Обложувалница / Фото: EPA/TOLGA BOZOGLU

Забраната кај школите ќе предизвика „верижен економски удар“, велат газдите на кладилници

„Мерката за оддалеченост од 500 метри предвидена во новиот предлог-закон за игри на среќа не е обична просторна регулација, туку директен налог за ставање клуч на врата и затворање на легалната индустрија“, рече претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), Васко Илијевски, во емисијата „Студио 10“ на ТВ „24“, тврдејќи дека ваквото законско решение ќе предизвика „верижен економски удар, банкрот на приредувачите и експлозија на нелегалната црна економија“.

Според Илијевски, физичката дислокација на обложувалниците во урбаните средини е „апсолутно невозможна“, а дополнителните огромни финансиски давачки во законот „свесно ја туркаат кон уништување“, како што ја нарекува, „индустријата“.

„Повеќе од 10.000 директно вработени луѓе преку ноќ ќе останат без својата егзистенција, што значи дека заедно со нивните семејства, преку 35.000 луѓе стануваат идни можни кандидати за иселување од нашата држава. Дополнително, ќе бидат загрозени меѓу 50.000 и 100.000 луѓе од придружните дејности кои зависат од овој сектор, како агенциите за обезбедување, ИТ секторот и добавувачите на опрема. Ударот ќе го почувствуваат и други дејности, но и самиот државен буџет. Околу 350 милиони евра на годишно ниво се прибираат во буџетот од целокупното работење на легалните игри на среќа. Со затворањето, тие пари нема да исчезнат, туку директно ќе се трансферираат на црниот пазар, а државата нема да има никаков приход. Истовремено, ќе се случи огромен крах на пазарот на недвижности, бидејќи повеќе од 800 објекти кои сега се под закуп ќе останат празни“, рече Илијевски.

Предлог-измените на законот се закажани за прво читање во Собранието на 10 јуни. АСОМ бара итно повлекување на законот и отворање дијалог со засегнатите страни, а доколку помине на првото читање во Собраниет, Асоцијацијата најави дека ќе ги искористи сите механизми, вклучително и „масовни протести со илјадници вработени“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот