Сања Николиќ со силна поддршка за Слаткар: Приказната зад камерите е поинаква
Сања Николиќ се огласи по бурните реакции во врска со финансирањето на новиот документарен филм посветен на нејзиниот сопруг, Марко Маринковиќ-Слаткар, откако тој соопшти дека филмот ќе се реализира без државните средства. Веднаш по неговата одлука, силна поддршка му даде и Сања.
Препорачано
Таа ја сподели објавата на Слаткар, во која кажува дека се откажува од парите од Агенцијата за филм, и напиша:
„А приказната зад камерите е поинаква… секогаш искрена, но понекогаш доста тешка. И тој… еден и свој.“

Проектот кој крена прашина во јавноста е документарниот филм со наслов „Слушни ме!“, во режија на Радован Петровиќ. Иако првично во јавноста се стекна впечаток дека станува збор за класичен биографски филм за Слаткар, филмот е замислен преку животот и искуствата на Слаткаристика да ја отвори исклучително важната тема за лицата со говорни и комуникациски потешкотии, како и за нивното место, борба и прифаќање во современото општество.
„Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме.
Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене.
И искрено сум благодарен на Комисијата од Агенцијата за филм, која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм.
Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели, на кои сум им неизмерно благодарен.
И со најважната поддршка од вас, луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“, напиша Слаткар.
Агенцијата за филм за биографскиот музички документарец на режисерот Радован Петровиќ и „ОХО продукција“ за проектот додели 1,5 милиони денари (24.000 евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм за 2026 година, во прв рок, чии резултати беа објавени на 29 мај.
Режисерот Петровиќ, исто така, на Фејсбук објави дека целосно ја поддржува одлуката на Слаткар.


