„Најдобар татко“: Емотивна приказна на Дарко Димитров за роденденот на татко му Славе

Музичкиот продуцент и композитор Дарко Димитров сподели емотивна приказна за својот татко, легендарниот музичар Славе Димитров.

Еден од најзначајните композитори, аранжери и пејачи во историјата на македонската забавна музика, Славе Димитров, го прослави својот 80-ти роденден. Овој голем животен јубилеј легендарниот музичар го одбележа во прекрасен амбиент покрај море, опкружен со најблиските.

Неговиот син Дарко, преку својот инстаграм-профил сподели емотивни моменти од семејната прослава.

Фото: Скриншот/Инстаграм

На фотографиите се гледа славеничка атмосфера на отворено, каде што Славе Димитров, со препознатливата насмевка, позира пред роденденската торта. За оваа објава Дарко ја одбра безвременската песна „Каде песно моја“ од 1977 година.

Дарко Димитров упати и јавна честитка до својот татко, објавувајќи заедничка фотографија до која напиша: „Најдобриот татко, среќен роденден“.

Фото: Скриншот/Инстаграм

За оваа инстаграм-приказна беше избрана уште една антологиска композиција на Славе, евергринот „Чија си“ од 1971 година.

Роден во Битола во 1946 година, Димитров е уметник чие име со златни букви е врежано во историјата на македонската музика и култура.

Неговиот композиторски опус е ризница на безвременски хитови кои ги пеат многу генерации: „Нежност“, „Има една мома“, „Тивко, тивко“, „Дали да ти пријдам“, „Момчето со мандолина“, „Есенска роза“ и многу други. Покрај тоа, неговиот потпис стои зад музиката на култните македонски филмови, драми и телевизиски серии, меѓу кои и незаборавните „Исправи се, Делфина“ и детската серија „Опстанок“.

Димитров одигра клучна улога и во воспоставувањето, дизајнирањето и етаблирањето на најпознатиот македонски фестивал „Макфест“, за што во 1990 година ја доби и Ноемвриската награда на градот Штип.

Она што го прави вистински визионер е фактот што тој беше меѓу првите во Македонија кои го воведоа компјутерот како алатка во процесот на создавање музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот