Перформативниот патопис „Амам интернационала – под куполите“ ќе биде изведен во близина на Куршумли ан
Настанот „Амам интернационала – под куполите“ се реализира како перформативен патопис – колективна изведба на замислување на Синиша Илиќ и Бојан Ѓорѓев во соработка со Биљана Тануровска-Ќулавковски, Роналд Панза, Анила Кабаши, Ана Миљаниќ, Драгана Јововиќ, Арес Шпорта и Катарина Поповиќ.
Препорачано
Настанот е дел од серијата настани во рамки на „Перформанс Платформа Фестивал“ (ППф) 2026 – пролетно издание во организација на „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Настанот ќе се случи пред остатоците од поранешниот Ѓулчилер / Шенѓул амам (веднаш до Куршумли ан) во недела, 7 јуни, со почеток во 19:00 часот. Влезот е бесплатен.
Сегменти на проектот се колективна изведба на замислување; партиципативна реконструкција на купола, уметнички патопис низ приказни за балканските амами, тетратка за доцртување и реобмислување.
„Амам интернационала е перформативен патопис што нè води низ просторите на балканските амами, во потрага по заборавени или потиснати наративи на заедништво. Под куполите на амамите, каде што се сретнуваат приватното и јавното низ пареата и влагата, се испреплетувале различни општествени слоеви, религии и секојдневни политики, обликувајќи неформални простори на дијалог и урбан живот – водени агори на телото и заедницата.
Денес, затекнати меѓу реставрацијата, запоставеноста и приватизацијата, амамите стануваат огледало на односот кон наследството и заедничкото добро, отворајќи прашања за тоа како овие архитектури повторно би можеле да го осмислат современиот јавен простор како место на средба, промена и колективно дишење.
Куполите на амамите се препознатлив архитектонски и симболички елемент што го дефинира односот помеѓу јавното и приватното, а нивното исчезнување во урнатините означува прекин на формите на општественост што овозможувале заедничко искуство. Во таа насока, предлагаме колективна перформативна изградба на купола, преку која симболично се обновува просторот на средба и грижа. Со овој гест, учесниците ја рекореографираат идејата за амамот како простор на општествена имагинација, каде што односот меѓу архитектурата, телото и заедницата повторно се кореографира како отворена рамка за колективно искуство“, стои во објаснувањето на проектот.
„Амам интернационала – под куполите“ е истражувачки проект на визуелниот уметник Синиша Илиќ и театарскиот автор Бојан Ѓорѓев, долгогодишни соработници на бројни уметнички проекти не само во полето на ликовните уметности, перформансот и театарот, туку и низ курирањето, самоорганизацијата во независната културна сцена, колективните практики и интердисциплинарноста. Тие се и соосновачи на уметничко-теориската платформа TkH (Walking Theory) од Белград (2000-2017).
Синиша Илиќ (Белград, 1977 година) е визуелен уметник кој комбинира дела на хартија со инсталација, видео и перформанс. Неговата уметничка практика е насочена кон истражување на различни социјални феномени поврзани со одржливоста, културното наследство, условите за работа, но и миграциите – како и кон изнаоѓање начини за негување на пријателството и солидарноста.
Неговите дела биле изложувани во Музејот на современа уметност, Музејот на африканска уметност и Октомврискиот салон во Белград; Музејот MAXXI во Рим; „Тејт модерн“ и „Калверт 22“ во Лондон; Центарот „Жорж Помпиду“ и Фондацијата „Кадист“ во Париз; Урал биенале во Екатеринбург; „Кунстхале“ Виена; Фестивалот „Лофотен“, Галерија „Нова“ во Загреб, Музејот на современа уметност во Загреб, Подгорица и Љубљана, „Кунстраум“ Инсбрук и Националната галерија во Прага.
Бојан Ѓорѓев (Белград, 1977 година) е театарски автор кој режира дела од современи драмски автори, а работи и на интердисциплинарни истражувачки проекти. Во фокусот на неговото истражување се прашања поврзани со уметничкото и културното наследство на социјализмот во Југославија и пошироко, капиталистичката економија, како и со изнаоѓање уметнички и театарски форми за јавно артикулирање на марксистичката мисла.
Покрај Белград, неговите дела биле изложувани во Берлин, Брисел, Амстердам, Њујорк, Виена, Грац, Шангај, Цирих, Загреб, Риека и Љубљана. Делата на Ѓорѓев биле прикажани и на фестивалите „Европалија“, БИТЕФ, „Конденз“, „Импулс Танц“, „Млади Леви“, Стериино позорје и други.
Продукцијата на настанот „Амам интернационала – под куполите“ е на „United Artists Labour“ – Белград во копродукција со „Локомотива“ – Скопје и Фондацијата „Лумбарди“ од Призрен.
„Амам интернационала – под куполите“ се реализира во рамки на Програмата за финансиска поддршка на граѓански организации (FSTP) што ја спроведува Агенцијата за локална демократија (LDA) во Суботица, во соработка со фондацијата „Нови Сад – Европска престолнина на културата“, координатор на проектот „District of Reconciliation“, кофинансиран од Европската Унија преку Програмата за граѓанско општество и медиуми за Западен Балкан IPA III; Владата на Швајцарија во рамки на проектот „Култура за демократија“ што го спроведува „Хартефакт Фонд“ и проектот „Поттикнување одржливи партнерства и дијалог: Уметничка и културна соработка меѓу Косово и Србија“, финансиран од Европската Унија.


