ВИДЕО | Никој не сакаше да ги вдоми, па каубојски шешир им го промени животот на овие мали питбули
Единаесетмесечната питбулка Ела и нејзините 12 кученца пристигнале во засолништето „Пети Бејкер Хјумејн Сосајети“ од пренатрупан прифатен центар во југозападна Флорида, а вработените веднаш се посветиле на пронаоѓање нови домови за нив, пишува „Додо“.
Препорачано
Кученцата биле стари околу четири недели кога пристигнале во засолништето и таму ги поминале сите фази од растењето – од првите чекори до разиграните денови исполнети со гушкање и игра.
„Тие беа типични кученца – разиграни, мили и полни со љубов. Ова легло беше особено мирно, обожаваа да ги држат во раце, да им го галат стомачето и едноставно да поминуваат време со луѓето“, изјавила Бека Морис, извршна директорка на засолништето.
Едно по едно, кученцата биле вдомени, сѐ додека не останале само четири – Колиер, Бејли, Бањан и Макс. Од непозната причина, токму тие четири постојано останувале незабележани од потенцијалните вдомувачи.
Тогаш тимот решил да се обиде со поинаков пристап.
Тие објавиле видео на социјалните мрежи во кое кученцата носат мали каубојски шешири. Видеото брзо стана вирално, а само три дена подоцна сите четири кученца добиле нови семејства.
„Две семејства дури допатуваа од Мајами за да ги вдомат“, открила Морис.
Сега во засолништето останала само нивната мајка Ела.
„Ела е навистина совршено куче – весела, нежна, разиграна и одлично се согласува со другите кучиња. Помина месеци грижејќи се за своите 12 кученца, кои сите најдоа дом. Сега е нејзин ред да биде нечие сакано милениче“, вели Морис.
Во надеж дека и за неа ќе се случи истото чудо, вработените ја фотографирале Ела со истиот каубојски шешир што го носеле нејзините кученца. Сите во засолништето се надеваат дека и оваа грижлива мајка наскоро ќе го пронајде своето засекогаш семејство.
Разговор со Александра Никушевска: Нала ме научи дека нејзината раса е полна со љубов


