Италијански инфлуенсер - Фото: Принтскрин/ Фејсбук

ВИДЕО: Италијанец прошета во македонски маркет, некои работи му беа чудни

Посетата на македонските супермаркети е различно искуство за секој, но за странските туристи некои од нашите омилени производи изгледаат прилично егзотично, па дури и „чудно“. Еден италијански инфлуенсер реши да ги истражи рафтовите во еден од нашите маркети и да ги сподели своите искрени реакции за производите кои нас ни се секојдневие.

Видеото насловено како „Чудни нешта во македонски супермаркет“ брзо привлече внимание, поради неговите автентични и симпатични коментари.

Од „манастирски локум“ до пиво во колачи

Првото нешто што му го привлече вниманието беше манастирскиот локум, кој поради амбалажата со илустрација на црква, Италијанецот на шега го нарече „православно или црковно чоколатце“.

Веднаш потоа следеше уште едно изненадување — пиварките со орев. Блогерот се обиде да им објасни на своите следбеници за што точно се работи:

 „Ова се благи топчиња кои во себе содржат пиво, па затоа се малку алкохолни. Не им го знам точно името, ама изгледаат интересно!“

Кајмакот е „чиста дрога“, а комбинацијата лазањи со кечап мистерија

Најголемо воодушевување кај италијанскиот гурман предизвика кајмакот, кој го опиша како „креместо сирење со исклучителен вкус кое предизвикува вистинска зависност“. Исто така, тој остана зачуден од количината на традиционални десерти во фрижидерите, па со восхит ги снимаше тулумбите, кадаифот, баклавите и еклерите, жалејќи што не може сите да ги понесе со себе.

Сепак, како вистински Италијанец, не пропушти да забележи и еден „кулинарски грев“ на рафтовите. Снимајќи ги кутиите со италијански лазањи поставени веднаш до редовите со кечап, тој зачудено прокоментира:

„Ова е неверојатно… Лазањи, а веднаш до нив кечап. Не сакам ни да замислам што планираат да направат со ова!“

Што уште му остави впечаток?

Покрај традиционалните десерти, на италијанскиот патник посебен впечаток му оставија и печените маслинки на скара во тегла, производ за кој призна дека првпат го гледа токму кај нас. На неговата листа на интересни откритија се најдоа и нашата традиционална Газоза, која ја опиша како македонска газирана сода, како и  јогурт во карактеристична розова амбалажа што му изгледаше фасцинантно. Како љубител на добрата храна и пијалаци, тој не пропушти да го пофали и одличниот избор на македонски вина кои можат да се најдат по прилично пристапни цени, а со интерес забележа и дека во нашите рибарници редовно се продава свеж крап.

На крајот, италијанскиот патник заклучи дека македонските маркети нудат неверојатен микс на вкусови кои секој странец едноставно мора да ги испроба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот