Свадбата на Грејс Кели и принцот Рение Трети: Фото: brandstaetter images / Profimedia

Од фонтани со вино до милијарди гледачи и Октоберфест — 10 најраскошни свадби во историјата

Свадбата на светската музичка ѕвезда Тејлор Свифт и играчот на американски фудбал Тревис Келси со месеци беше една од најочекуваните теми во светската јавност. На церемонијата, која се одржа на 3 јули во легендарната њујоршка арена „Медисон Сквер Гарден“, присуствуваа повеќе од илјада гости од светот на филмот, музиката и спортот, а актерот Адам Сендлер ја предводеше свадбената церемонија.

Иако многумина очекуваа фотографии од венчавката, младенците одлучија најважниот ден од својот живот да го задржат далеку од очите на јавноста. Така остана непознато како изгледала венчаницата на Тејлор Свифт, кој го фатил бидермаерот и на која песна младенците го одиграле првиот танц.

Наместо официјални фотографии, во медиумите се појавија само снимки од папараци на кои гостите брзаат кон добро обезбедениот објект.

 „Еуроњуз“ состави листа на некои од најраскошните, највлијателни и најнеобични свадби што оставиле трага во историјата:

Карло Смели и Маргарет од Јорк – девет дена славење со фонтани од вино

Во јули 1468 година, војводата од Бургундија Карло Смели се оженил со Маргарет од Јорк на свадба што траела дури девет дена. Прославата била исполнета со богати гозби, фонтани од вино, свечени поворки и витешки турнири, а историчарите проценуваат дека денес би чинела околу двесте милиони долари.

Советникот на војводата, Оливје де ла Марш, во своите мемоари запишал дека невестата пристигнала облечена во бел брокат извезен со злато и со круна на главата, придружувана од англиски благороднички на коњи. Карло носел златна облека украсена со скапоцени камења, чија вредност денес би се мерела во милиони.

Од 1958 година, градот Бриж на секои пет години организира реконструкција на оваа историска свадба.

Круната на Маргарет од Јорк: Fabrice COFFRINI / AFP / Profimedia

Луј Шеснаесетти и Марија Антоанета – раскош што завршил со трагедија

По венчавката преку полномошник во април 1770 година, официјалната свадбена свеченост во Версај собрала повеќе од пет илјади гости, додека пред палатата се собрале околу двесте илјади луѓе. Четиринаесетгодишната Марија Антоанета носела сребрена венчаница украсена со дијаманти.

Прославата траела две недели со банкети и балови, а завршила со голем огномет. Наместо свечен крај, дошло до стампедо во кое животот го загубиле најмалку 132 лица, додека некои извори наведуваат дека бројот на жртвите бил и многу поголем.

Свадбата на Луј Шеснаесетти и Марија Антоанета: SPCOLLECTION / Alamy / Profimedia

Лудвиг Први Баварски и принцезата Тереза – свадба од која се родил Октоберфест

Кога баварскиот престолонаследник Лудвиг на 12 октомври 1810 година се оженил со принцезата Тереза, свадбата прераснала во голема народна прослава.

Жителите на Минхен биле поканети да учествуваат во свеченостите, кои вклучувале коњски трки, паради, пиво и богати народни гозби. Ливадата на која се одржувала прославата подоцна го добила името „Терезина Ливада“, во чест на невестата.

Последната коњска трка, одржана на 17 октомври, станала традиција што се повторувала секоја година, а со текот на времето прераснала во Октоберфест – денес најголемиот народен фестивал во светот.

Кралицата Викторија и принцот Алберт – свадба што ја направи белата венчаница светски симбол

Кралицата Викторија се омажила за принцот Алберт на 10 февруари 1840 година, а нејзината венчаница од бел сатен и чипка засекогаш ја променила свадбената мода.

Таа одлучила никој друг на свадбата да не носи бела облека, а подоцна дури наредила да биде уништен кројот на венчаницата за никој да не може да ја изработи истата.

И покрај силниот дожд, илјадници луѓе ги исполниле улиците на Лондон за да ја видат златната кочија на кралицата. Внимание привлекла и трокатната свадбена торта тешка околу 130 килограми.

Кралицата Викторија и принцот Алберт – Фото: Wikimedia Commons/Nhật Tường

Грејс Кели и принцот Рение Трети – свадба што ја следеле милиони

Холивудската актерка Грејс Кели и принцот Рение Трети од Монако стапиле во граѓански брак на 18 април 1956 година, а веќе следниот ден се одржала и верската церемонија.

Нивната свадба ја следеле околу триесет милиони телевизиски гледачи, додека шестотини гости присуствувале во живо. Меѓу нив биле Кери Грант, Ава Гарднер и Френк Синатра.

Прославата во Монако траела осум дена, а младенците добиле честитка и од папата. Меѓу бројните свадбени подароци имало луксузен автомобил, но и необична секира изработена од злато и коска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vogue Weddings (@vogueweddings)

Елизабет Тејлор и Ричард Бартон – тајна свадба што стана светска сензација

Елизабет Тејлор и Ричард Бартон се венчале тајно на 15 март 1964 година во хотел во Монтреал. Се пријавиле под лажните имиња „господин и госпоѓа Смит“, нарачале неколку гајби шампањ и го замолиле шефот на хотелската послуга да им биде сведок.

Елизабет носела жолта венчаница од проѕирна ткаенина украсена со брош и обетки со огромна вредност. Веќе следното утро пред хотелот се собрале стотици љубопитни луѓе, а Бартон инсистирал двајцата да излезат и да ги поздрават.

Елизабет Тејлор и Ричард Бартон – Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Тајни Тим и Мис Вики – свадба со телевизиски пренос

Една од најгледаните свадби во телевизиската историја се случила на 17 декември 1969 година, кога пејачот Тајни Тим и Вики Будингер, позната како Мис Вики, се венчале во живо за време на телевизиско шоу.

Настанот го следеле повеќе од четириесет и пет милиони гледачи, што долго време останал рекорд за оваа телевизиска емисија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by AncientFaces (@ancient.faces)

Принцот Чарлс и лејди Дијана– свадба што ја гледал целиот свет

На 29 јули 1981 година, принцот Чарлс и лејди Дијана Спенсер се венчале во катедралата „Свети Павле“ во Лондон.

Телевизискиот пренос бил емитуван во 74 држави, а го следеле околу 750 милиони луѓе. Во Обединетото Кралство денот бил прогласен за државен празник, а околу шестотини илјади луѓе ги исполниле улиците на Лондон.

Венчаницата на Дијана имала вел долг речиси осум метри и останува една од најпознатите во историјата.

Свадбената церемонија на Дијана и Чарлс во 1981 / Фото: 710700121, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no, Credit line: TopFoto / Topfoto / Profimedia

Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон – современа бајка пред две милијарди гледачи

Свадбата на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон се одржа на 29 април 2011 година и беше еден од најголемите медиумски настани во поновата историја.

Се проценува дека церемонијата ја следеле околу две милијарди луѓе низ светот, додека повеќе од милион граѓани се собрале на улиците на Лондон. Во Вестминстерската опатија присуствувале речиси две илјади гости, меѓу кои членови на кралски семејства и бројни светски познати личности.

Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон на својата венчавка/Фото: Профимедиа

Ким Кардашијан и Канје Вест – раскошна прослава меѓу Париз и Фиренца

Ким Кардашијан и Канје Вест се венчале на 24 мај 2014 година, а свадбената прослава се одвивала на две локации – во Париз и во Фиренца.

Прославата започнала со свечена забава во палатата Версај, со коњи, мускетари и богата сценографија. Главната церемонија се одржала во историската тврдина во Фиренца, која била изнајмена за околу четиристотини илјади долари.

Гостите вечерале на мермерна маса долга седумдесет метри, која поради својата големина морала да биде внесена преку ѕидините на тврдината.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by STEP CORRECT UK (@stepcorrectuk)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот