Франц Кафка / Фото: Profimedia

Гласот на отуѓените — последната желба на Франц Кафка била неговите дела да бидат запалени

На 3 јуни 1924 година почина Франц Кафка, еден од најзначајните и највлијателни писатели на 20. век. Иако за време на својот живот не доживеал голема книжевна слава, неговите дела подоцна ќе станат дел од светскиот книжевен канон и ќе го претворат во еден од најчитаните автори на модерната епоха.

Денес неговото име одамна ги надминало рамките на литературата. Терминот „кафкијански“ се користи ширум светот за да се опишат апсурдни, бирократски и безизлезни ситуации во кои човекот се чувствува немоќен пред системот, токму како ликовите во неговите дела.

Франц Кафка / Фото: Profimedia

Од живот во Прага до книжевната бесмртност

Франц Кафка е роден на 3 јули 1883 година во Прага, тогаш дел од Австро-Унгарија, во средноимотно еврејско семејство на германски говорители. Иако мајчин јазик му бил германскиот, одлично го владеел и чешкиот јазик, а бил добро запознаен и со француската книжевност и култура.

Во Прага го завршил своето образование и станал доктор по правни науки. По студиите се вработил во осигурителна компанија, работа што ја сметал за неопходност за живот, додека неговата вистинска страст била пишувањето.

Во текот на животот напишал стотици писма, дневници, раскази и романи. Големо влијание врз неговата личност и творештво имала сложената врска со неговиот татко, тема што често се провлекува низ неговите дела.

Во 1917 година заболел од туберкулоза, а болеста постепено се влошувала. Последните месеци од животот ги минал во санаториум во близина на Виена, каде што починал на 3 јуни 1924 година, на 40-годишна возраст.

Франц Кафка во младоста / Фото: Profimedia

Сакал неговите дела да бидат изгорени

Една од најпознатите приказни поврзани со Кафка е неговата последна желба. Непосредно пред смртта му оставил аманет на својот најблизок пријател Макс Брод да ги изгори сите негови ракописи, дневници и писма.

„Драг Макс, мојата последна молба: сѐ што ќе се најде во мојата заоставштина (…) – дневници, ракописи писма, туѓи и мои, прибелешки и така натаму, изгори го сето без остаток непрочитано, а исто така и сите ракописи и прибелешки што ги имаш ти или други што од мое име ќе ги помолиш за ова. Писмата што не ќе сакаат да ги предадат, барем нека се задолжат дека сами ќе ги изгорат.“

Но, Брод одлучил да не ја исполни таа желба. Наместо тоа, ги зачувал и ги објавил делата што подоцна ќе му обезбедат бесмртно место во светската литература.

Благодарение на него, светот ги добил романите „Процес“, „Замок“ и „Америка“, како и бројни раскази и записи кои денес се сметаат за ремек-дела на модерната книжевност.

Потписот на Франц Кафка / Фото: Profimedia

Зошто Кафка и денес е актуелен?

Во творештвото на Кафка се спојуваат реалноста и фантазијата, логиката и апсурдот. Неговите ликови се осамени луѓе кои се соочуваат со неразбирливи правила, недостижни авторитети и свет во кој чувството на отуѓеност е постојано присутно.

Во романот „Процес“, Јозеф К. е обвинет без да знае за што. Во „Замок“, главниот лик безуспешно се обидува да воспостави контакт со недостижната власт. Во „Преобразба“, Грегор Самса се буди претворен во огромен инсект, во една од најпрепознатливите сцени во историјата на литературата.

Токму преку овие дела Кафка ги отвора прашањата за вината, идентитетот, стравот, слободата и местото на човекот во современиот свет. Затоа неговото творештво и денес е предмет на бројни толкувања, книжевни анализи и нови читања.

По цели 102 години по неговата смрт, Франц Кафка е релевантен и ден-денес. Неговите книги и понатаму ги освојуваат новите генерации читатели, потсетувајќи дека литературата има моќ да ги опфати најдлабоките стравови, дилеми и противречности на човековото постоење.

Франц Кафка за љубовта и трпението: Трпението е единствен вистински темел на кој се остваруваат сoништаta

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот