Ана Бунтеска/Фото: Приватна архива

ИНТЕРВЈУ | „Човекот зад името“ — Ана Бунтеска: Човек се менува само тогаш кога самиот сака

Поетесата Ана Бунтеска низ кратки и искрени одговори ни ја открива својата човечка страна, дека не мора да е силна, дека не мора да седи таму каде што не ѝ е убаво, а сака луѓе што не се плашат да бидат несовршени.

Рубриката „Човекот зад името“ започнува таму каде што завршува јавната слика. Честопати мислиме дека ги познаваме успешните личности, но најчесто ги познаваме само нивните улоги. Во оваа рубрика ги оставаме настрана титулите, професиите и успесите – не зборуваме за кариери и проекти, туку за внатрешните состојби, за копнежите, сомнежите и пресвртите што го обликуваат човекот. Преку лични и интроспективни прашања се обидуваме да ја откриеме поинтимната страна на личноста.

Денес, зад името ја откриваме Ана Бунтеска, не како поетеса, туку како човек.

Што од себе, од онаа Ана пред 15-20 години, најмногу Ви недостига денес?

– Има денови кога ми недостасува безгрижноста. И кога велам безгрижност, мислам најчесто на она моето ,,да мислам на сè наеднаш и да предвидам што сè може да се случи“. Некогаш се фаќам себеси како копнеам по онаа Ана што имаше повеќе идеали, а помалку се помируваше со реалноста. Сепак, гледам да не ја изгубам врската со себе од пред 20 години, но и онаа што ја градам со себе за следните 20, ако универзумот е добар со мене, па да ги дочекам.

Што би ѝ кажале на Ана која штотуку почнала да ги запишува своите први стихови, кога би можеле на момент да ја сретнете низ времето?

– Истото што го мислев и тогаш: Биди искрена со себе и со сите околу тебе, пишувај соголено до коска и помири се дека тоа има цена што ќе ја платиш. А награда ќе ти биде кога ќе ти речат ,,како јас да го пишав ова“.

Кој е оној дел од вас што сè уште не сте успеале да го искажете во зборови, иако секојдневно живеете со него?

– Љубовта кон ќерка ми и стравот од тоа да зависам од нешто или од некого. И не е дека не сум пишувала и за едното и за другото, туку дека никогаш нема да можам да ставам точка на двете работи, особено на првата.

Која е таа мала, речиси банална работа во секојдневието што најлесно успева да ви предизвика насмевка, дури и кога денот е сив?

– Кога ќе отворам очи сабајлечки и кога станувам свесна дека сум благословена со тоа што сум жива, што ми се тука оние што најмногу ги сакам, што имам пријатели што се дел од мене. И по таа помисла си велам дека е време за кафе и да се истурка денот, каков и да е. Чудно е колку стануваме поедноставни со текот на времето, а можеби само стануваме свесни оти кога сме живи и здрави имаме моќ да го обоиме денот и поинаку.

Што е она што денес ве тера да се чувствувате „дома“, без разлика на тоа каде се наоѓате?

– Кога знам дека сум своја. Застаната на свои нозе, одговорна кон себе и сите што вибрираат околу мене. Никогаш не сум имала однос кон ,,домот“ кој е градба, ами кон енергијата која ако ја има, од сè може да стори да сум ,,дома“.

Колку често си дозволувате да бидете „слаба“ надвор од листовите?

– Не постои Ана надвор од листовите, она што е таму тоа е и во реалноста. Слабоста ја гледам повеќе во неможноста да се признае дека сме ранливи, кревки и кршливи. Листовите немаат вредност ако во нив продавам ветар и магла, наместо месо, крв, душа и отворено срце.

Ана Бунтеска – „Сакам луѓе што знаат да замолат и кои знаат да застанат зад својот избор“./Фото: Приватна архива

Кои од вашите некогашни „мора да биде“ принципи, сега ги заменивте со „не е важно“?

– Не мора да сум силна, не мора да сум секогаш насмеана, не мора да глумам дека сум ОК, не мора да седам таму каде што не ми е убаво. И навистина не е важно како ме гледаат другите, ако не можам да се гледам сама себе во огледало… однатре.

Што е она што најмногу ве обликуваше во жената што сте денес?

– Ќерка ми. Таа ме научи како за миг се губи суета, како за миг може да се биде карпа, како за миг можам да се расплачам и како за миг можам да почувствувам среќа каква што не сум верувала дека постои. Ќерка ми ме научи да сум трпелива, да слушам, да гледам поинаку од вообичаено. Чинам дека многу мајки ќе се согласат со мене кога ќе речам дека децата некојпат нè имаат спасено од сами себе, не знаејќи.

Кога сфативте дека за некои од најболните прашања одговори едноставно не постојат?

– Кога за првпат се соочив со болест и смрт на блиски луѓе. Сфатив дека не само што нема одговори, туку нема ни логика. Тоа ми беше една од најтешките лекции во животот.

Што е она најважното што најдоцна го сфативте за љубовта, а што од овој агол ви ја менува перспективата за сè што сте преживеале?

– Дека љубовта не е никогаш доволна сама по себе ако не се работи на неа, ако не се бруси, гради, надградува. Сфатив дека и ,,најголемите“ љубови стануваат пепел ако не се чуваат и негуваат. Не знам само дали тоа го сфатив доцна или само одбивав да се помирам.

Ана Бунтеска/Фото: Приватна архива

Која илузија за луѓето најдолго ја носевте и како изгледаше моментот кога конечно се ослободивте од неа?

– Дека можам да сменам некого ако доволно сакам, се трудам или сум упорна. После ми текна дека е тоа само суета – моја, на која сè уште работам, зашто на крајот вистината е дека човек се менува само тогаш кога самиот сака и кога ќе реши да се смени. Тоа сознание направи полесно да дишам.

Што е она што денес најмногу го барате и го цените во еден човек за да му го отворите своето срце?

– Сакам луѓе што не се плашат да бидат несовршени, кои знаат да се извинат кога ќе згрешат. Сакам луѓе што знаат да замолат и кои знаат да застанат зад својот избор. Сакам луѓе што можам да ги почувствувам и пред кои инстинктивно знам дека можам да бидам она што сум, без да ме гледаат попреку или да ме осудат. Сакам луѓе што не се плашат да бидат луѓе, со сите свои доблести и недостатоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот