ФОТО | Јапонците имаат генијално решение за летните горештини — носат облека што ги лади
Амбасадата на Јапонија во Хрватска на социјалните мрежи претстави интересно решение за справување со летните горештини – облека со вградени вентилатори. Станува збор за технологија која во Јапонија е широко распространета веќе години наназад и е наменета за сите што тешко ги поднесуваат високите температури, пишува „Индекс“.
Препорачано
Од амбасадата објаснуваат дека таканаречените „клима јакни“ всушност немаат вистински клима уред. Наместо тоа, во долниот дел од јакната се поставени два мали електрични вентилатори кои внесуваат воздух од околината.
Воздухот потоа циркулира низ внатрешноста на облеката, го лади телото и излегува низ отвори околу јаката и ракавите. Токму ова постојано струење создава чувство на разладување, дури и при екстремни летни горештини.
Објавата на амбасадата на социјалните мрежи брзо привлече големо внимание, а корисниците оставија бројни коментари. Еден од нив напишал дека станува збор за изум што може да се види само во Јапонија, додека друг кратко коментирал дека „Јапонците се 50 години пред нас“.
Ваквата облека одамна не е новост во Јапонија. Првите јакни со вградени вентилатори се појавиле уште во 2004 година, а денес ги користат градежни работници, фабрички вработени, земјоделци, доставувачи и сите кои работат на отворено.
Покрај јакните, постојат и панталони со вградени вентилатори, со што корисниците можат да имаат речиси целосен „систем за ладење“ во облеката.
Облеката се напојува со полнечка литиум-јонска батерија и нуди неколку нивоа на работа на вентилаторите. Во зависност од режимот, едно полнење трае од околу осум до дури 24 часа, што е доволно за цел работен ден дури и при екстремни температури.
СЗО: Против горештините според германскиот рецепт – пред сè, дрвја и вода


