Дијабетес, жена го проверува шеќерот во крвта/Фото: Yaroslav Litun / Alamy / Profimedia

Експерти посочуваат — утринска навика број 1 за намалување на шеќерот во крвта

Регулирањето на шеќерот во крвта кај луѓето со дијабетес може да изгледа како работа што трае цел ден. Но, дали знаете дека брзата десетминутна прошетка по појадокот може да помогне во намалувањето на нивото на гликоза пред воопшто да започне денот?

Физичката активност веднаш по оброкот е толку делотворна што Американскиот колеџ за спортска медицина им препорачува луѓето со дијабетес тип 2 вежбањето да го планираат по оброкот, а не пред него. Експертите за дијабетес потврдуваат дека дури и само 10 минути се доволни за значителна промена, под услов да прошетате веднаш по јадењето, пишува „Итинг вел“.

Како одењето по појадокот влијае на шеќерот во крвта

По оброкот, нивото на шеќер во крвта природно расте.

– Кратката прошетка по појадокот помага да се ублажат наглите скокови на шеќерот во крвта бидејќи гликозата веднаш се троши за енергија, наместо да се задржува во крвта – објаснува Ребека Џаспан, регистрирана диететичарка и сертифицирана едукаторка за дијабетес.

На активните мускули им е потребна гликоза, па затоа брзо ја користат, што резултира со помало зголемување на шеќерот во крвта.

Времето е, меѓутоа, клучно. Една студија покажала дека десетминутната прошетка веднаш по консумирањето јаглехидрати доведува до помали скокови во гликозата и пониски просечни нивоа на шеќер отколку чекањето половина час и одењето трипати подолго.

Му помага на телото поефикасно да го користи инсулинот

– Кај луѓето со дијабетес, телото или не реагира добро на инсулинот или не го произведува доволно. Но, кога луѓето со дијабетес редовно вежбаат, нивните клетки стануваат почувствителни на инсулин – вели Ејми Кимберлен, портпаролка на Академијата за исхрана и диететика.

За да може одењето по појадокот да ја подобри чувствителноста на инсулин, тоа мора да стане секојдневна навика.

– Чувствителноста на инсулин се подобрува постепено. Колку почесто се занимаваме со аеробна активност, дури и кратко, толку е поголема веројатноста да видиме подобрување на чувствителноста на инсулин – објаснува Лорен Планкет, регистрирана диететичарка. Иако вежбањето може да ја подобри чувствителноста на инсулин до 24 часа, ефектите потоа слабеат.

Ги поттикнува цревни бактерии корисни за регулирање на шеќерот

Секојдневната прошетка по појадокот може да помогне во регулирањето на гликозата и на индиректен начин.

– Неодамнешните истражувања покажуваат дека кај луѓето со дијабетес, вежбањето помага во регулирањето на нивото на шеќер во крвта така што влијае на цревната микробиота – вели Кимберлен.

Еден од механизмите е способноста на корисните цревни бактерии да создаваат антивоспалителни супстанции, т. н. масни киселини со краток синџир. Овие соединенија го подобруваат енергетскиот метаболизам, што доведува до поделотворно искористување на гликозата и подобра чувствителност на инсулин.

Го намалува стресот

Лесно е да се претпостави дека високиот шеќер во крвта е поврзан само со исхраната, но Американското здружение за дијабетес наведува дека и стресот може да ги зголеми и неговите вредности.

– Стресот го зголемува нивото на хормони на стрес, кортизол и адреналин, и го подготвува телото за „борба или бегство“ – вели Џаспан.

Како одговор на тоа, телото испраќа сигнал до црниот дроб да ја ослободи складираната гликоза во крвотокот за да обезбеди енергија, иако таа, всушност, не е потребна.

Добрата вест е дека утринската прошетка може да помогне.

– Одењето со умерено темпо помага во намалувањето на нивото на хормони на стрес, особено на кортизолот – вели Џаспан.

Освен што помага во намалувањето на шеќерот во крвта, денот ќе го започнете помирно и порелаксирано.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот