Дипломи - Фото: pexels-george-pak

Не е доволно да броиме колкумина дипломирале, важно е колку од нив создале економска вредност — вели професорот Ѓуровски

Македонија мора да престане да го мери успехот во високото образование според бројот на запишани студенти, факултети и издадени дипломи, а фокусот да го стави на создавање знаење, практични вештини и кадар што ќе одговори на потребите на економијата. Ова беше една од главните пораки на денешната конференција во Стопанската комора.

Учесниците предупредија дека државата повеќе не смее да создава кадар кој ќе го зголемува бројот на невработени или ќе се обучува за професии кои постепено исчезнуваат од пазарот на трудот.

Професорот Марјан Ѓуровски истакна дека високото образование мора да стане вистински партнер на економијата и двигател на развојот.

-Потребни ни се инженери, технолози, ИТ- експерти, машински и електроинженери, енергетичари и други стручни профили кои ќе создаваат додадена вредност. Следните десет години ќе бидат успешни државите што имаат продуктивна индустрија, технолошка адаптација, сопствени иновации и квалитетен кадар, а Македонија мора да биде меѓу нив – изјави Ѓуровски.

Тој нагласи дека студиските програми треба да се креираат во тесна соработка со стопанството и да одговараат на реалните потреби на пазарот.

-Не е доволно да броиме колку луѓе дипломирале. Важно е колку од нив создале економска вредност. Високото образование мора да стане развојна, а не административна политика – рече Ѓуровски.

Од Стопанската комора потенцираа дека академската заедница и бизнис-секторот не смеат да функционираат како два одвоени света.

Советничката за образование во Кабинетот на претседателот на Комората, Наташа Јаневска, оцени дека современата економија бара кадар со комбинација од теоретски знаења и практични вештини.

-На пазарот му се потребни млади луѓе со употребни компетенции, критичко размислување, способност за носење одлуки, но и иновативност и креативност- истакна Јаневска.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, предупреди дека ниската продуктивност и ефикасност на македонската економија може да се надминат само преку создавање високопрофесионален кадар со соодветно вреднуван труд.

– Продуктивноста кај нас е на најниско ниво. Решението е во високообразовани и високоплатени професионалци. Ако тоа не го направи Македонија, си потпишала смртна пресуда – порача Азески.

Лани дипломирале 7.422 студенти, 64,8 проценти од нив се жени

Учесниците заклучија дека дебатата за високото образование всушност е дебата за иднината на македонската економија, конкурентноста на државата и способноста да се создава вредност наместо да се извезуваат млади и образовани луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот