Илустрација - делфини / Фото: Pexels

Делфините во Јадранското Море го промениле однесувањето поради прекумерен лов на нивната храна — рибите

Делфините во Јадранското Море сè почесто ги следат рибарските бротчиња за да се хранат со рибни отпадоци, а оваа техника на преживување, младите единки ја учат од своите родители, покажува ново научно истражување.

Научниците предупредуваат дека ваквото однесување е директна последица на прекумерниот риболов, кој го осиромашил морето и ги оставил делфините без нивниот природен плен, пишува „Гардијан“.

– Ако денес сакате да најдете делфини, најлесно ќе ги пронајдете во близина на рибарските бротчиња – изјавил Џовани Беарци, коавтор на студијата и претседател на италијанското здружение за биологија и заштита на делфините.

– Под хранење со отпадоци мислам на отфрлениот улов и другите несакани морски организми. Делфините ги следат бротчињата затоа што природниот плен станал многу тешко достапен. А зошто е тешко да се најде? Затоа што морето е прекумерно експлоатирано со риболов – објаснил Беарци.

Средоземното Море е едно од подрачјата со најинтензивен риболов во светот. Притисокот од риболовот тука е двојно поголем од нивото што Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) го смета за одржливо.

Истражувањето потврди загрижувачки тренд

Научниците во текот на 148 дена ги следеле рибарските бротчиња на отворено море во Јадранот и спровеле 859 набљудувања во два региона. Иако делфините и порано повремено ги следеле рибарските бродови, истражувачите истакнуваат дека ова однесување денес е значително поизразено.

Истражување спроведено во Јадранот во 1990-тите години покажало дека околу 10 проценти од бротчињата биле следени од делфини, додека во новото истражување, на едно од набљудуваните подрачја, тој удел се искачил дури на 76 проценти.

Во студијата се наведува дека многу животни, чиј природен плен е намален, почнуваат да бараат храна во близина на луѓето, слично како што поларните мечки пребаруваат по депонии за отпад. Во осиромашениот морски екосистем, рибарските бротчиња претставуваат лесно достапен извор на храна за делфините.

Преземањето ризик е подобро од гладување

Иако делфините се приспособливи животни кои можеби научиле дека полесно можат да дојдат до риба во близина на рибарските бротчиња, тоа не значи дека таквото однесување е корисно за нив. Д-р Рендал Ривс, еден од авторите на студијата, предупредува на бројните опасности.

– Познато е дека делфините понекогаш страдаат или се повредуваат од опремата на бротчињата, а хранењето зад рибарските бродови може да влијае врз нивната исхрана, општествена организација и комуникација – изјавил Ривс.

– Делфините можат да претрпат и оштетување на слухот поради долготрајната изложеност на бучавата што ја создаваат рибарските бротчиња. Но, во море кое е прекумерно експлоатирано со риболов, пронаоѓањето плен далеку од бродовите може да биде премногу тешко. Се чини дека за овие животни преземањето ризик е подобра опција отколку гладувањето – додал тој.

Беарци додава дека ваквото однесување се пренесува од генерација на генерација.

– Младите делфини ги следат бротчињата заедно со своите мајки, ги набљудуваат возрасните како се хранат и така учат. Тоа е облик на културен пренос – рекол тој.

Предупредување за целиот екосистем

Јадранскиот екосистем некогаш бил дом на многу поголем број обични делфини, но состојбата денес е драстично променета.

– Обичните делфини повеќе не се вообичаени. Освен на неколку многу мали жаришта во Јадранот, тие практично исчезнале. Исчезнувањето на еден вид не е добар знак. Тоа е сериозно предупредување – рекол Беарци.

Повик за итна акција

Научниците повикуваат на мерки за заштита на богатата биолошка разновидност и советуваат постепено напуштање на употребата на рибарските бротчиња со цел заштита на делфините и зачувување на морскиот свет.

– Кога бев помлад, сакав само да го проучувам однесувањето на делфините. Тогаш воопшто не размислував за влијанието на човекот. Но, она на што сведочиме во нашите истражувања е исчезнувањето на цели заедници на делфини – раскажал Беарци.

– Ако се запре со деструктивниот риболов, морските ресурси би можеле релативно брзо да се обноват. Делфините повторно би можеле да се хранат со својот природен плен, како што тоа го правеле со векови на ова исто подрачје. Пораката е едноставна: да се лови помалку и со помалку деструктивни методи – заклучил тој.

Студијата со наслов „Зависноста на добрите делфини од рибарските бротчиња во регионите на Јадранското Море со осиромашен природен плен“, објавена во научното списание „Фронтиерс“ ја спроведоа Џовани Беарци, Силвија Боницони, Нејтан Б. Фјури и Рендал Р. Ривс – група истражувачи кои со децении го проучуваат однесувањето на делфините во Средоземното Море.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот