„Седум викенд-куќи на иста парцела“ – ДУИ објави катастарски документи и побара истрага за имотна поврзаност на Висар Ганиу и директорот на „Номагас“, Недим Рама

Демократската унија за интеграција денеска објави документи од Агенцијата за катастар кои, како што тврди, отвораат сериозни сомнежи за имотно-правните и деловните односи меѓу поранешниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу, и актуелниот директор на „Номагас“, Недим Рама, кого ДУИ го обвинува дека стекнал значителен имот и финансиски капитал додека бил вработен во Општина Чаир како советник на Изет Меџити.

Според тврдењата на ДУИ, Висар Ганиу и Недим Рама се поврзани со парцела која е регистрирана на иста локација и на која е евидентиран комплекс од седум викенд-куќи. Повикаа Државната комисија за спречување на корупцијата, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и Обвинителството итно да го испитаат случајот.

„Според официјалните податоци од Катастарот, во имотен лист бр. 730 за катастарска општина Лисец-Вонград, како носители на правото се заведени Висар Ганиу и Недим Рама. Двајцата се поврзани со парцелата 1/455, регистрирана на истата локација. За истата парцела е отворен и лист за предбележување на градба бр. 1213, каде што како носител на правото е заведен Висар Ганиу. На оваа парцела се евидентирани седум објекти со намена ‘А4-3 – викенд куќи’. Значи, не станува збор за обичен имот, туку за комплекс од повеќе викенд-објекти поврзани со лица кои до вчера управуваа со локалната власт, а денес раководат со стратешки државни институции“, велат од опозициската ДУИ.

Оттука, од партијата прашуваат кога и како е воспоставена оваа имотно-правна врска помеѓу Ганиу и Рама, со какви финансиски средства е реализирана изградбата на седумте викенд-објекти, дали овие имоти се пријавени во анкетните листови и во изјавите за имотна состојба, како и дали постојат други деловни односи помеѓу лицата кои, како што велат од ДУИ, денес контролираат значајни јавни функции.

„Ова не е политичко прашање, туку прашање на потекло на имотот, транспарентност и можен судир на интереси кај лица кои со години управувале со јавни буџети, а денес раководат со институции од стратешко значење“, додаваат од партијата.

Данела Арсовска му поднесе кривична пријава на Висар Ганиу според која едни чаирчани биле одбиени да легализираат балкони – за со нивното бројче други чаирчани да легализираат висококатници што ги граделе како малолетници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот