До крајот на јуни треба да се пушти во употреба кулата на Водно, објектот е готов уште од јануари
Кулата има четири платформи, од кои првата е наменета за војската и полицијата, втората е за мобилните оператори, третата е за Македонска радиодифузија и четвртата, највисоката, е за туристичко-угостителска дејност
Иако телекомуникациската кула на Водно, изградена веднаш до Милениумскиот крст, уште во декември минатата години влезе во завршна фаза и од јануари требаше да биде официјално пуштена во употреба, објектот сè уште ја нема добиено употребната дозвола.
Препорачано
Сепак, според претседателот на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, Орце Симов, сите градежни активности на објектот се завршени и преостанува уште административната постапка за добивање употребна дозвола.
-Сите градежни активности се завршени, остана уште постапката за добивање на употребна дозвола. Во тек е…- напиша Симов во својата објава на социјалните мрежи.
Тој во својата објава информираше и дека проектот е пријавен за учество на Светскиот фестивал на архитекти 2026, каде ќе конкурира за меѓународно признание во областа на архитектурата.
Нема да има свадби во кулата на АЕК на Водно, ниту пристап со возила до неа
Објектот е завршен од јануари, се собираат потребните документи
На прашањето зошто уште не е добиена употребната дозвола, Илија Кепевски, кој е советник на директорот на АЕК и човек што е дел од изградбата на кулата уште од поставувањето на камен-темелникот пред повеќе од една деценија, ситуацијата оддамна не е во рацете на Агенцијата, туку се чекаат сите потврди и документи од бројните институции кои се дел од постапката за издавање на употребната дозвола.
Тој за „Слободен печат“ објасни дека објектот е готов уште од јануари и дека по правило, употребната дозвола треба да се добие 15 дена од поднесувањето, но поради одредени измени во тек на градба се пролонгирало пуштањето во употреба на кулата.
Како што вели Кепевски, изминатиов период се испратени барања за потврда за исправност до голем број оператори и институции, од кои се очекува во текот на оваа недела да бидат изготвени.
-Се побараа потврди за објектот од операторот А1, Дирекцијата за заштита и спасување, од Општините Карпош и Сопиште, од ЈП „Водовод и канализација“ и ЈП „Комунална хигиена-Скопје“, овој процес е доста бирократски и „во игра“ се повеќе институции и претпријатија. Очекуваме да ги добиеме сите потврди во текот на оваа недела- вели тој.
Кепевски објасни деа откако ќе се добијат сите потребни потврди, тие се доставуваат до Министерството за транспорт и врски и се прикачуваат онлајн на системот е-одобрение за градба.
Комисија треба да закаже технички прием
По ова, министерот за транспорт и врски Александар Николоски треба да оформи повеќечлена комисија која ќе ги разгледува сите потребни документи за издавање на употребната дозвола.
Комисијата треба да се состои од претставници од Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, од Агенцијата е електронски комуникации, Министерството за транспорт, Парк шума Водно, од Дирекцијата за заштита и спасување, со што комисијата веројатно ќе брои повеќе од 10 членови.
Кепевски истакна дека откако ќе се прегледааат сите потребни документи и потврди, комисијата треба да закаже технички прием за објектот, за кој очекува дека ќе биде готов најдоцна до 20 јуни.
-Очекуваме дека до 15 или до 20 јуни ќе заврши техничкиот прием и доколку нема забелешки Министерството за транспорт треба да ја издаде употребната дозволата по жалбениот период, а таа ќе стане правосилна од три до 15 дена по потпишувањето на записникот за техничка исправност од сте членови на комисијата- објаснува тој за „Слободен печат“.
Доколку има забелешки во извештајот за техничка исправност на кулата, изведувачот има период од 30 дена да ги поправи недостатоците и да ги отстрани забелешките.
Штом се добие употребната дозвола, изведувачот ќе го предаде објектот на АЕК, која е инвеститор во овој проект, по што, според проекциите на Кепевски, објектот ќе биде пуштен во употреба до крајот на јуни.
Нема да има свадби во кулата на АЕК на Водно, ниту пристап со возила до неа
Кулата има четири нивоа со различна намена
Во кулата ќе биде сместена софистицирана опрема со чија помош АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи. Со тоа е планирано да се намалат можностите од појава на разни пречки.
На објектот има четири платформи, од кои првата е наменета за војска и полиција, втората е за мобилните оператори, третата е за македонска радиодифузија и четвртата, највисоката, е за туристичко-угостителска дејност. Таа е ротирачка и за еден час врти еден круг. На трите платформи што се пониско поставени од ротирачката, ќе биде сместена само опрема, нема да има вработени.
Во однос на видиковецот што се наоѓа на четвртата платформа, каде што посетителите ќе можат да уживаат во погледот на Скопје, Кепевски претходно ни посочи дека ќе се служи само чај и кафе и можеби по некој ладен сендвич и во него ќе биде ограничено времето за престој.
Патот од Средно Водно до врвот не се користел ниту при изградбата на кулата на АЕК
Телекомуникациската кула на Водно се наоѓа во близина на Милениумскиот крст и е висока 155 метри, односно двапати повисока од крстот. Инжинерот потенцираше дека иако објектот започна да се гради во 2013 година, реалното и ефективно време на градење било само шест години поради големиот број паузи и блокади во текот на изградбата.
Кепевски изјави дека досега за овој проект се потрошени 1,23 милијарди денари, или околу 20 милиони евра, при што тој истакна дека е задоволен поради малите отстапки од проектираните суми, со оглед на инфлацијата во изминатите 13 години.
Градежните работи на телекомуникациската кула ги изведува „Гранит“, додека пак инвеститор на проектот е Агенцијата за електронски комуникации.


