Разговор со стрип-авторот Бобан Пешов, гостин на фестивалот „Стрип Трип“: Стрипот е мојот омилен медиум
Главен гостин на четвртото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“, што се одржува од 5 до 7 јуни во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, е стрип-авторот Бобан Пешов, кој ќе ја раскаже приказната за својот графички роман „Беше еднаш на Истокот“.
Препорачано
Стрип-авторот Бобан Пешов веќе постигна голем успех на италијанскиот стрип-пазар. Роден е во Македонија во 1988 година, а во 1996 се преселува во Италија, каде што го завршува основното, средното и високото образование. Соработува со познати личности од италијанската уметничка сцена, а во 2025 година го објавува својот прв самостоен графички роман (негови се и сценариото и цртежот), „Беше еднаш на Истокот“, со кој постигнува огромен успех. Првиот тираж е распродаден по само неколку месеци, а делото доби бројни номинации за награди на најпрестижните италијански стрип-фестивали.
Во „Беше еднаш на Истокот“, авторот нè враќа во деведесеттите години од минатиот век. Додека една држава се распаѓа, насекаде наоколу, како печурки по дожд, никнуваат нови граници и полека се појавуваат првите „транзициски херои“, едно семејство од Македонија го бара патот во подобра иднина. Ова е само рамката во која е сместена приказната на графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“. Во него Бобан Пешов нѐ води на едно чудесно, меѓугенерациско патување: помеѓу минатото и сегашноста, Истокот и Западот, различните национални идентитети… Македонија и Италија.
Средбата со Бобан Пешов на фестивалот „Стрип Трип“ е закажана за 6 јуни, во 14 часот, во Младинскиот културен центар. Можноста што ни ја даде издавачот „Бункер“ ја искористивме однапред да дознаеме детали од животот на Бобан Пешов.
Графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“ ќе биде претставен на фестивалот „Стрип Трип“ во Скопје. Како ја чувствуваш можноста за средба со домашната публика и стрип-сцена?
– Уште од самото излегување на графичкиот роман, имав огромна желба истиот да биде преведен на македонски јазик. Морам да признаам дека сум многу возбуден: не ја познавам во детали македонската стрип-сцена и навистина сум љубопитен да ја откријам. Но, пред сè, едвај чекам да видам како ќе биде примена оваа приказна што ја создадов од срце. Во секој случај, сигурен сум дека ова ќе биде незаборавно искуство, од оние што ги носиш во себе засекогаш.

Како се роди приказната за графичкиот роман?
– Идејата се роди во 2016 година, во период кога бев многу активен на Јутјуб во Италија. Тогаш снимив едно видео со татко ми во кое тој зборуваше за своето искуство како илегален имигрант во Италија во деведесеттите години. Во таа пригода за првпат слушнав многу нераскажани анегдоти од тоа време. Од друга страна, јас ги чував во себе спомените од моето детство поминато со мајка ми и брат ми во едно селце близу Виница, во источна Македонија. Спојувајќи ги моите детски спомени со приказните на татко ми, и испреплетувајќи ги со некои мои понови лични искуства, се обликуваше и самата структура на приказната.
На кој начин се одвиваше твојата животна приказна?
– Јас потекнувам од источна Македонија, токму од тоа село близу Виница, и припаѓам на првата генерација деца кои, во средината на деведесеттите години, се преселија со своите семејства во Италија, поминувајќи го таму практично целиот свој живот. Израснав и учев во Италија, но останав многу поврзан со моите корени: секое лето се враќав во Македонија за да ги прегрнам пријателите и роднините и повторно да се чувствувам како дома.
Раскажувањето на мојата приказна и приказната на моите родители е начин да им се даде глас на многу наши сонародници, но и пошироко. Ова оди подалеку од тоа: ова е приказна за секој што напушта свој дом за да побара подобра иднина за себе и за своите деца, од Албанија до Романија, од Северна Африка до азиските земји. Дури и многу читатели и читателки од Јужна Италија што емигрирале на северот, длабоко се препознаа во овие страници. Затоа што, на крајот од краиштата, мојата приказна е приказна на многу други.

Што најсилно те повлече во областа на стрип-уметноста?
– Стрипот е мојот омилен медиум, совршената алатка за раскажување на една целосна приказна, каде што емоциите се пренесуваат преку синергијата помеѓу пишувањето и цртежот. Создавањето книга прави да се чувствувам како режисер: го проучувам секој кадар поединечно за да ја направам сценографијата интересна.
Каков е односот кон стрипот и стрип-авторите во Италија?
– Посетувајќи многу стрип-саеми во Италија, го имав задоволството и честа да запознаам вистински легенди во оваа област, како и многу талентирани автори од новата генерација. Пред неколку месеци, за време на еден настан во Лигурија, се запознав со една историска цртачка на „Мики Маус“ (Topolino), Силвија Зике: таа лично дојде да ми честита за мојот графички роман, и за мене тоа беше незаборавен момент.

Какви се плановите за твојата презентација на „Стрип Трип“ во Скопје?
– Главната цел ми е да разговарам и да разменам мислења со што е можно повеќе македонски читатели и читателки. Едвај чекам да ги чујам нивните први, свежи импресии откако ќе го прочитаат „Беше еднаш на Истокот“ („C’era una volta l’Est“). Во исто време, овој „Стрип Трип“ ќе биде златна можност да нурнам во македонската стрип-сцена, да ги откријам нејзините приказни и да дозволам да ме изненадат новите локални таленти.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)


