Дуа Липа и Калум Тарнер - Фото: Andrew Styczynski / News Licensing / Profimedia/Xavier Collin/Image Press Agency, Image Press Agency / Alamy / Profimedia

ВИДЕО | Свадбата на Дуа Липа и Калум Тарнер го подели Палермо: „Би разбрала да доаѓаше папата, ама за пејачка …“

Додека дел од жителите се горди што се домаќини на гламурозната прослава, други бурно реагираат на затворените улици и трансформацијата на градот во „забавен парк“.

Свадбената прослава на Дуа Липа и  Калум Тарнер во Палермо веќе наголемо е почната, а додека светскиот џет-сет наздравува на Сицилија , атмосферата на околните улици достигнува „точка на вриење“. Една локална жителка по име Кончета Чилеми, сопственичка на дуќан сместен веднаш до Палермската галерија за модерна уметност во историскиот центар на градот, детално ја објаснила хаотичната ситуација за британски „Гардијан“.

Свадба Дуа Липа во Палермо – Фото: RO FUCARINI / AFP / Profimedia

Додека таа разговарала со своите пријатели, на само неколку метри оттаму италијанска ТВ-екипа ја имала насочено својата камера кон малечкиот плоштад. Чилеми ја објаснила целата ситуација на терен, додека работниците ги правеле последните подготовки за свадбата на британската поп-ѕвезда Дуа Липа и актерот Калум Тарнер, кои во текот на следните два дена ја слават својата свадба во сицилијанската престолнина, откако официјално ги разменија заветите во Лондон минатиот викенд.

Иако Дуа Липа е едно од најголемите музички имиња во светот, Чилеми признала дека воопшто не знаела која е таа сè до минатото лето, кога парот летувал во Палермо веднаш по нивната свршувачка и споделил фотографии на Инстаграм, вклучувајќи и една од нивното уживање во едно блиско кафуле.

Свадба Дуа Липа во Палермо – Фото: Andrew Styczynski / News Licensing / Profimedia

Љубопитна за целиот тој метеж, таа набрзо решила да ја слушне музиката на пејачката. Како што раскажува, таа се собрала со неколку сопственици на продавници во околината за заедно да ислушаат неколку песни на пејачката.

Во петок доцна попладне, младоженците имале приватна турнеја низ Галеријата за модерна уметност (Galleria d’Arte Moderna di Palermo), чија збирка вклучува повеќе од 200 ремек-дела од 19-тиот и 20-тиот век, пред да им се придружат на своите гости во палатата „Ганџи“, која се наоѓа спроти галеријата. Деталите строго се чуваа во тајност, а сите вклучени потпишале ригорозни договори за доверливост.

Џет-сет елита во пет ѕвезди

Двојката пристигнала во Палермо со приватен авион во четвртокот навечер. Тие се сместени во „Вила Игиеа“ (Villa Igiea) со пет ѕвезди, каде што е закупен цел кат со апартмани во кои се сместени околу 200 гости. Познатиот диџеј Марк Ронсон и неговата сопруга, американската актерка Грејс Гамер, слетале во петокот, а пристигнала и Чарли Икс-Си-Екс (Charli xcx), уште една британска поп-ѕвезда која минатиот септември исто така направи свадба на Сицилија. Покрај Елтон Џон, меѓу гостите се и Кајли Миног, Донатела Версаче, Хари Стајлс.

Италијанските медиуми со недели ја подгреваа атмосферата, прогласувајќи ја прославата за „свадба на годината“. Меѓутоа, расположението на терен во Палермо е прилично амбивалентно.

Поделени мислења: Економски бум или „забавен парк“?

Додека дел од жителите се горди што Дуа Липа го избрала токму нивниот град за својата венчавка, други гласно негодуваат поради затворените патишта, безбедносните кордони и општото нарушување на секојдневниот живот. Чилеми изјавила дека понекогаш има чувство како градот да се претвора во некаков забавен парк, што само ги засилува проблемите со масовниот туризам и ваквите високопрофилни настани кои дополнително го зголемуваат притисокот врз локалците. Низ градот беа залепени и плакати на кои меѓу другото пишуваше: „Палермо не се изнајмува“, „Нашиот плоштад не е ваша дневна соба“.

Фото: Andrew Styczynski / News Licensing / Profimedia

Од друга страна, Кончета Пичука, хотелска работничка и голема обожавателка на пејачката, изјавила дека воопшто нема проблем со метежот бидејќи постојано ја слуша нејзината музика за опуштање. Таа смета дека овој настан е одличен бидејќи носи придобивки за локалната економија, додавајќи дека незадоволните граѓани можеби би требало да доаѓаат на работа со велосипед наместо со автомобил.

Свадба Дуа Липа во Палермо – Фото: Andrew Styczynski / News Licensing / Profimedia

Традиционално сицилиско мени и малку страв од … валкана вода

Прославата денеска се сели во Багерија, гратче во близина на центарот на Палермо. Вечерната забава ќе се одржи во палата од 18-тиот век наречена „Вила Валгуарнера“ (Villa Valguarnera), која е во сопственост на потомок на сицилијанската аристократија и беше една од локациите користени во мини-серијата на Нетфликс, „Леопардот“ (Il Gattopardo).

Багерија некогаш беше место на сицилијанската мафија Коза Ностра, но Пичука на шега забележува дека денес единственото нешто за кое Дуа Липа треба да се грижи е да не биде полиена со вода од некој балкон, со оглед на навиките на дел од локалното население кои често ја истураат водата директно на улица.

Локалниот градоначалник на Багерија, Филипо Триполи, изразил задоволство што градот ќе добие глобална „видливост“, но и таму има незадоволни гласови. Марија Ајело, сопственичка на продавница за облека, се запрашала каква корист ќе имаат малите бизниси од целиот овој хаос, со оглед на тоа што светската ѕвезда сигурно нема да купува од нејзиниот дуќан.

Сепак, локалните пензионери како Франческо, кои секоја вечер се собираат на клупа во близина на вилата, се прилично возбудени и тврдат дека имаат инсајдерски информации оти менито ќе биде целосно сицилиско со паста ала норма, каноли и сите традиционални специјалитети.

Инаку, пејачката Дуа Липа и актерот Калум Тарнер официјално го започнаа свадбениот викенд во Палермо, Италија. На ексклузивното собирање присуствуваа бројни познати лица од светот на музиката и филмот, додека младенците им обезбедија на своите гости единствена атмосфера во срцето на Сицилија, пишуваат странските медиуми.

Љубов родена преку патики и фудбалски дрес

Поврзаноста на Дуа Липа со Палермо започна во 2023 година, кога за потребите на една рекламна кампања позираше во розовиот дрес на фудбалскиот клуб Палермо, промовирајќи го моделот на патики „Пума Палермо“.

Градоначалникот на Палермо, Роберто Лагала, исто така во изјава посочил дека иако сочувствува со поплаките на граѓаните за метежот, ова е сепак „мала жртва“. Тој истакнал дека настанот ќе постигне важен резултат во промоцијата на градот и ќе ја засили економијата благодарение на доаѓањето на туристи кои трошат повеќе. Според него, Палермо е популарен за свадби токму затоа што е исклучително гостопримлив град, а самиот градоначалник изразил надеж дека ќе успее и лично да се запознае со младоженците.

ФОТО+ВИДЕО | Дуа Липа стана глобална амбасадорка на „Булгари“

ВИДЕО | Папараци ги прогонуваа Дуа Липа и Калум Тарнер во Париз: „Ова е навистина непријатно и исцрпувачки“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот