Многу луѓе ја избегнуваат оваа позната плажа – причината ќе ве згрози
Тиркизното море и сончевото време и понатаму привлекуваат бројни туристи на Тенерифе, но идиличната слика на една од најпознатите плажи на Канарските Острови е сериозно нарушена поради големиот проблем со отпадните води.
Препорачано
На плажата Плаја Хардин (Playa Jardín) во Пуерто де ла Круз секојдневно во морето се испуштаат големи количини недоволно прочистена вода, а трајно решение сè уште не е на повидок, пишува „Тенерифа њуз“.
Според достапните податоци, во морето дневно се испуштаат околу 13.000 кубни метри недоволно прочистени отпадни води. Постојната пречистителна станица може да обработи само околу 7.000 кубици дневно, додека вкупните количини на отпадни води достигнуваат и околу 20.000 кубни метри.
Поради оваа несразмерност, повремено се бележат зголемени нивоа на фекални бактерии, кои можат да предизвикаат дигестивни проблеми и инфекции на кожата. Поради лошиот квалитет на морето, плажата веќе беше затворена речиси една година, а повторно беше отворена дури во јуни минатата година, по опсежни контроли и мерки за санација.
Локалните власти во Пуерто де ла Круз порачуваат дека повторното отворање е резултат на заедничката соработка меѓу градот, островскиот совет на Тенерифе и владата на Канарските Острови, но со тоа не е решен суштинскиот проблем.
Станува збор за проблем кој се влече со децении. Според наводите на надлежните, третата фаза од прочистувањето требало да биде изградена уште во 1990 година при самата изградба на пречистителната станица, но проектот сериозно задоцнил и е придвижен дури по повеќе од 35 години.
Според плановите на островските власти, проширувањето на пречистителната станица би требало да биде завршено најрано до 2028 година, а станува збор за инвестиција вредна околу 21 милион евра.
Критичарите предупредуваат дека дури ни планираното проширување можеби нема долгорочно да го реши проблемот. Поради растот на населението и сè поголемиот број туристи, постои страв дека новите капацитети веќе по неколку години би можеле повторно да станат недоволни.
Случајот со Плаја Хардин не е единствен на Канарските Острови. „Тенерифа њуз“ наведува дека отпадните води ширум архипелагот редовно се испуштаат во морето, а проценките говорат дека речиси секое второ такво испуштање е – нелегално.
Експертите како главни причини ги истакнуваат недоволните или застарени пречистителни станици, како и неадекватната канализациска инфраструктура. Бидејќи Европската Унија има строги прописи за прочистување на отпадните води, Шпанија веќе повеќепати плати повеќемилионски казни поради прекршување на правилата токму на Канарските Острови.


