Николоски: Воведуваме две нови линии од Полска до Охрид, за два месеци аеродромот ќе биде целосно модернизиран
Во завршна фаза е реконструкцијата и проширувањето на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле. Николоски најави дека за околку два месеци ќе добиеме целосно нов модерен аеродром, кој „ќе изгледа како вчера да се изградил“.
Утрово слета првиот авион од Вроцлав со што започнува новата авиолинија Охрид-Вроцлав (Полска), додека веќе во вторник ќе имаме уште една нова линија од Катовице исто од Полска, што значи повеќе полски туристи, значи нови можности за бизнис и за развој на локалната економија околу Охридското крајбрежје, истакна денеска од Охрид, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Препорачано
Тој додаде дека домашните аеродроми имаат најголем раст во регионот со преку 31 % во првите пет месеци од годината, што, како што рече, се очекува да се надмине бројката од 3,5 милиони патници на годишно ниво.
„ Охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска, отвараме две значајни рути кои што ќе значат дека полските туристите можат да го посетуваат Охридскиот регион, да го посетуваат Охрид, Струга, Дебарца, локалните економии овде да растат и туризмот да расте, но исто така овие летови не се само туристички, овие летови не се само сезонски, тие треба да донесат дополнителна вредност на целиот овој регион. Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела повторно почнува да лета дестинацијата Белград-Охрид и Истанбул-Охрид, тогаш веќе приказната се заокружува. Бројките се одлични, бројките се, би рекол неочекувани”- истакна вицепрeмиерот Николоски.
Тој додаде дека нова цел е бројот на патници да надмине 4 милиони годишно.
“ Минатата година реков дека е добро да се бориме во следните две до три години да стигнеме до 3 милиони 500 илјади патници, но со ова темпо ние оваа година ќе стигнеме до 3 милиони 500 илјади патници и ќе си поставиме нова цел, тоа е за неколку години да стигнеме и до 4 милиони патници, што мислам дека е врв за нашите два аеродроми имајќи предвид дека државата е од милиони и 800 илјади жители и бројот на патници далеку ќе го надмине бројот на жители” – истакна вицепремиерот Николоски.
Во завршна фаза е реконструкцијата и проширувањето на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле. Николоски најави дека за околку два месеци ќе добиеме целосно нов модерен аеродром, кој „ќе изгледа како вчера да се изградил“.
„Реконструкцијата и надградувањето на охридскиот аеродром е нешто што долго време му требаше на аеродромот и еве конечно се случува. Некаде за два месеци од денес ќе имаме аеродром кој што ќе изгледа како вчера да се изградил, целосно ново решение, проширување на терминалната зграда, проширување на делот за слетување, проширување на делот за полетување, значи за патници на доаѓање, патници на заминување што дополнително ќе значи голем економски стимул. Ако на тоа го ставиме и автопатот Охрид-Кичево, делот кој што води до аеродромот, гледате дека веќе е завршен, за брзо време ќе имаме отворање на нови делници од овој автопат, тоа значи една целосна преродба за целиот регион” истакна Николоски.


