Кристина Арнаудова/Фото: Приватна архива

Интервју со пејачката Кристина Арнаудова: За Велигден домот да е шарен и полн со љубов, најважно е да сме заедно

 „Јајца вапсувам во неколку бои, секогаш домашни јајца, и секогаш прво црвените, па сини, зелени, виолетови… не ги китам многу и не експериментирам“, вели Арнаудова.

Во пресрет на Велигден разговараме со поп-пејачката Кристина Арнаудова, која ни открива како ги доживува празниците, зошто ѝ е важно домот да биде шарен и исполнет со љубов, но и дека најважно од сè е сите да бидат заедно. Таа зборува и за својот животен баланс, музиката, „Проектот Среќа“, кој е нејзина лична карта, како и за мајчинството и вредностите што ја водат и приватно и професионално.

Кристина Арнаудова/Фото: Приватна архива

Пролетта секогаш носи нова енергија, па за почеток на разговорот, влијае ли врз твоето расположение и мотивација?

– Сите мои блиски знаат дека мојата енергија, активност, излегување од дома, па и интензитет на работа и комуникација зависи од времето. Метеопат сум цел живот, па кога е дождливо и мрачно и јас сум забавена. Пролетта ми е како ново раѓање секоја година! Нешто што ме крева, ме буди, и ми става насмевка и енергија. Мислам дека поголемиот дел од луѓето така реагираат на пролетта, што е сосема разбирливо.
Сакам пролет и лето и се трудам секоја зима да си направиме едно лето некаде ха-ха-ха, односно одиме семејно некаде на топло барем седум дена.

Кристина Арнаудова/Фото: Приватна архива

Се ближат велигденските празници, па каде ќе го поминеш Велигден?

– Велигден е семеен ден, како и секој поголем празник. Значи семејно ќе сме некаде, а дали дома или некаде на краток одмор, сè уште не знам. Важно е да сме заедно и да имам вапсано јајца и убави да излезат. И да има црква во близина затоа што традиционално на полноќ сакаме да сме таму.

Како изгледа твојот дом за празниците и дали се држиш до традицијата на црвено вапсани јајца или ги следиш и новите трендови?

– Многу сакам да е накитено, шарено, весело, за сите празници. Не пропуштам можност за украсување. Јајца вапсувам во неколку бои, секогаш домашни јајца, и секогаш прво црвените, па сини, зелени, виолетови… не ги китам многу и не експериментирам.

Неизбежно е да те прашам за она што стана и твоја лична карта, „Проект Среќа“. Низ сите овие години не само што успеа да им помогнеш на ранливите категории, туку успеа и да ја одржиш оваа приказна. Колку беа потребни желба и посветеност?Очекуваше ли дека ќе се издигне на толку високо ниво?

– „Проект Среќа“ од моја детска желба, стана сон, и минатата година наполни 10 години. Неверојатно дека помина една деценија во создавање проекти за илјадници деца и семејства во социјален ризик. Започнав без идеја како точно ќе се развива, само знаев дека сакам да создадам посреќен живот за деца на кои тоа им е потребно.
Мислев дека ќе биде многу полесно. Навистина очекував голема поддршка од бизнис-секторот, бидејќи проектите што ги работам се однесуваат на голем процент од населението. Исто така, „Проект Среќа“ е единствено здружение што работи за сите деца во социјален ризик без ограничување и преферирање одредена група, што ја прави бројката огромна. Почнав со голем ентузијазам и направив тим што „Проект Среќа“ навистина ја направи лидер во тој сектор, особено поттикнување филантропија кај населението и кај бизнис-секторот. По неколку години сфатив дека ќе биде тешко, бидејќи донациите од компании и институции навистина беа симболични, но се надевав дека со поголеми проекти и поддршката ќе се зголеми. Иако популарноста и поддршката од јавноста низ годините се зголемуваше, донациите од оние што треба да се двигатели на општествените промени, големите корпорации што благодарение на граѓаните се толку големи, сепак изостана. Направив пауза од работа, а поголемите проекти како училиштето за музика и уметности, кое беше бесплатно за децата во социјален ризик, летниот камп, детското драмско студио, ги ставив на пауза, а некои и мораше да згаснат. Сето ова што сега го гледате е плод на мојата желба да го правам тоа и вечниот ентузијазам што го носам во себе, со помош на неколку волонтери работиме сѐ она што го гледате. „Проект Среќа“ може да помага најмногу благодарение на обичните граѓани, физичките лица што најмногу донираат и имаат доверба во нас. Нивната поддршка е голема и со текот на времето станавме повеќе граѓанско движење отколку здружение.

Кристина Арнаудова/Фото: Приватна архива

Колку сите тие лични приказни на децата од ранливите категории ги носиш со себе и кои се следните чекори со „Проект Среќа“?

– Голем дел од тие деца ми станале инспирација за следните проекти што сум ги работела, нивните приказни и љубовта што сме ја размениле ми дале сила да работам уште повеќе, и голем дел од нив засекогаш ги паметам. Некои се со нас од 10 години, а сега се веќе возрасни луѓе, на факултет, некои веќе со успешни кариери! Горда и среќна сум што сум била една коцка во нивниот мозаик кон успехот, среќата и остварувањето на соништата. Пружената рака кога ти е тешко, особено кога си дете и немаш кому да побараш, значи многу. Токму затоа секогаш одлучувам да бидам таа што ќе пружи рака за помош. Секому од нас некогаш му била потребна таа рака.

Музиката секогаш е дел од тебе. Што се случува на музички план?

– Освен што слушам музика, ништо друго особено не се случува. Веќе неколку години сум во музичка апстиненција, што се однесува до моја авторска музика. Не знам дали тоа некогаш ќе заврши, дали некогаш пак ќе снимам или не. Во животот научив да си го слушам срцето, ништо не правам затоа што така се очекува од мене. Па така и со музиката. Кога срцето ми кажа дека е доста, ставив точка. Или запирка. Тоа не се знае никогаш. Јас сум личност со многу интереси и соништа, и се трудам да си ги остварам сите. Како мала сакав да пеам, сакав да помагам на деца, да се занимавам со хуманитарна работа, сакав да патувам, сакав еден ден да бидам најдобра мајка и сопруга… и сето тоа го правам и уживам во тоа! Но, имам уште некои соништа на кои работам и уживам во процесот. Не верувам во тоа дека човек е роден само за едно нешто. Сите ние имаме различни таленти и желби, и ако успееме да ги оствариме и бидеме успешни во тоа, тоа е вистинска среќа!

Кристина Арнаудова/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот