Истражување откри кој домашен уред најмалку се исплати да го поправате, подобро купете си нов
Безжичните правосмукалки се меѓу домашните уреди што денес најтешко се поправаат, покажува истражување на белгиското здружение за заштита на потрошувачите БЕУК (BEUC), спроведено во соработка со шест национални здруженија за заштита на потрошувачите.
Препорачано
Анализата покажала дека производителите на повеќето анализирани пазари не нудат сервисни упатства, а достапноста на резервните делови значително варира во зависност од земјата и од брендот.
На пример, додатоци за правосмукалки што се достапни во Холандија и Австрија не можат да се набават во Словенија и Данска. Во Франција и Шпанија, пак, недостигаат дел од додатоците, но се достапни одредени внатрешни компоненти на уредите.
„Постојат големи разлики меѓу брендовите кога станува збор за видот на резервните делови што ги нудат. Некои производители имаат многу обемни каталози со компоненти, додека други нудат само ограничен избор на дополнителни делови, како што се додатоци, садови за прав и батерии. Иако обемните каталози можат да бидат корисни, нивното користење често е комплицирано. Тоа важи дури и кога постојат алатки за пребарување базирани на вештачка интелигенција. Посебен проблем претставува постоењето повеќе верзии на ист резервен дел – понекогаш и до десет варијанти во рамките на една линија производи – поради што е тешко да се утврди кој дел одговара на конкретниот модел“, наведуваат од БЕУК.
Истражувањето покажало и големи разлики во роковите за испорака на резервните делови. Така, еден мотор во Австрија може да пристигне дури по седум недели, додека во Франција се испорачува за два работни дена, а во Словенија за пет до осум работни дена.
Дополнителен проблем е цената на резервните делови, поради што поправката во многу случаи не е исплатлива. Најскапата заменска рачка што ја пронашле истражувачите чинела 240 евра, односно 37 проценти од цената на новата правосмукалка, додека најскапата батерија достигнувала 281 евро, што е дури 56 проценти од вредноста на нов уред.
Кога резервните делови биле достапни, највисоки цени речиси секогаш биле забележани во Франција. За ист модел од средната класа, батеријата чинела 281 евро во Франција, околу 145 евра во Холандија и Австрија, а 208 евра во Данска. Во Шпанија и Словенија, батерија за истиот модел воопшто не можела да се набави.
Од друга страна, анализата покажала дека состојбата кај паметните телефони значително се подобрила благодарение на новите правила на Европската Унија за екодизајн и задолжителните енергетски ознаки, кои стапија во сила во јуни минатата година. Сепак, кај поевтините модели и натаму има проблеми со достапноста на резервните делови.
Од БЕУК посочуваат дека Европската комисија веќе го препознала проблемот со тешкото сервисирање на безжичните правосмукалки и најавува нови правила што треба да бидат претставени подоцна годинава. Целта е и за оваа категорија производи да се воведат стандарди слични на оние што веќе важат за паметните телефони, со што би се олеснила нивната поправка и би се подобрила достапноста на резервните делови.


