Откриле дека бебето има Даунов синдром, па ја прекинале бременоста — jутјубер и неговата сопруга добиваат смртни закани поради одлуката
Повеќе од една деценија, Џеси Риџвеј заработува објавувајќи видеа на Јутјуб. Дел од нив се и многу лични и ги гледаат неговите милион следбеници. Затоа, како што вели, му изгледало природно јавно да сподели дека тој и неговата сопруга Ешли одлучиле да ја прекинат бременоста откако тестовите покажале присуство на тризомија 21, најчестата форма на Даунов синдром, пишува „Њујорк тајмс“.
Препорачано
„Оваа одлука не беше донесена лесно“, напиша 33-годишниот Риџвеј во подолга објава на Икс во средата навечер, два дена откако неговата сопруга извршила абортус.
„Донесовме тешка одлука за која веруваме дека на долг рок ќе биде најдобра за нашето семејство“, додаде тој.
This week, my wife and I made the very difficult decision to terminate the pregnancy due to Trisomy 21.
The choice was not made lightly. We really appreciate all of the personal stories that you guys shared with us, especially the unconditional support we received from fans…
— Jesse Ridgway (@McJuggerNuggets) June 3, 2026
Луѓето на социјалните мрежи споделуваат најразлични интимни работи – неверства, губење работа, терминални болести. Но, речиси никогаш вакво нешто. Објавата, која била прегледана повеќе од 22 милиони пати, предизвикала лавина од негативни реакции од родители на деца со Даунов синдром, противници на абортусот, па дури и од претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, кој нивната одлука ја нарекол „зло“.
Сопружниците велат дека добиле закани со смрт и дека некои корисници ги споредувале со Адолф Хитлер.
„Не можеме да избегаме од тоа. Темата е на сите социјални мрежи, а приказната стана толку голема што ми се јавуваат луѓе и од средно училиште“, изјави јутјуберот.
Одлуката на семејството Риџвеј не е невообичаена. Истражувањата покажуваат дека околу 74 проценти од бремените жени во САД кои добиваат дијагноза за Даунов синдром кај фетусот одлучуваат да ја прекинат бременоста. Во некои земји, како Исланд, тој процент е уште повисок.
Силните реакции на интернет повторно отворија една од најчувствителните и најретко дискутирани теми со кои можат да се соочат идните родители. Дел од активистите за правата на лицата со попреченост ја поздравија јавната дебата што се отвори околу Дауновиот синдром, но предупредија дека јавноста лесно може да добие погрешна претстава за тоа што значи животот со оваа состојба.
Во својата објава, Риџвеј наведе дека околу 50 проценти од децата со Даунов синдром имаат срцеви мани, 75 проценти имаат проблеми со слухот, а повеќе од половина се соочуваат со нарушувања на видот.
„Дауновиот синдром не е благослов“, напиша тој.
Но организациите што ги застапуваат лицата со попреченост сметаат дека ваквите статистики создаваат искривена и премногу мрачна слика.
„Се создава впечаток дека животот со Даунов синдром не вреди да се живее. Тоа едноставно не е точно и е навредливо“, вели Стефани Смит Ли од Националниот конгрес за Даунов синдром.
Според американскиот Национален институт за здравје, секоја година во САД се раѓаат околу 6.000 деца со Даунов синдром. Дел од нив имаат дополнителни здравствени проблеми, како вродени срцеви мани, губење на слухот или апнеја при спиење. Во последните 25 години, просечниот животен век на лицата со Даунов синдром се зголемил од околу 30 на 60 години, иако тие и понатаму се соочуваат со значителни здравствени предизвици.
Сопружниците за првпат дознале дека постои сомнеж за Даунов синдром за време на снимање видео за откривање на полот на бебето. Резултатите ги чувал братот на Џеси, а тестот освен полот покажувал и можност за присуство на Даунов синдром.
На снимката може да се види дека братот е видно вознемирен кога ги чита резултатите и тивко му ја соопштува неочекуваната вест. Сепак, прославата продолжила.
Околу еден месец подоцна, двојката објавила ново видео во кое ги споделила резултатите од амниоцентезата – тест што дава конечна потврда за генетски нарушувања. Откако ги прочитала резултатите, Ешли почнала да плаче.
„Веќе купив облека за момче. Ја имав избрано собата за бебето. Бев подготвена“, вели таа низ солзи во видеото.
Керол Кронин, мајка на 30-годишен син со Даунов синдром, изјави дека не би осудувала ниту еден пар кој ќе одлучи да ја прекине бременоста по ваква дијагноза, но смета дека медицинската заедница често ја претставува состојбата многу потрагично отколку што е во реалноста.
„Мојот син има исполнет и прекрасен живот. Ги направи животите на многу луѓе подобри само затоа што го познаваат“, вели таа.
И покрај жестоките реакции, сопружниците велат дека не жалат што јавно ја споделиле својата приказна.
„Не жалам за начинот на кој постапивме. Со нашата публика сме отворени и искрени затоа што имаме близок и личен однос со многу од нив“, изјави 31-годишната Ешли Риџвеј.
Таа додава дека се обидува да ги игнорира навредливите коментари и да се фокусира на пораките со поддршка. Меѓу нив имало мајки кои им се заблагодариле за искреноста, луѓе кои за првпат признале дека и самите направиле абортус, како и лица кои имаат членови на семејството со Даунов синдром и кои рекле дека ја разбираат нивната одлука.
Сопружниците нагласуваат дека никогаш немале намера да ги навредат или омаловажат лицата со Даунов синдром или која било друга попреченост.


