Психолозите велат дека најлошите луѓе имаат една заедничка особина
Психолозите со години се обидуваат да откријат што ги поттикнува најнегативните човечки однесувања, а истражувањата покажуваат дека многу луѓе со лоши карактерни особини имаат една заедничка црта, пишува „Вајс“.
Препорачано
Според анализите на повеќегодишни научни истражувања, кои ги сподели „Саенс алерт“ зад дел од најмрачните аспекти на човечкото однесување стои таканаречениот „Д-фактор“ или темниот фактор на личноста. Станува збор за концепт што истражувачите од Универзитетот во Копенхаген и неколку германски универзитети го претставиле во 2018 година.
Овој фактор се однесува на заедничката основа што ги поврзува особини како нарцисоидност, психопатија, макијавелизам, садизам, злоба и прекумерен егоизам.
Истражувачите анкетирале повеќе од 2.500 луѓе, барајќи од нив да се изјаснат за различни тврдења, како што се: „Ќе кажам што било за да го добијам она што го сакам“ и „Повредувањето на другите би ми било возбудливо“.
Резултатите покажале дека овие особини, иако изгледаат различно, често произлегуваат од иста основна тенденција – желбата личноста да ја максимизира сопствената корист, без многу да се грижи за последиците што ги предизвикува кај другите, а понекогаш дури и да ужива во туѓата несреќа.
Темниот фактор не се менува лесно
Подоцнежните истражувања покажале дека „Д-факторот“ останува релативно стабилен со текот на времето. Тоа значи дека луѓето со високи вредности на овој фактор обично не стануваат одеднаш поинакви, туку нивните карактеристики се подлабоко вкоренети во начинот на кој размислуваат и дејствуваат.
Научниците откриле и дека луѓето со висок „Д-фактор“ поретко избираат професии чија основна цел е помагање на другите, како што се наставата, медицинската грижа или терапевтската работа.
Едно истражување објавено во 2025 година во научното списание „ПНАС“ укажало дека овој фактор не се однесува само на поединци, туку може да се разгледува и на ниво на општествата. Според истражувачите, средини со повеќе суровост и неповолни услови можат да поттикнат развој на потемни карактерни особини кај луѓето.
Зошто е важно да се разбере „Д-факторот“?
Подоброто разбирање на овој концепт може да им помогне на психолозите и терапевтите подобро да ги препознаваат ризичните модели на однесување и попрецизно да предвидуваат штетни постапки.
Научниците се надеваат дека овие сознанија еден ден ќе помогнат подобро да се разберат и да се намалат проблемите предизвикани од луѓето, како што се измамите, злоупотребите на моќта и насилното однесување.
Седум тактики на нарцисоидниот партнер кои покажуваат дека тој ја изгубил моќта над вас


