Колку пати неделно треба да се има интимни односи за подобро ментално здравје?
Редовните интимни односи не се само израз на љубов, страст и близина меѓу партнерите, тие имаат и силно позитивно влијание врз менталното здравје. Сè повеќе научни истражувања потврдуваат нешто што многумина веќе го чувствуваат: редовниот сексуален живот го подобрува расположението, ја зголемува самодовербата, го унапредува квалитетот на сонот и придонесува за емоционална стабилност, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Интимните односи како природен антидепресив
Психолозите истакнуваат дека е важно да се разбере што се случува во мозокот за време на сексуалниот чин. Телото тогаш ослободува низа хормони и невротрансмитери (допамин, серотонин, окситоцин и ендорфини), кои директно влијаат на чувството на среќа и емоционална сигурност.
- Допаминот го зголемува чувството на награда и задоволство.
- Серотонинот помага во регулирање на расположението и намалување на анксиозноста и депресијата.
- Окситоцинот, познат како „хормон на љубовта“, го зајакнува чувството на поврзаност и ја намалува осаменоста.
- Ендорфините делуваат како природни аналгетици – го намалуваат стресот и физичката болка.
Токму затоа, многу психолози и сексуални терапевти интимните односи ги нарекуваат „најдостапниот, најевтиниот и најлогичниот антидепресив кој не бара рецепт“.
Колку пати неделно е доволно?
Според студија објавена во списанието „Social Psychological and Personality Science“, паровите кои имаат сексуални односи еднаш неделно покажуваат повисоко ниво на среќа и емоционална блискост во споредба со оние што тоа го прават поретко. Иако почеста сексуална активност не гарантира пропорционално зголемена среќа, еднаш неделно се покажало како оптимален баланс меѓу желбата и задоволството.
Слични резултати се добиени и во студија објавена во „Journal of Sexual Medicine“, според која сексуалните односи еднаш до двапати неделно значително го намалуваат ризикот од депресивни епизоди, особено кај жените. И кај мажите е забележано намалување на нивото на стрес и подобра емоционална стабилност доколку се сексуално активни барем еднаш неделно.
Интимноста, хормоните и нервниот систем
Некои истражувања покажуваат дека физичкиот контакт и близината за време на интимниот чин го активираат парасимпатичкиот нервен систем – системот задолжен за релаксација и регенерација на телото. Се намалува и нивото на хормонот на стрес – кортизол, што дополнително придонесува за психичка рамнотежа и отпорност на депресивни симптоми.
Затоа, покрај самиот сексуален чин, особено значајни се чувството на сигурност, блискост и емоционална поврзаност кои интимноста ги носи.
Дали само добар секс е доволен за среќна врска?
Иако добриот сексуален однос е важен, психолозите предупредуваат дека не е доволен за целосна емоционална стабилност и здрава врска. За долгорочно психолошко благосостојба, неопходни се емоционална поврзаност, отворена комуникација, заемна доверба и поддршка.
Сексот може да биде начин за изразување љубов и блискост, но ако во врската недостасуваат емпатија, разбирање и заедничко време надвор од спалната соба – дури ни најинтензивниот сексуален живот нема да донесе трајно задоволство.
Стабилна и исполнета врска се гради преку секојдневни мали гестови на внимание, нежност и почит.


