Мила Србиноска / Фото: „Брејк а лег“

ФОТО | Историски успех за Мила Србиноска — освои два сребрени медали на Европското првенство во хип-хоп

Македонската репрезентативка и членка на танцовиот клуб „Брејк а лег“ од Скопје, Мила Србиноска, деновиве постигна огромен успех. На Европското првенство во хип-хоп, попинг, брејкинг и ол стајл батлс, кое се одржа од 1 до 7 јуни во Клагенфурт, Австрија, Србиноска го освои својот втор сребрен медал.

По претходно освоеното сребро во дисциплината ол стајл батлс, таа се закити со уште еден сребрен медал во категоријата хип-хоп соло, јуниори 2, каде што се натпреваруваше во исклучително силна конкуренција од 110 учесници од цела Европа.

Мила Србиноска / Фото: „Брејк а лег“

Со двата освоени сребрени медали на едно Европско првенство, Србиноска оствари резултат без преседан за македонскиот хип-хоп. Таа стана првиот македонски натпреварувач што освоил два медали на едно Европско првенство во овие дисциплини, поставувајќи нов рекорд во историјата на македонските настапи на европските хип-хоп шампионати.

„Пресреќни сме за резултатите кои Мила ги демонстрираше на ова Европско првенство. Овие медали се резултат на многу посветеност, дисциплина и напорна работа. Горди сме на Мила и на начинот на кој ја претставува Македонија на меѓународната сцена. Пред нас има уште една категорија во која настапуваме и се надеваме дека ќе продолжиме со добрите резултати“, изјави Трајче Петковски од „Брејк а лег“.

Мила Србиноска / Фото: „Брејк а лег“

Мила Србиноска е едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот хип-хоп. Во 2017 година ја освои титулата европски шампион, а во 2024 година стана светски шампион, испишувајќи историја за македонскиот танц. Минатата година беше и финалистка на Светското првенство во хип-хоп, а двата сребрени медали освоени во Клагенфурт се уште една потврда за нејзината светска класа и континуитетот на врвни резултати на најголемата европска сцена.

Зад успесите на Мила стои нејзиниот долгогодишен тренер и ментор Андријана Петковски, која со својата посветеност има значајна улога во развојот на една од најуспешните македонски танчерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот