Кристина Арнаудова / Фото: Фејсбук/„Проект среќа“

ФОТО | Кристина Арнаудова обезбеди летување за 26 деца: „Аплаузите се резервирани за оние што се сликаат“

Пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова откри дека годинава преку здружението „Проект среќа“ се обезбедени средства за летување на 26 деца од социјално ранливи семејства, кои благодарение на донации ќе заминат на одмор во Македонија, Грција и Црна Гора.

Арнаудова, која повеќе од една деценија активно работи на проекти за поддршка на деца и семејства во ризик, по овој повод се огласи на социјалните мрежи, посочувајќи дека и покрај значајните резултати, поддршката и видливоста на хуманитарните акции честопати изостануваат.

Таа истакна дека ретко јавно зборува за работата на „Проект среќа“, иако, како што наведува, токму хуманитарниот ангажман е во фокусот на нејзиниот живот во последните 11 години.

„Имам една мана. Преретко зборувам за она кое секојдневно го работам. За хуманитарната работа. Секоја година ‘Проект среќа’ организира летни кампови за деца кои никогаш не биле на летен одмор, и не можат да си го дозволат тоа… Така и оваа година!

Оваа година, до овој момент, обезбедени средства за летни кампови за 26 деца! Грција, Македонија, Црна Гора… каде имаат желба, таму! Благодарение на донации на физички лица, армијата на ‘Проект среќа’“, напиша Арнаудова.

Фото: Скриншот/Инстаграм
Фото: Скриншот/Инстаграм

Во објавата таа посочи дека реакциите на ваквите иницијативи често се минимални, дури и кога станува збор за проекти насочени кон помош на деца.

„Вистината е дека, всушност, не објавувам со една причина. Реакцијата на овој профил, од оние кои навистина можат да помогнат, е скоро непостоечка. Нема ниту споделување! За децата на Македонија. Иднината. Оние пред кои затвораме очи. И пред неколку години решив дека секако нема реакција, па подобро да си ќутам и да работам!“, наведува таа.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Арнаудова се осврна и на јавната перцепција за хуманитарната работа, оценувајќи дека најголемо внимание добиваат оние кои постојано ги објавуваат своите активности.

„Но, тоа има свои последици. Реакциите аплаузите и разните награди се резервирани само за оние кои секој свој чекор го сликаат и објавуваат. Бројат и зборуваат. Имам расчистено дека награди, аплаузи и тронови не ми требаат мене, јавниот живот не ме интересира веќе некое време. Но, на ‘Проект среќа’ да, затоа што само така можеме да им помогнеме на децата!“

Фото: Скриншот/Инстаграм

На крајот од објавата таа испрати порака за важноста на личниот придонес и солидарноста во општеството.

„Мојот живот веќе 11 години е генерално ова. Борба за секоја една донација. И за секое дете! За еден тон проекти, и сето тоа без многу бука, галама и фама! Ако вие сте едни од тие на кои им е мачно еден лајк да стават за поддршка на „Проект среќа“, не гледам зошто би ме следеле мене? Ако бараме промени, а мачно ни е еднаш годишно да дадеме нешто од себе, притоа имајќи повеќе од што ни е потребно, тогаш проблемот не е во општеството, туку во нас!“, порача Арнаудова.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Интервју со пејачката Кристина Арнаудова: За Велигден домот да е шарен и полн со љубов, најважно е да сме заедно

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот