Една од најубедливите победи на Мундијалите – Југославија го прегази Заир со 9:0 и испиша фудбалска историја
Победата од 9:0 на репрезентацијата на Југославија против Заир на Мундијалот во 1974 година и денес се вбројува меѓу најубедливите во историјата на Светските првенства, а воедно претставува и највисока победа што ја остварила југословенската репрезентација на завршните турнири.
Препорачано
Светското првенство во 1974 година во Западна Германија беше посебно по повеќе основи. Тоа беше првиот турнир на кој беше доделен денешниот трофеј на Светското првенство, а воедно и едно од последните големи натпреварувања на генерацијата југословенски фудбалери предводени од Драган Џајиќ, Бранко Облак, Душан Бајевиќ и Јосип Калински.
По ремито без голови против Бразил во првото коло, Југославија во вториот натпревар од групната фаза се соочи со дебитантот од Африка – Заир. Малкумина можеа да претпостават што ќе се случува во следните деведесет минути.
Рапсодија во Гелзенкирхен
Уште од првиот свиреж беше јасно дека постои огромна разлика во квалитетот. Душан Бајевиќ ја отвори голеадата веќе во осмата минута, а потоа меѓу стрелците се запишаа и Драган Џајиќ, Ивица Шурјак, Јосип Каталински и Владислав Богиќевиќ. До полувремето резултатот беше неверојатни 6:0.
Ниту второто полувреме не донесе олеснување за африканската селекција. Бранко Облак и Илија Петковиќ ја продолжија серијата голови, а конечните 9:0 повторно ги постави Бајевиќ, комплетирајќи хет-трик и една од најдобрите партии во историјата на југословенскиот фудбал.
До денес ниту една репрезентација од просторот на поранешна Југославија нема остварено поубедлива победа на Мундијал. Во историјата на Светските првенства поубедлива била само победата на Унгарија над Ел Салвадор со 10:1 во 1982 година.
Пласманот на Заир претставуваше историски успех за африканскиот фудбал
Денешната Демократска Република Конго тогаш го носеше името Заир.
Репрезентацијата пристигна на Мундијалот како африкански шампион и стана првата селекција од Субсахарска Африка што настапила на Светско првенство. Самиот пласман претставуваше историски успех за африканскиот фудбал.
Сепак, зад сцената ситуацијата беше далеку од идеална. Играчите се соочуваа со сериозни проблеми околу ветените премии, а дел од средствата наменети за репрезентацијата никогаш не стигнале до нив. Дополнителен товар претставувале и политичките притисоци од татковината, што се одразило врз нивните настапи во Германија.
Генерација што можеше повеќе
Иако победата над Заир остана историска, Југославија на тој Мундијал не го оствари резултатот на кој се надеваше.
По групната фаза следуваше втора групна рунда, во која ривали беа домаќинот Западна Германија, Полска и Шведска. И покрај големите очекувања, Југославија не успеа да се вклучи во борбата за медали. Многумина и денес сметаат дека таа генерација поседувала квалитет за многу поголем дострел.
На теренот настапуваа фудбалери кои оставија длабока трага во европскиот фудбал, а бројни стручњаци и денес ја вбројуваат репрезентацијата од 1974 година меѓу најталентираните југословенски селекции на сите времиња. За Драган Џајиќ многумина зборуваат како за еден од најдобрите европски фудбалери од тој период.


