Пожар во Валандово / Фото: Принтскрин од видео на Кире Михаилов

Локализиран пожарот во Валандовско

По повеќечасовна интервенција од воздух и формирање заштитен појас на теренот, пожарот кај месноста Пирин Чешма во општина Валандово е локализиран, информира градоначалникот Ѓоко Камчев.

„Пожарот во моментот е локализиран. Со помош на механизација се направени заштитни појаси за да се спречи неговото ширење. Станува збор за многу тешко пристапен терен со нискостеблеста шума. ТППЕ Валандово веднаш интервенираше со сите расположливи капацитети, а Дирекцијата за заштита и спасување брзо ги упати авионите „ертрактор“ кон ризичното подрачје. Досега беа извршени околу седум налети, прво со два, а потоа со еден авион“, рече тој.

На терен, покрај екипите на ТППЕ Валандово, интервенираат и екипи на ЈП „Национални шуми“, ловното друштво „Орел“, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција.

ВИДЕО | Пожар зафати тешко достапен терен во Валандово, од Општината велат дека најверојатно е подметнат

Дирекцијата за заштита и спасување претходно соопшти дека попладнево е пријавен пожар на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово, додавајќи дека во гаснењето учествуваат и два „ертрактори“.

Според првичните сознанија на Општината, пожарот не е случајно предизвикан, туку постои сомнеж дека е подметнат од лице што добро го познава теренот и избира локации на кои противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.

Пожарникарите апелираат до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворено, потсетувајќи дека таквите постапки се казниви и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.

Воедно, тие ги повикуваат граѓаните веднаш да пријават пожар на телефонските броеви 193 или 112 и потсетуваат дека и натаму е во сила владината забрана за движење во шумите, освен за лицата што поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот