Иниеста пред финалето Шпанија – Аргентина: „Невозможно е целосно да се запре Меси“
Поранешниот шпански репрезентативец Андрес Иниеста, еден од најдобрите играчи од средниот ред што фудбалот некогаш ги имал, зборуваше пред финалето на Светското првенство (недела, 19 јули, 21.00 часот) и ја предупреди својата земја за најголемата закана што доаѓа од Аргентина – Лионел Меси.
Препорачано
Легендарниот играч од средниот ред, стрелец на победничкиот гол во финалето на Светското првенство во 2010 година, смета дека обидот целосно да се неутрализира аргентинскиот капитен не е реална задача. Според него, Шпанија не смее да гради план на игра само околу запирање на еден фудбалер, туку мора да наметне свој стил и да ги користи своите квалитети.
Во разговор за El Partidazo de COPE, Иниеста истакна дека Меси е играч кој не може целосно да се „елиминира“ од натпреваро:
– Невозможно е целосно да се затвори. Повеќе ќе се прави околу тоа колку Шпанија може да ја загрози Аргентина со својата игра, создавање шанси и смиреност во реализацијата кога таа ќе дојде – рече Иниеста.
Тој имаше посебни зборови за својот поранешен соиграч од Барселона, со кого ја делеше соблекувалната со години и ги освои најголемите трофеи.
– Немам зборови, или едноставно не знам како да го опишам тоа. Решителноста, вербата и сè што прави во секој натпревар е нешто што едноставно мора „да му симнете капа“ – се зборовите на Иниеста.
Иниеста зборуваше и за можноста финалето да биде одлучено од еден момент или од еден стрелец. За него, како што вели, единствено важно е крајниот резултат и освојувањето на трофејот.
– Не е ни дилема, бидејќи мојот одговор е дека не ме интересира кој ќе го постигне голот. Важното, исто како и тогаш, е да го напуштиме теренот како шампиони. Кој ќе го постигне голот не е важно, сè додека голот ја носи победата – вели Иниеста.
Пораката на легендарниот Шпанец е јасна – Меси ќе биде закана до последниот момент, но патот до победата нема да води низ неговата изолација, туку низ храбрата и препознатлива игра на целиот тим.


