На денешен ден / Фото: Инстаграм

На денешен ден – 7 јуни: Во Париз е роден францускиот сликар Пол Гоген

1494.- Колонијалните сили на Португалија и на Шпанија во Тордесиљас го потпишаа Договорот за поделба на новооткриените земји, според кој териториите источно од линијата на разграничување, повлечена на 370 лиги западно од Зеленортските Острови, ѝ припаѓаат на Португалија, а западно од неа на Шпанија. Границата ја предложи папата Александар Шести за да ги спречи судирите меѓу колонијалните сили во Новиот свет. Младите колонијални сили Англија (од почетокот на 18 век Обединето Кралство), Холандија, Франција и другите не ја почитуваа оваа поделба.

1502.- Роден е италијанскиот римокатолички свештеник Уго Бонкомпањи, папата Гргур Тринаесетти од 1572 до 1585 година. Според советите на астрономите, во 1582 година го реформира календарот, наречен Грегоријански, бидејќи стариот календар – Јулијанскиот – премногу астрономски отстапувал од вистинската состојба. Грегоријанскиот календар во прво време го прифатија само католичките земји, а многу подоцна и протестантските, а дури по Првата светска војна и православните земји. Некои православни цркви и денес го користат Јулијанскиот календар.

1523.- По победата над Данците, Густав Васа е прогласен за крал на Шведска под името Густав Први.

1848.- Во Санкт Петербург умре Висарион Григориевич Белински, руски литературен критичар, филозоф и публицист. Основач е на руската реалистичка естетика и на литературната критика. Познати се неговите прикази за делата на Пушкин, на Лермонтов и на Гогољ. Тој го формира новиот правец во руската литература наречен „натурална школа“. Роден е во Свеаборг, Финска, на 13 јуни 1811 година.

1848.- Во Париз е роден Пол Гоген, француски сликар. Тој се инспирираше од егзотичниот свет на островите Тахити и Хива Оа. Формите на неговите слики се мирни и монументални, проткаени со еротика. Влијаеше врз развојот на експресионизмот и врз формирањето на фовизмот, а се занимаваше и со скулптура. Умре на Маркишките Острови во 1903 година.

1862.- САД и Велика Британија го потпишаа договорот за сузбивање на трговијата со робови.

1867.- Роден е австралискиот писател Хенри Арчибалд Лосон, еден од најзначајните автори што го прикажувале животот и духот на австралиската внатрешност. Дела: „Кратки приказни во проза и стихови“, „Кога бев крал и други приказни“, „Ѕвездата Австралија“, „Земјата од каде што дојдов“.

1896.- Роден е унгарскиот државник Имре Наѓ, шеф на владата од 1953 до октомври 1956 година, кога во Унгарија изби антикомунистичката буна.

1905.- Норвешкото собрание донесе одлука за отцепување на Норвешка од Шведска.

1917.- Роден е американскиот филмски актер, пејач и забавувач Дино Пол Крочети, познат како Дин Мартин, кој во почетокот славата ја стекна во тандем со комичарот Џери Луис, со кого сними 18 филмови. Играше и во многу вестерни и криминалистички филмови. Филмови: „Артисти и модели“, „Холивуд или пропаст“, „Рио Браво“, „Четворица за Тексас“.

1928.- Роден е американскиот филмски режисер Џејмс Ајвори, кој поголемиот дел од кариерата снимаше во Индија. Филмови: „Шекспир-Валах“, „Гуру“, „Диви“, „Квартет“, „Жештина и прашина“.

1935.- Умре Иван Владимирович Мичурин, советски биолог и генетичар. Се занимаваше со подобрување на сортите овошки во централна и северна Русија, како и со создавање нови сорти. Работеше на вкрстувањето меѓу видовите и родовите, притоа користејќи ја и вегетативната хибридизација (калемењето). Добиваше семе и со вештачко запрашување, при што забележа дека тоа семе е поотпорно. Роден е во Долгоево на 15 октомври 1855 година.

1939.- Кралот Џорџ Шести стана првиот британски монарх кој стапна на тлото на САД, поранешна колонија на Обединетото Кралство.

1942.- Започна германскиот напад на Севастопол.

1942.- Заврши четиридневната битка за пацифичкиот остров Мидвеј, во која Американците им нанесоа сериозен пораз на Јапонците во Втората светска војна.

1943.- Кај селото Никодин, Прилепско, во борба против бугарската војска, откако беше ранет, се самоуби Блажо Тодоровски – Чичето, народен херој на СФР Југославија, од Македонија.

1945.- Со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федерална Македонија е озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст беше усвоен пет дена порано. Утврдувањето и озаконувањето на Македонскиот правопис претставуваше израз на континуираната борба на македонскиот народ за свој литературен јазик и правопис, кој во понатамошните години се надградуваше со нови содржини.

1948.- Претседателот на Чехословачка Едуард Бенеш поднесе оставка не сакајќи да го потпише новиот устав со кој земјата стана комунистичка држава.

1967.- На третиот ден од израелско-арапската војна израелските сили излегоа на Суецкиот Канал.

1970.- Умре англискиот писател Едвард Морган Форстер, познат набљудувач и аналитичар. Дела: романите „Патување во Индија“, „Најдолгото патување“, приказните „Небески омнибус“, „Вечен момент“.

1971.- Советскиот вселенски брод „Сојуз 11“ во орбитата околу Земјата се спои со вселенската станица „Салјут 1“.

1973.- Канцеларот на Западна Германија Вили Брант допатува во Израел, како прв западногермански лидер кој ја посети оваа еврејска држава.

1980.- Умре американскиот писател Хенри Милер, кој се занимаваше и со сликарство. Дела: романите „Црна пролет“, „Мирни денови во Клишиј“, „Недела по војната“, „Книги за мојот живот“.

1990.- Претставничкиот дом на американскиот Конгрес изгласа забрана за продажба на компјутери и телекомуникациска опрема во Советскиот Сојуз сè додека Москва не ги започне преговорите за независност на Литванија.

1991.- Со одлука на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, одредницата „Социјалистичка“ од името на СР Македонија е изоставена и Републиката го доби називот Република Македонија.

1993.- На автопатот меѓу Нирнберг и Минхен, во Германија, во сообраќајна несреќа загина Дражен Петровиќ, југословенски и хрватски кошаркар, еден од најдобрите европски играчи на своето време, а подоцна и професионалец во НБА. Роден е во 1964 година.

2006.- Убиен е лидерот на Ал Каеда во Ирак, Абу Мусаб ел Заркави, во заедничка акција на американската и ирачката војска во близина на Бакуба, северно од Багдад. Заркави беше лидер на групата „Тавхид ел Џихад“ (Верско обединување и света војна), огранок на Ал Каеда. За негово фаќање беше распишана награда од 25 милиони долари.

2013.- На 84-годишна возраст почина поранешниот француски премиер Пјер Мороа. Тој беше првиот шеф на социјалистичка влада во Франција по воспоставувањето на Петтата република и ја извршуваше функцијата од 1981 до 1984 година. Мороа беше на болничко лекување од почетокот на месецот, откако претходната година беше опериран од тумор на белите дробови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот