Илустрација - панголин / Фото: Danny Ye / Alamy / Profimedia

Најшверцуван див цицач во светот — како еден панголин преживеал и се вратил во природата?

Панголините се најшверцуваните диви цицачи во светот. Во исто време, нивната рехабилитација бара огромна грижа и стручна помош. Сепак, дури и оние што ќе завршат во синџирот на нелегална трговија можат да бидат спасени. Ова е приказната за панголинот Стиви, кој беше вратен во природата и денес успешно живее во дивината, пишува Би-би-си.

Беше потребен голем напор за да се спаси тримесечното младенче панголин по име Стиви. Тој беше спасен во 2021 година од синџирот на нелегална трговија со панголини на улиците на Јоханесбург во Јужна Африка. Во следните шест месеци за него посветено се грижеше специјализираната ветеринарка Келси Скинер, која му обезбедуваше медицинска нега, го хранеше со млечна формула за мачиња и го учеше самостојно да пронаоѓа храна во природата,.

Стиви припаѓа на видот „теминков панголин“, а името го добил по Стивен Кун, водич на полициско куче во јужноафриканската полиција, кој имал клучна улога во апсењето на шверцер на диви животни што се обидувал да го продаде младенчето, вели Скинер. Таа додава дека биле потребни неколку дена интензивни преговори во рамките на тајна операција за шверцерот да биде уапсен.

Во тој момент младенчето сè уште требало да биде со својата мајка, но неа никаде ја немало, вели Алексис Крил, извршна директорка на Африканската работна група за панголини, непрофитна организација со седиште во Јужна Африка.

Панголините, познати и како лушпести мравојади поради нивната исхрана која главно се состои од мравки и термити, се единствените цицачи во светот покриени со крлушки. Тие се сметаат за најшверцуваните диви цицачи на планетата. Проценките покажуваат дека од 2000 до 2016 година повеќе од еден милион панголини биле нелегално продадени на меѓународниот пазар, додека заплените на производи од панголини меѓу 2016 и 2024 година укажуваат дека во тој период биле предмет на трговија најмалку уште половина милион единки.

„Не можете да зачувате вид ако повеќе нема единки што треба да се зачуваат“, вели Ники Рајт.

Во последните децении полицијата и невладините организации во африканските земји ги засилија напорите за спасување на панголините што завршуваат на црниот пазар. Во Јужна Африка дури 80 проценти од пронајдените панголини сè уште се живи во моментот на спасувањето.

Сепак, спасувањето е само првиот чекор. Панголините што биле предмет на шверц често се млади или повредени, а истовремено многу тешко поднесуваат живот во заробеништво, поради што нивната рехабилитација е исклучително сложена. Тука настапуваат експерти како Скинер.

По неколкумесечно закрепнување, Стиви во 2022 година успешно бил вратен во природата.

Неговата приказна е дел од сè поголемите напори панголините да се враќаат во нивните природни живеалишта — долг и сложен процес што би можел да биде пресуден за опстанокот на овој необичен и често занемарен вид.

Африканските панголини денес се во самиот центар на нелегалната трговија со диви животни, една од најголемите гранки на организираниот криминал во светот.

Побарувачката доаѓа главно од Источна Азија, каде што нивните крлушки се користат во традиционалната медицина, додека нивното месо се смета за деликатес. Значаен пазар претставуваат и Соединетите Американски Држави, каде што крлушките се користат во модната индустрија. Меѓународната трговија со панголини беше забранета во 2016 година, но нелегалната трговија и понатаму продолжува.

Бидејќи шверцот на азиските видови панголини доведе речиси до нивно истребување, Африка стана главен извор за ова нелегално пазариште. Заедно со губењето на живеалиштата и ловот за месо и традиционална медицина шверцот придонесе сите четири африкански видови панголини денес да бидат загрозени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот