Фото: „Слободен печат“

ВИДЕО | Полна сала облечена во бело за Јован Јованов и Елвир Мекиќ, се појавија Врчак и други ѕвезди

„Алекса, може ли да нѐ вратиш во најубавите години на македонската поп-музика и повторно да направиш илјадници луѓе да се чувствуваат како да е 2008 година?“.

Токму така изгледаше желбата на публиката која вчеравечер ја исполни арената „Борис Трајковски“ за концертот на Јован Јованов и Елвир Мекиќ. Заедно со своите долгогодишни пријатели и соработници, двајцата музичари приредија спектакл исполнет со хитови, носталгија за едно минато време и врвна продукција.

Вечерта започна со „Слаба точка“ и уште од самиот почеток Јован и Елвир покажаа дека и по години пауза се во одлична форма – и вокално, но и кога станува збор за нивните танцувачки способности. Без многу пауза, Елвир продолжи со „Некаде после два“, песна која за многумина останува негов заштитен знак и еден од најголемите хитови во неговата кариера.

Првата гостинка на вечерта беше Маја Саздановска, долгогодишна пријателка и соработничка на двајцата музичари. Таа најпрво со Јован ја изведе „Ти ме сакаш“, а потоа со Елвир ја отпеа „Опасно“.

Еден од најочекуваните моменти на концертот беше појавувањето на Раде Врчаковски – Врчак. Публиката го пречека со овации, а дополнително изненадување беше излегувањето на сцената на Адријан Гаџа. Заедно со Јован ја изведоа легендарната „Магија“, песна што и денес важи за еден од најголемите македонски поп-хитови. Арената во тие моменти пееше во еден глас, а еуфоријата продолжи и со „Сега јас си заминувам“.


Јован потоа направи краток омаж на своите музички почетоци и на поп-групата „Магија“, враќајќи ја публиката во доцните 90-ти со песните „Диџеј“ и „Светло се гасне“.

Потоа Елвир ја изведе баладата „Уште те има“, по што следуваше еден од најискрените моменти на вечерта.

„Нашите деца се тука, во публиката. Дарис дојде од Сараево, а Малеа од Канада. Сѐ што правевме овие 13 години, правевме за нив и понатаму ќе правиме сѐ за нив“, рече Елвир.

По емотивниот момент, Јован ги изведе своите балади „Не сум Бог знае што“ и „Во право си“.

Вториот дел од концертот повторно донесе енергичност и многу танцување во публиката. На сцената се појавија српскиот рапер Ѓус и пејачката Слаѓа Делибашиќ, а потоа следеше настапот на Тони Зен, кој ги потсети присутните на своите безвременски хитови „Скандал“ и „Интелект“, како и на дуетот „Итно ми требаш“ со Јован и Ламбе Алабаковски, кој вчеравечер не беше меѓу гостите на концертот.

Финалето беше резервирано за раперот Христијан Настески – Пајак, кого особено го поздравија помладите посетители. Пред неговото појавување, Јован откри дека токму Пајак бил еден од луѓето кои ги инспирирале повторно да се вратат на сцената и да го реализираат концертот.

По заедничкиот настап, Елвир упати посебна порака до родителите на младиот музичар.

„Сте израснале еден фантастичен, талентиран и воспитан дечко. Поздрав до вас“, рече тој.

Посебен впечаток остави и концептот „Сензација во бело“. Публиката во голем број го испочитува дрес-кодот, па арената беше обоена во бело. На влезот секој посетител доби светлечка алка која во текот на вечерта менуваше бои во согласност со сценското осветлување, претворајќи ја салата во дел од самото шоу.

По речиси два часа врвно шоу, Јован и Елвир се вратија на сцената за бис. Симболично, вечерта заврши онака како што и започна, со „Слаба точка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот