Разговор со Александра Никушевска: Нала ме научи дека нејзината раса е полна со љубов

Александра, Давид и Нала / Фото: Приватна архива

„Никогаш не сум имала предрасуди или страв од одредена раса. Да бидам искрена, со Нала научив многу за тоа колку луѓето се плашат од нив како раса и за тоа колку овие кучиња се злоупотребувани од човекот“, вели Александра.

Постојат предрасуди во општеството дека сите кучиња од расата питбул се агресивни и дека се користат за борби со други кучиња. Сепак, мора да се напомене дека сопствениците, околината во која живее кучето и траумите што ги поминува имаат големо влијание врз неговото однесување, без разлика од која кучешка раса е. Со други зборови, доколку кучето е одгледувано со љубов и внимание, мала е веројатноста дека тоа ќе покаже знаци на агресија.

Доказ за тоа е Александра Никушевска од Скопје, која е сопственичка на Нала, женка од расата американски питбул териер. Таа вели дека Нала, како домашен миленик, донела многу радост во нивното семејство и дека е пресреќна што нејзиниот син Давид расте покрај такво внимателно куче.

Бидејќи сакала да им ја промени перцепцијата на луѓето кон Нала, Александра почнала да ѝ изработува шарени аксесоари. Тие им се допаднале на многумина, па така се „родила“ идејата за нејзиниот малечок бренд „Nalla The Pittie Shop“.

Кога влезе Нала во Вашиот живот?

– Откако паметам за себе, секогаш сме имале куче и сум растела со миленик, па затоа кога се омажив, веднаш ја почувствував таа празнина во домот. Сакавме да вдомиме куче и не ни беше важно дали ќе биде расно или на која раса ќе ѝ припаѓа.

Нала ја видов сосема случајно на Фејсбук и знаев дека тоа е моето куче, навистина не знам како да го објаснам тоа чувство. Уште истиот ден ја земавме и можам да кажам дека не само мојот, туку и животот на сите дома ни се промени на подобро. Со Нала поминав низ неколку потешки периоди во мојот живот, но ретко кој може да го разбере тоа.

Постојат предрасуди дека расата питбул е агресивна и опасна. Дали тоа, на некој начин, Ве натера да размислите пред да ја вдомите Нала?

– Зборот „питбул“ е генерички термин за повеќе раси како американски питбул териер, американски стафордширски териер, бул териер, американски булдог итн. Конкретно, Нала е американски питбул териер. Никогаш не сум имала предрасуди или страв од одредена раса. Да бидам искрена, со Нала научив многу за тоа колку луѓето се плашат од нив како раса и за тоа колку овие кучиња се злоупотребувани од човекот.

Уште следниот ден откако ја донесов Нала дома, првите коментари на загриженост дојдоа од нашите најблиски. На почетокот ме фрустрираше тоа што морав со сите да се докажувам и објаснувам, но некако времето си го направи своето и Нала им влезе под кожа на сите, посебно на мојот свекор, кој беше многу против, а сега спијат заедно. Никој не се родил агресивен и многу е важно кучето да биде социјализирано и правилно чувано, небитно од која раса е.

Низ годините, човекот некако успешно се провлекува, обвинувајќи ги сите други освен самиот себе, за жал. Човекот ги размножува, злоупотребува (ги вклучува во борби и заработува од хоророт што го преживуваат) и на крајот ги обвинува и се плаши од нив. Можам само да ви кажам дека благодарение на активисти и луѓе што вдомија злоупотребени и борени кутриња, тие не покажуваат никаков знак на агресија во новиот дом и живеат заедно со повеќе миленици.

Вие и Вашиот партнер неодамна станавте родители на синот Давид. Како Нала го прифати новиот член во семејството?

– Не се сомневав во тоа дека Нала ќе го прифати бебето, но сепак морав да бидам одговорен сопственик и мајка, пред сѐ, па целото запознавање и зближување се одвиваше постепено. Првата недела Нала беше многу љубопитлива и збунета, но брзо сфати дека ова нешто останува со нас и дека ќе биде дел од нашето семејство. Кога Давид плачеше навечер, Нала доаѓаше во спалната соба и лежеше до креветот додека тој не се смири.

Од друга страна, гледаме многу позитивни реакции и промени и кај Давид. Кога Нала ќе влезе во соба, тој е целиот насмеан, почнува да вика и да мрда со рацете и нозете. Со сопругот често знаеме да кажеме дека Давид ќе прооди и прозбори побрзо само поради Нала.

Пресреќна сум што моето дете расте со миленик затоа што сум свесна колку тоа позитивно влијае врз неговиот социјален и емоционален развој, на имуниот систем, отпорноста кон алергии и инфекции и ред други придобивки.

Кои активности ѝ се омилени на Нала и како го поминувате времето надвор од домот?

– Благодарение на Нала, ние секогаш излегуваме и шетаме, па дури и во оние денови кога немаме сила и мотивација. Омилена активност ѝ е бркање на фризби и качување на Водно, па од пред некој месец почнавме повторно да го качуваме Водно, но овој пат заедно со Давид.

Во летниот период сме најдолго во Охрид и навистина е тешко да ја извадиме од езеро, таа обожава вода и може да плива по нејзиното фризби цел ден.

Се радувам што кај нас има сѐ повеќе хотели кои дозволуваат миленици, па можеме заедно да шетаме и да посетуваме многу убави места низ Македонија.

Вие сте голем љубител на животни и неретко им помагате на бездомните кучиња. Дали сметате дека ние, како општество, треба да имаме похуман пристап кон нив?

– Апсолутно! Оваа планета колку е наш, толку е и нивен дом. Проблемот што го имаме со бездомните животни потекнува токму од нас – луѓето. Способни сме да го спречиме и да го контролираме нивното размножување со стерилизирање и кастрирање на домашните миленици, пред сѐ, а не со оставање мали кутриња во кутии на улица и повторно вината да ја префрлиме на самите животни.

Првото успешно вдомување ми беше пред неколку години, кога Нала ни донесе другарче од улица во двор. Сега се вика Мала и живее во Германија.

Никогаш не сум можела да замижам и да завртам глава кога сум во можност да помогнам некому. Луѓето често знаат да речат: „Вака треба на луѓе да помагате!“. Оној што има емпатија да му помогне на животно, верувам дека помаѓа и на луѓе, но не би можела да го кажам истото и за оние што само осудуваат кому си помогнал.

Покрај Вашата примарна професија, Вие изработувате и аксесоари за кучиња. Како дојдовте до идејата да ја отворите Вашата е-продавница „Nalla The Pittie Shop“?

– Главниот виновник е повторно Нала. Секогаш кога шетавме, луѓето преминуваа улица за да не се разминат со нас или си ги земаа малите кучиња во раце. Тоа ми правеше да се чувствувам многу лошо. Бидејќи беше почеток на пандемијата и почнаа карантините, случајно најдов стара машина за шиење, па решив да пробам да ѝ направам марама и машна за околувратник.

Дефинитивно, перцепцијата кон Нала се промени кај многумина. Луѓето почнаа да се насмевнуваат кога се разминуваа со нас, а имаше и такви што сакаа да ја погалат Нала без страв.

Потоа почнав да шијам заштитни маски за луѓе и марами за миленици од истиот материјал и така собирав средства за храна и лекување на бездомните. Подоцна отворив и е-продавница бидејќи почнав да добивам нарачки и надвор од земјата и ја проширив изработката на производи со адресари од епоксидна смола, поводници, па и свадбена колекција на марами за миленици.

Дали досега сте имале некоја невообичаена нарачка?

– На почетокот кога почнав да шијам добив едно барање од девојка од САД да сошијам марама со изглед на одело, за миленикот да ја носи на нејзината свадба.

Бидејќи секогаш сум сакала предизвици, прифатив, и оттогаш моите одела се испратени во преку десет држави а најчесто се Бразил, Израел, САД, Англија и од неодамна, на моја голема радост, Македонија.

Фотографиите што ги добивам од невестите се прекрасни и може да се забележи колку вклучувањето на миленикот го разубавува уште повеќе овој посебен ден.

Која е Вашата порака до сите што имаат желба да вдомат питбул, но сѐ уште не ја донеле својата конечна одлука?

– Колку и да ја сакам оваа раса, не би рекла дека секој би требало и дека може да се снајде во улогата на сопственик. Иако се главно кучиња што го обожаваат креветот или удобната фотелја, потребно е доста активност. На пример, Нала знае цел ден да лежи и е пасивна околу постарите дома, но штом излеземе надвор е друга енергија. Она што ѝ е потребно е физичка активност и ментална стимулација. Така е најсреќна.

Покрај активноста, сопственикот би требало да има силен карактер околу воспитувањето и поставувањето авторитет врз кучето, иако воспитување и учење неколку основни команди би рекла дека важи за секоја раса и големина на куче.

Луѓето често се плашат да вдомат веќе израснато или куче кое поминало одредена траума, но тоа не треба воопшто да биде пречка. Напротив, токму тие кучиња знаат да покажат најголема благодарност и љубов кон сопственикот што им дал втора шанса и нов живот.

Овие кучиња се големи мази и посебно се врзуваат за постарите и за децата. Јас силно верувам во тоа дека или ги сакаш или само не ги познаваш доволно, друго нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот