ВИДЕО | Шест дена меѓу животот и смртта — Дава Шерпа преживеал на Еверест јадејќи чоколатца и „џвакајќи мраз“
Непалскиот водич Дава Шерпа (57) кој беше пронајден како лази по падините на Еверест цели шест дена откако последен пат беше виден жив, за „Би-би-си“ откри дека преживеал благодарение на тоа што „џвакал мраз“ и изел неколку чоколатца што случајно ги нашол во џебот. Дава е дециден дека воопшто не се „изгубил“ за време на спуштањето, туку едноставно бил принуден да „остане зад групата“ откако сакал малку да се одмори.
Препорачано
Бидејќи сите претпоставувале дека Шерпа е мртов, неговото семејство во главниот град на Непал, Катманду, веќе започнало да ги извршува последните верски и погребни обичаи. Сепак, за среќа, во последен момент бил забележан од еден еколошки тим за чистење како буквално се „лизга“ по планината во правец кон Базниот камп.
Тој веднаш со хеликоптер бил префрлен во болница во Катманду, каде што моментално се лекува од тешка дехидрација, скршеница на коска.
„Воопшто не мислев дека ќе останам жив. Мислев дека тоа е мојот крај и дека ќе згаснам таму горе“, изјавил Дава од болничкиот кревет.

Оставен на 7.500 метри надморска височина
Алпинистот Крис Трал бил последниот човек кој го видел Дава жив пред неговото спасување. Трал, кој е поранешен британски војник, раскажува дека 57-годишниот водич седел на својот ранец малку над Кампот 3, на околу 7.500 метри надморска височина „како што го правел тоа стотици пати претходно, за малку да здивне“.
Трал продолжил да се спушта сам, но набрзо наишол на друг член од групата, полски алпинист кој останал без кислород и имал сериозни смрзнатини. Бидејќи вниманието веднаш го насочил вниманието за да помогне и да го симне човекот, кога погледнал нагоре, од Дава немало ни трага ни глас.
Заробен во ледена бездна
Останувајќи речиси без кислород, Дава повеќе не можел да оди.
„Првите два дена не каснав апсолутно ништо. Потоа почнав да џвакам чист мраз. Страшно ме болеа забите, но морав силно да го гризам за да се стопи“, раскажува тој. Подоцна во џебот напипал неколку заборавени чоколатца, а некако успеал да стопи и малку мраз за да се напие вода.
Но, пеколот тука не завршил. Додека се обидувал сам полека да се симне, Дава пропаднал во длабока пукнатина во ледот. Таму останал заробен цели два и пол дена, не можејќи да најде излез од ледената стапица.
Спасот пристигнал од таму каде што најмалку очекувал, од лавина. Голема количина на снег паднала во пукнатината, што му ја дало првата надеж по неколку дена.
„Откако снегот ја пополни дупката, стапнав на него, се исправив и погледнав нагоре. Сфатив дека конечно можам да излезам“, вели Дава. Откако се дофатил до сигурните јажиња кои биле поставени во близина, продолжил да се пробива низ планината ноќе, преживувајќи уште една лавина, сè додека не стигнал близу Базниот камп каде што конечно ги сретнал момците од еколошкиот тим кои го симнале на безбедно.
Неговото преживување е вистинско чудо
Веста за неговото преживување предизвика шок и невидена радост кај локалната заедница на Шерпаси, но најмногу кај неговото семејство кое веќе се збогувало со него. Годинава на Еверест веќе загинаа петмина алпинисти, што прави ова преживување да биде рамно на вистинско чудо.
Неговата сопруга, Даму Шерпа, признава дека комплетно ја изгубила надежта откако од компанијата ѝ соопштиле дека спасувачка мисија на таа висина е едноставно невозможна.
„Кога го видов жив во болницата, се потресов. Не ми се веруваше на сопствените очи дека се врати безбеден. Се прашувам како успеа да остане жив толку долго на таа висина без храна. Се надевам дека никој никогаш нема да ја доживее оваа судбина“, изјавила сопругата, а неговата ќерка потврдила дека татко ѝ е добар, веќе комуницира со нив и сите се пресреќни.
Лекарите од болницата во Катманду соопштија дека Дава Шерпа е во стабилна состојба и неговата дехидрација покажува значително подобрување, иако сè уште ја прима целата потребна медицинска нега на одделот за интензивна нега.


