Протест за правосуден испит и на Албански - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Решение за правосудниот или нов импулс за протести?
Мариела Трајковска
Пред
Пред евентуалното официјализирање на предлогот, масовен протест за поддршка на студентите Албанци за правосудниот испит да се полага на албански јазик за в петок е веќе закажан во Приштина и од косовски студенти. Претходно, протести на студентите се одржаа во Скопје и во Тирана.
Иако сè уште неофициjализиран, предлогот што треба да понуди решение за полагање на правосудниот испит на студентите Албанци, веќе е неприфатлив за опозицијата и за студентите. Експертите предложија правосудниот испит да се полага и на македонски и на албански јазик како соломонско решение и тој в понеделник треба да се најде на маса пред предводниците на владините партнери – премиерот Христијан Мицкоски и копретседателите на Вреди, Изет Меџити и Билал Касами.
Пред евентуалното официјализирање на предлогот, пак, масовен протест за поддршка на студентите Албанци за правосудниот испит да се полага на албански јазик за в петок е веќе закажан во Приштина и од косовски студенти. Претходно, протести на студентите се одржаа во Скопје и во Тирана.
Првиот вицепремиер Беким Сали изјави дека експертскиот предлог е теоретскиот дел од испитот да може да се полага на албански јазик ако побара кандидатот, додека практичниот дел од испитот пред комисија ќе остане да се полага на македонски јазик, со образложение дека судските документи се само на македонски јазик.
Претпоставките се дека овој предлог би ги задоволил барањата на кандидатите за полагање на овој испит и воедно би се запазиле уставните рамки што предвидуваат дека во правосудството документите се водат на македонски јазик.
Студентите веднаш го одбија предлогот. Еден од водачите на студентското движење Мевлан Адеми, преку Фејсбук отфрли можност за компромис и нагласи дека секој обид да се понуди делумно решение или да се бара начин за заобиколување на Законот за употреба на јазиците е целосно неприфатлив. Според Адеми, секој обид да се понуди делумно или половично решение е штетен.
Фото: Слободен печат / Драган Митрески
„Секој обид да се понуди делумно решение, половично решение или заобиколување на Законот за употреба на јазиците е неприфатлив. Албанскиот јазик не е прашање на преговори. Тоа не е услуга. Тоа не е компромис. Тоа е уставно и законско право“, напиша Адеми.
Според него, нема потреба од нови толкувања, туку спроведување на тоа што веќе е загарантирано со закон.
„Решението не треба да се измислува. Тоа постои. Спроведете го законот. Точка“, напиша Адеми.
Мицкоски: Експертскиот предлог ќе го разгледуваме в понеделник
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера изјави дека сè уште не го видел предлогот на групата уставни експерти, но најави дека оваа тема ќе биде разгледана в понеделник.
– Да го видиме предлогот. Сè уште не сум го видел. Мислам дека следната недела, в понеделник, е договорена средба во мојот кабинет за презентирање на предлогот – рече Мицкоски.
Меџити, Касами, Мицкоски Фото: Влада
Власта веќе најави дека предлог-решението ќе го достават и до Венецијанската комисија, која треба да даде свое мислење.
Од Министерството за правда не го коментираат предлогот на експертите и додаваат дека целиот процес се води во Владата. Министерството останува на ставот дека во моментов, можност за полагање на друг јазик, освен на македонскиот јазик, не постои, затоа што правосудниот испит е стручен испит, а не управна постапка.
Против предлогот на експертите се огласија опозициските ДУИ и Албанската лига.
Османи: Враќање во 1993 година
Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи на Фејсбук објави дека експертското решение што потсетува на 1993 година не може да биде решение.
„Кога го слушнав ‘решението’ за правосудниот испит – теорија на албански јазик, практика на македонски јазик, веднаш се потсетив на 1993 година“, напиша Османи.
„Таа година, по многу судири, беа отворени првите две паралелки на албански јазик во Средното медицинско училиште во Скопје. Јас бев дел од таа генерација. И тогаш ни беше понудено слично решение: еден дел на албански, еден дел на македонски. Затоа ми е неверојатно што 33 години подоцна и 25 години по Охридскиот договор, истата логика се претставува како успех. Иронијата е уште поголема од фактот што вицепремиерот Беким Сали беше дел од тие две паралелки како и јас. Тој многу добро знае што симболизираше тој модел и зошто беа потребни години за да се надмине. Затоа тој треба да биде првиот што ќе разбере дека решенијата од 1993 година не можат да се продаваат како достигнувања во 2026 година“, напиша Османи.
Бујар Османи / фото: ТВ21 / скриншот
Според Албанската лига, експертскиот предлог влијае не само на предметниот испит, туку и на албанскиот јазик и на неговата употреба воопшто.
„Со овој преседан, првично ќе се воспостави практика и за другите испити – теоретскиот дел да се полага и на албански јазик, додека практичниот дел на македонски јазик. Потоа ќе се направи обид на албанскиот јазик да му се даде статус на јазик што ќе се користи само во теорија, во говор, во изјави, но не и во практика, што вклучува и пишување, употреба во документација и службена комуникација на институциите. Овој предлог го враќа албанскиот јазик на статусот пред 2018 година, во времето на законот од 2008 година, но и пред да биде регулиран со Уставот, а ќе создаде и ‘домино’ ефект врз другите права што произлегуваат од Уставот по 2001 година. На овој предлог мора гласно да се спротивстават учениците, наставниците, како и сите албански политички субјекти и сите општествени актери во земјата“, соопшти Албанската лига.
Вреди, за која е прифатлив експертскиот предлог, во серија објави ја критикува ДУИ дека 20 години колку што била на власт не го решила тој проблем и ги прозва поранешните министри за правда од ДУИ – Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери и Билен Салији – дека не го решиле тоа прашање.
На социјалните мрежи се споделува дека новиот протест за поддршка на студентите веќе е закажан за в петок пред македонската амбасада во Приштина.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Веројатно сите скопјани во изминатава недела дознаа и се запознаени со гласањето на Советот на Општина Центар, каде што советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го изгласаа нацрт ДУП-от за градска четврт Ј-05, позната како Барутана, со што на оваа локација на Водно ќе се отвори можност да изградба на десетина или повеќе објекти на два …
Сите ние во некој момент сме заглавиле на социјалните мрежи со оние „pick a card“ видеа, прашувајќи се дали универзумот се обидува да ни испрати некој знак. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Килијан Мбапе сега е најдобар стрелец во историјата на светските првенства 2 Иниеста пред финалето Шпанија – Аргентина: „Невозможно …