Што навистина носиме на себе? Евтината облека што масовно ја купуваме содржи опасни хемикалии
Европската Унија воведува нов данок за увоз на производи со ниска вредност со цел да го ограничи масовното купување од платформите за брза мода како „Шеин“, „Тему“ и слични интернет-продавници. Иако овие производи привлекуваат со исклучително ниските цени, најновите испитувања предупредуваат дека зад поволните понуди се крие сериозен ризик за здравјето на луѓето, пишува „Еуроњуз“.
Препорачано
Секоја година во Европската Унија се увезуваат околу 4,5 милиони тони текстил од индустријата за брза мода (fast fashion). Во европските земји секој ден пристигнуваат повеќе од 5.800 000 мали пакети од интернет-продавници, а платформите како „Шеин“, „Тему“ и „Алиекспрес“ месечно ги користат повеќе од 400 милиони купувачи.
Повеќе од 90 проценти од оваа облека е изработена од евтини синтетички материјали како полиестер, еластан и најлон. Практично станува збор за мека пластика која не се разградува природно, туку со текот на времето се претвора во микропластика што ја загадува животната средина.
До сега овие производи директно се испраќаа од фабриките до купувачите, без да поминат низ детални проверки за присуство на опасни хемиски супстанции. Новите царински правила на Европската Унија ќе бараат секој пакет да биде електронски евидентиран, што ќе им овозможи на надлежните служби уште на граница да ги проверуваат производите за недозволени количини на штетни материи и други безбедносни прекршувања.
„Секоја секунда во Европската Унија пристигнуваат околу 200 производи. Додека разговараме, речиси 1000 производи ќе влезат во Европа, а само мал дел од нив ќе бидат проверени“, предупредува Пеле Мос, експерт за хемикалии и претставник на Европската организација на потрошувачи.
Според него, кога институциите ќе спроведат контроли на производите што се продаваат преку платформите за ултрабрза мода, резултатите се алармантни.
„Зборуваме за непочитување на прописите кај 70 до 80 проценти од производите“, истакнува Мос.
Во последните години значително е зголемен бројот на предупредувања за опасни хемикалии во текстилот. Повеќе од 72 проценти од пријавите во европскиот систем за брзо предупредување се однесуваат на директни ризици за здравјето, меѓу кои сериозни алергиски реакции, хемиски изгореници поради прекумерно присуство на формалдехид и можни оштетувања на органите предизвикани од тешки метали.
Проблеми не се откриени само кај облеката. Организацијата за заштита на потрошувачите „Тесташа“ тестирала играчки купени од „Шеин“ и утврдила дека само една од нив целосно ги исполнувала безбедносните стандарди.
„Не избиравме производи што изгледаа сомнително, туку случајно одбравме 45 играчки. Околу 60 проценти претставуваа вистински безбедносен ризик, меѓу другото поради ситни делови што децата можат да ги проголтаат или електронски компоненти кои не биле соодветно заштитени“, изјави портпаролката Лаура Клајс.
Опасни материи во текстилот
„Ова е најлошото што го гледаме. Станува збор за хемикалии за кои со децении е познато дека се штетни. Тие можат да предизвикаат рак, неплодност, нарушувања во развојот кај децата и долго остануваат во животната средина“, предупредува Мос.
Лабораториско истражување објавено во 2025 година покажало дека кај 32 проценти од анализираните производи од „Шеин“ биле надминати дозволените европски граници за присуство на опасни хемиски супстанции.
Во истата година Европската организација на потрошувачи објави истрага во која предупреди дека дел од производите за деца претставуваат вистински „хемиски бомби“. Од 25 тестирани производи, 10 содржеле опасни материи, а како особено ризичен пример биле посочени детски влечки.
Експертите предупредуваат дека телесната топлина и потта можат да придонесат штетните материи од ткаенината полесно да навлезат во кожата. Освен тоа, луѓето постојано вдишуваат ситни текстилни влакна и хемиски честички што се ослободуваат од облеката, додека малите деца често ја ставаат облеката во уста. Високите температури, продолженото носење и оштетената кожа дополнително го зголемуваат ризикот од апсорпција на овие супстанции.
Во 56 анализирани парчиња облека биле откриени концентрации на фталати и до 200 пати повисоки од дозволените европски граници. Во 7 јакни биле пронајдени таканаречени вечни хемикалии, а кај некои примероци нивото било повеќе од 3000 пати над дозволеното.
Истражувачите откриле и присуство на олово и кадмиум во обувки, формалдехид во детски костим и неонилфенол етоксилати во кабаница. Слични резултати добила и Европската организација на потрошувачи, додека данската организација за заштита на потрошувачите открила забранети вечни хемикалии во повеќе јакни за активности на отворено.
Какви последици можат да имаат овие хемикалии?
Иако нивните имиња звучат сложено, последиците врз здравјето се добро познати.
Фталатите се користат за омекнување на пластиката и синтетичките материјали. Тие се поврзуваат со нарушување на хормоналната рамнотежа, намалена плодност и проблеми во развојот кај децата.
Таканаречените вечни хемикалии се задржуваат во организмот многу долго и се поврзуваат со ослабен имунитет, оштетувања на органите и појава на одредени видови рак.
Формалдехидот се додава за облеката да не се тутка при транспортот, но може да предизвика иритација на кожата, алергиски реакции, а при долготрајна изложеност и зголемен ризик од рак.
Неонилфенол етоксилатите се супстанции што можат да го нарушат хормоналниот систем и да влијаат врз репродуктивното здравје и развојот.
Ароматичните амини, кои се создаваат при употреба на одредени бои, вклучуваат соединенија за кои е познато или се сомнева дека предизвикуваат рак.
Диметилформамидот и сродните испарливи соединенија се индустриски растворувачи што се поврзуваат со оштетување на црниот дроб, репродуктивни нарушувања и иритација на дишните патишта.
„Фталатите се користат за пластиката и синтетичките материјали да бидат помеки, вечните хемикалии се додаваат за ткаенината да биде водоотпорна, формалдехидот спречува туткање на облеката и ја штити при транспортот, а кадмиумот понекогаш се додава во евтин накит за да биде потежок. Други супстанции, како оловото, најчесто не се додаваат намерно, туку се појавуваат поради лоша контрола во производството и загадување“, објаснува Мос.
Тешките метали претставуваат дополнителен ризик
Полската членка на Европската организација на потрошувачи тестирала облека, долна облека и накит од „Шеин“ и утврдила дека повеќе од половина од испитаните производи содржеле опасно високи концентрации на тешки метали.
Оловото е силен невротоксин кој се таложи во организмот и може да предизвика нарушувања во развојот на мозокот, потешкотии во учењето, проблеми во однесувањето, оштетување на бубрезите и нарушувања на репродуктивното здравје, особено кај децата.
Кадмиумот е класифициран како канцерогена супстанција и се поврзува со оштетувања на бубрезите, црниот дроб, белите дробови, срцево-садовиот и нервниот систем, како и со намалена плодност и нарушен развој на плодот.
„Оловото е невротоксин и не постои безбедно ниво на изложеност. Европа со децении вложува напори да го отстрани од секојдневната употреба, а сепак сè уште го откриваме во производите за широка потрошувачка“, предупредува Мос.
Пошироката слика, според Европската организација на потрошувачи, останува сериозно загрижувачка. Контролите покажале дека 69 проценти од производите, меѓу кои облека, модни додатоци и играчки што преку интернет-платформи како „Шеин“ и „Тему“ влегуваат на европскиот пазар, не ги исполнуваат законските барања и не ги задоволуваат основните европски стандарди за безбедност и заштита на здравјето.
ФОТО | Јапонците имаат генијално решение за летните горештини — носат облека што ги лади


