченост остануваат само статистичка бројка
Сепак, за да вложуваат, школите треба да имаат и финансиска поддршка. Тоа се споменува во сите поважни документи на меѓународните тела и организации. Дека „без пари – нема инклузија“.
„На сите нивоа, недостигот од квалификуван кадар и недоволните финансиски средства дополнително го ослабуваат спроведувањето на инклузијата, оставајќи многу деца без поддршката што им е потребна за учење и развој“, стои во препорака на УНИЦЕФ од предизборието од ланската година.


