Разузнавачко истражување на затскриената вистина за настаните во светот ќе има промоција во Скопје
Долгогодишната анализа на настаните низ светот објавена во два тома под наслов „Исламски пајак во европска мрежа“ од проф. Иван Бабановски и Мартин Димковски Бабагинин ќе има промоција на 10 јуни, во 12 часот, во хотел „Бест Вестерн – Турист“ во Скопје.
Препорачано
Промотори на двата тома од книгата ќе бидат проф. д-р Самуел Колономос Садикарио, проф. д-р Владимир Пивоваров и д-р Гроздан Цветковски.
„Најголема чест е студентот еден ден да стане рецензент на научен труд на својот професор. Токму тоа се случува. Со авторот, мојот професор Бабановски, на теоретско, но повеќе на практично ниво соработувам 45 години. Темава за која е единствениот експерт во земјава ја дебатиравме многу долг период. Многубројните негови научни трудови поврзани со темава, а се однесуваат на заканите на национално, регионално и глобално ниво, за жал, од владите не се сфатени како закана од најголем приоритет. Во овој труд, многу концизно и разбирливо, а поткрепено со аргументи и факти се елаборирани заканите кои постојат и нè очекуваат во иднина“, истакнува проф. д-р Владимир Пивоваров.
Книгата е објавена во издание на „Академска мисла“ и е дело на професорот Иван Бабановски во кое како соавтор му се приклучува долгогодишниот соработник во истражувањата, Мартин Димковски Бабагинин.
„Иако истражувањата претежно се фокусирани врз поранешна Југославија и на нејзиниот крвав и насилен распад, кој неизбежно ги зголеми и меѓунационалните и меѓуверски тензии на Балканот, сепак, авторите настојуваат да го свртат вниманието на инволвираноста на разузнавачките служби и нивното активно учество во поттикнување на разгорувањето на граѓанската сецесионистичка војна. Впрочем, тие недвосмислено истакнуваат дека се обидуваат да ја пронајдат затскриената вистина за настаните во светот и во субрегионот Балкан. При тоа, се убедени дека таа ‘вистина’ е вешто облечена во маскирно руво, затскриена злонамерно во магла од полувистини, лаги и дезинформации од страна на добро контролираните мас-медиуми“, напиша рецензентот д-р Гроздан Цветковски, криминалист и разузнавач.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 334, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.6.2026)


