Возење/автопат - Фото: pexels-umudicreative

Одите во Грција на одмор? Новите сообраќајни казни ќе ве „изгорат“ доколку не внимавате

Во земјите ширум Европа статистиката покажува дека пречекорувањето на брзината е еден од главните причини за сообраќајни несреќи. Особено во населени места, непочитувањето на ограничувањата може да има сериозни, па дури и трагични последици.

Поради тоа, строгите казни за прекршување на сообраќајните правила се еден од клучните механизми за зголемување на безбедноста на патиштата. Ако планирате патување во Грција, важно е да знаете дека во одредени ситуации на ризично возење, грчките власти покрај парична казна можат да ви го одземат и возилото, пренесува „Б92„. Во Австрија, пак, во најтешките случаи возилото може да биде и трајно конфискувано.

Според новиот Закон за безбедност во сообраќајот во Грција, кој донесува значително построги правила, казните за брзо возење се зголемени по примерот на некои европски држави.

Нови ограничувања на брзината во Грција

Со новите прописи јасно се дефинирани дозволените брзини, кои зависат од видот на патот и условите на сообраќајот:

Во населени места: до 30 километри на час
– На поголеми градски сообраќајници: до 50 километри на час, освен ако не е поинаку означено

Надвор од населени места:

– до 130 километри на час на автопат
– до 110 километри на час на брзи сообраќајници
– до 90 километри на час на останати патишта

Казни според степенот на прекршок

Казните за пречекорување на брзината се одредуваат според тоа колку е надминато ограничувањето:

– До 20 километри на час над дозволеното: казна од 150 евра
– Над 30 километри на час: казна од 350 евра и одземање на возачка дозвола на 30 дена
– Над 50 километри на час: казна од 700 евра и одземање на дозвола на 60 дена

Екстремно брзо возење

За особено опасно возење предвидени се уште построги санкции:

– Брзина над 150 километри на час на автопат, над 130 на брзи патишта или над 120 на други патишта:
казна од 350 евра и забрана за управување со возило 30 дена

– Брзина над 200 километри на час:
казна од 2.000 евра и одземање на возачка дозвола на една година

Кога полицијата може да одземе автомобил

Привремено одземање на возило е предвидено во случаи на сериозно опасно возење. Тоа се однесува на ситуации кога возилото се користи за:

– улични трки и опасни маневри
– безобѕирно возење под дејство на алкохол или наркотични средства, особено кога се загрозени животи

Во Грција, постапката за заплена ја покренува сообраќајната полиција, ја потврдува обвинителството, а конечната одлука ја носи судот. Целта на оваа мерка е спречување на понатамошни прекршоци и заштита на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Австрија со уште построги мерки

Иако грчките мерки се строги, некои европски земји одат чекор понатаму. Австрија е меѓу најригорозните држави кога станува збор за казнување на опасно возење.

Ако возач пречекори брзина за повеќе од 60 километри на час во населено место или 70 километри на час надвор од населено место, полицијата може привремено да му го одземе возилото на две недели.

За повторни или екстремни прекршоци, на пример над 80 километри на час во град или над 90 километри на час надвор од град, автомобилот може да биде трајно конфискуван и продаден на аукција.

Финска и Швајцарија

Во Швајцарија веќе со години постојат слични правила, каде возилата можат да бидат одземени на возачи кои постојано ги прекршуваат прописите.

Финска, пак, применува поинаков пристап – казните зависат од приходот на возачот, со цел санкциите да имаат еднаков ефект врз сите граѓани. Така, еден висок раководител во компанија за мобилни телефони бил казнет со 116.000 евра затоа што возел 75 километри на час во зона каде ограничувањето било 50.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот